top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-Муабет со Дина Јашари

Последниве години македонската младинска музичка сцена може да се каже дека значително се зголеми со мноштво нови имиња. Иако ситуацијата звучи “трагично“ според оние муабети кои често знаат да се слушнат за опустошувањето на македонската музичка сцена и недостигот од нови имиња сепак не мислам дека ситуацијата е толку депримирачка. Фактот дека пред околу 3 недели се случи во иста недела дури 4 младински артисти да извадат нова песна значително го дополнува музичкиот опус достапен за слушање, а очигледно е дека пандемијата сепак не била така демотивирачка за творење.

Дина Јашари

Меѓу тие четири музички артисти, ново музичко дело извади Дина Јашари – мил лик кој твори нежна музика надополнувајќи ја со свои стихови која за себе и својата музика вели „Ќе кажам еден збор за двете – искрена“. Искреност е можеби најсоодветното чувство што се јавува кога зборуваш со Дина, а истото чувство се пројавува и кога се слуша нејзината нова песна насловена како ,,Бои“. Искреност, нежност, метареалност.



Веќе реков искреност, нежност и метареалност, главните чувства што се среќаваат како реакции на музиката на Дина, па ја запрашав за нејзиниот начин на творење, како започнува со пишување на една песна, дали има одредена своја формула или создавањето на една песна е чиста слобода која за секоја наредна песна е различна од претходната:


„Процесот на создавање на една песна секогаш почнува исто, но нема конкретни правила, формула и редослед. Почнувам од една идеја, мисла, емоција што сакам да ја доловам: пишувам текст, правам мелодија и “се пратам” на гитара или пијано, правам разни комбинации и варијанти од сите овие елементи и понекогаш стигнувам до нешто добро. Откако песната добива форма и “живот” само така отпеана со еден инструмент, почнувам со продуцирање.“

Дина Јашари

Пандемијата на еден или друг начин влијае на секоја една индивидуа, едноставно е невозможно да направиш нешто од стандардната нормалност, а тоа да не е барем малку изменето од т.н. „нова нормалност“. Па неизбежно беше да се постави прашањето дали пандемијата менува нешто со плановите во однос на нејзината кариера?


,,Во однос на кариерата, сега за сега знам дека тоа е музика. За жал пандемијата ни ги смени плановите на сите, стигнавме до момент каде што не можеме ништо да планираме. Сега за сега се фокусирам на студиите на ФМУ и на создавање музика дома, па кога ќе имам шанса за настапи, би била многу среќна со тоа“.

Дина на фестивалот ,,Добра Идеја“

А што најмногу ѝ недостасува од нормалното секојдневие – секако дека тоа ќе се свирките и културните настани. ,,Многу ми фалат сите културни настани, концерти, театар, проекции на филмови, итн... Среќна сум што летово се одржаа такви настани во контролирани услови, со сите мерки запазени, тоа многу ме “крена” и ми помогна при справувањето со целава ситуација повеќе да ценам и да се радувам на мали нешта. А инаку најмногу ми фалат гушки“. Дина летово настапи на фестивалот ,,Добра идеја“ одржан во МКЦ, па ни кажа дека тоа е и нејзиниот настап:


„Најомилениот настап до сега ми беше токму оваа година, со мојата авторска музика бев дел од онлајн стрим фестивал- Добра Идеја во МКЦ. Се одржа на мојот роденден (хехе) и таму ги отпеав моите омилени песни. Голема заслуга за убавото искуство имаат луѓето што свиреа со мене на сцена, имаше многу убава енергија и уживав во секој момент. Видеото од стримот можете да го погледнете на мојата фб страна. “

За човек да може да создава музика која се носи со епитетите кој веќе ги наведов погоре мора да има неисцрпна инспирација која ќе биде присутна низ секое дело; која е инспирацијата на Дина?


„Колку и да е клише - мама и тато“ додава таа.


Пајак од ,,Пеперминт“ на настапот на Дина на AlterScene ѝ рече ,,тебе те прати среќна ѕвезда“ и очигледно е дека до сега на Дина супер ѝ оди, па кои се следните планови, ја прашавме како се гледа себеси во иднина како музичар:


„Поспремна (технички), поискусна, понаслушана музика, поумешна, сѐ “по”... Ама со истиот жар и желба за напредок .“

За крај, пораката на Дина до сите оние кои сакаат да се бават со музика, а сè уште не почнале со тоа е:

„Да бидат искрени, свои, да се заљубени во тоа што го прават, да не пробуваат да се вклопат во она што е “модерно” и што “пали” кај публиката. Немаме многу нова македонска музика, а имаме многу убав јазик што вреди да се искористи.“

Сигурен сум дека допрва нè очекуваат нови музички убавини од Дина, а и воопшто од македонска музичка (алтернативна) сцена, а до следниот β-муабет #СлушајтеМакедонскаМузика !

Comments


bottom of page