top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-Муабет: Како си поминавме на Skopje Poetry Festival?

За првпат нашиот главен град добива свој поетски фестивал. За првпат

поезијата се одомаќини и во Скопје и доби свое интимно катче каде што може да се шири, пишува, негува, одржува и промовира. Поезијата долго време се криеше по скопските кафулиња, на мали или поголеми поетски читања, та конечно го доби официјалниот простор за искажување, а сите кои пишуваме поезија би требало да знаеме колку е тоа важно за поетите од еден град (или од една држава).


Оваа недела, на 1-ви и 2-ри септември, дел од членовите на Култура β присуствуваа на првиот Скопски поетски фестивал одржан во Младинскиот културен центар. Тимот на СПФ организираше две интимни вечери посветени на поетски читања на македонски автори, претставување на автори од странство кои или физички или преку видео-претставување ја претставија својата поезија, а публиката имаше можност да погледне и неколку поетски филмчиња по мотивите на поезијата на авторите кои читаа втората вечер, како и краткометражни аналогни и експериментални филмови од фестивалот „Киноскоп“ од Белград. Публиката имаше можност да погледне и 16 ликовни дела кои наши артисти ги изработија, повторно, по мотиви на песни од авторите кои учествуваат на Првиот Скопски поетски фестивал.

На кратко би прошетал низ програмата! Првата вечер од фестивалот, 1-ви септември, беше отворена со сегментот СТИХОФРЕНИЈА при што 13 автори интерпретираа своја авторска искомбинирана со стихови од народна поезија. Чувме поезија од Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Лира Бојку, Марија Дејановиќ, Сергеј Тимофеев, Ива Дамјановски, Павлина Атанасова, Диме Данов, Ана Голејшка Џикова, Биљана Стојановска, Снежана Стојчевска, Ѓоко Здравески и Јулијана Величковска. Пред тоа вечерта ја отвори Ана Голејшка Џикова која ги интерпретираше стиховите од „За нас почнува живот“ најавувајќи го фестивалот со ново име, како цвеќе кое расте баш од тој час! Сите поети беа придружени со музичка поддршка од автентичните ВИС „Тркалезна маса“. Паралелно со поетското читање, во фоајето пред кино „Фросина“ течеше изложбата на дела што се директно инспирирани или комуницираат со конкретна песна на секој од поетите кои настапија на фестивалот.


Втората вечер, беше пораздвижена и подинамична. Тоа беше интернационалната поетска вечер. За жал поради пандемијата многу од странските гости имаа видео обраќања до публиката, но несомнено успеаја да ја пренесат својата поетска чувствителност и преку екранот. А поетски препеви на македонски јазик интерпретирани од Ана Голејшка Џикова и Андреј Ал-Асади само допринесоа за уште поголемо поетско уживање. Се читаше поезија на хрватски, руски, грчки, фарски, македонски... Пред секој автор имавме можност да погледнеме по еден кус поетски филм кои беа изработени од Валентина Бактијаревиќ од Србија, а во себе содржеа огромна поетска длабочина, искреност и нежност и дополнително влијаеа на поетската естетика на целиот фестивал. На средина на вечерта, како што веќе и кажав, публиката имавме исклучителна можност да погледнеме и 6 експериментални аналогни филмови од селекциите на фестивалот „Киноскоп“ од Белград.

За овој краток осврт кон првото издание на Скопскиот поетски фестивал побарав и кус коментар од една од организаторките – Ана Голејшка Џикова. „Уф! Прекрасно!“ беше првата реакција кога ја прашав како е задоволна од првото издание. „Мислам дека сонот што си го сонував се оствари, пред сè зашто ова е нешто што долго време е мислено, планирано од различни луѓе и на крај некако се случи тоа што се случи, се вивнавме во етерот. Многу сум задоволна, многу сум среќна, срцето ми е полно и се радувам што имаше толку многу луѓе!“ додава Ана.

Ана Голејшка Џикова

Да се организира фестивал од нула, во пандемиски услови и тоа прво издание звучи како огромен предизвик, Ана за тоа вели: „Прво имавме момент: „Луѓе што ќе правиме, дали ќе го одржуваме или не!?“, зборувам некаде веќе кога се приближи крајот на август, а веќе знаевме дека со пандемијава нема начин да дојдат странците, значи ни откажаа. Програмата беше многу пообемна со секакви работи, моравме да ја скусиме, моравме да ја адаптираме, се нервиравме, се секиравме, меѓутоа, веројатно, силата и љубовта на сите луѓе вклучени во фестивалот е тоа што е најголемата магија бидејќи го направивме тоа што го сакавме, а кога сакаш нешто да направиш, ќе го направиш.“


Фестивалот заврши со порака дека ова е само почетокот, па ја прашав Ана дали веќе има планови за второто издание – „Второ издание секако наредна година и со голема желба и надеж дека короната ќе стивне, дека ќе можат да дојдат странци, дека ќе можеме да се вмрежиме со многу луѓе од околината затоа што имавме гости кои што се од Србија, Хрватска, Грција меѓутоа не можеа да дојдат иако се блиску. Ќе траеме, ќе организираме многу други работи, многу поинакви програми, се надевам, бидејќи ако нема корона ќе има сè друго. Да сме живи и здрави и да се следиме, да се читаме, да пишуваме и да ја славиме поезија бидејќи фестивалот токму тоа и го претставува.“ вели Ана.


На СПФ можам само да им посакам уште долгогодишно славење на поезијата, многу магија, искрени изблици поетска слобода и уште многу читање и пишување. Се гледаме догодина!


 

Фотографии: Диме Данов; преземени од официјалната Facebook страна на СПФ.

Comments


bottom of page