Oткако оваа недела Министерството за образование и наука ја објавија одлуката дека Бирото за развој на образование во соработка со ХЕРА ја започнуваат пилот програмата за обучување на наставници за новата програма за Сеопфатно сексуално образование (понатаму во текстот ССО), темава повторно стана една од најзборуваните и повторно ги подели, особено родителите, на оние кои се за и против ваквиот вид на едукација.
Со самото објавување на веста, низ медиумите и социјалните мрежи, од еднастрана може да се видат пофални коментари и позитивни реакции за еден ваков важен, и повеќе или помалку голем, исчекор за македонскиот образовен систем, но од другастрана беа истурени и дузина негативни коментари. Меѓу ваквата негативност по повот отпочнуваето на подготовките за ССО можеа да се сретнат мноштво неумесни, неаргументирани, а би си дозволил да речам и неартикулирани и помалку вулгарни коментари чија цел, или сосема случајно, ја промашуваат темата и ја носат истата во еден сосема погрешен правец. Па така наместо согледувањето на вистинската потреба, или пак, барем мало подразмислување зошто е ССО потребно, ние бевме соочени со коментари од типот „дали ќе има практична настава“, целосно вулгаризирање на сексот и сексуалното образование, како и коментари од типот на тоа дека вака младината се носи во неморал и наместо да се учи веронаука (предмет кој, инаку, постои како изборен под името „етика на религии“) децата ќе се учеле на секс уште од мала возраст и ќе се „изопачувале“ т.н. вистински вредности. Но дали е тоа така, малку подолу во текстот.
Во нашето општество, очигледно сексот и сексуалното образование се сè уште табу тема. Зошто? Изгледа од многу причини, сепак можеме само да нагаѓаме, секако никогаш не би го погодиле вистинското извориште на проблемот. Кога би навлегол во дискусија, по повод прашањево, дефинитивно би дошол до дистинкцијата на „конзервативно“ и „либерално“ поделените определби – можеби и е тоа поводот на такви различни реакции. Од другастрана можеби големото религиско влијание, кое го има традиционално низ нашето општество, е уште едно од оние причини поради кои и не може да се очекува да се прифати туку-така ваквиот тип на образование. Традиционалните вредности, она некако општоприфатено мислење „ќути си ќерко – интимна работа“ и ред, ред други нешта влијааат на поделеноста на реакциите со ваквата, според некои скандалозна, според други насушна и сосема одлична одлука.
Но, за да се запознаеме подобро со суштината на Сеопфатното сексуално образование во денешното издание на β-муабет разговарам со Катерина Иванова која е врсничка едукаторка по ССО, како дел од ХЕРАмлади. Таа има 19 години, втора година е на Правниот факултет при УКИМ, а за себе вели дека слободното време го користи токму на темава т.е. на активизам за сексуално и репродуктивно здравје и права.
Нашиот муабет го започнавме со едно прашање околу што е тоа ССО, како го дефинираме и кои се целите на ваквото образование. „ССО е програма која има за цел да ги информира младите на темите како што се сексуалното здравје и права, насилството, разбирањето на различностите, прифаќањето на сликата за себе, разбирање на сопствениот развој, врските и други клучни теми за младите. ССО значи информација, а информацијата значи здрава и среќна младина.“ нè воведе Катерина на самиот почеток на разговорот. Потоа додаде дека ССО е потребно за младите и е наменето токму за нив. „ ССО е потребно пред сè бидејќи младите се, нормално, љубопитни на овие теми и овие теми се нивно секојдневие. Но кога нема релевантен извор на информации, младите се вртат кон неиздржани извори, митови, “бабини деветини". Ова има страшни последици по здравјето и благосостојбата на младите. ССО има за цел да ги искорени овие пракси и да даде еден нов тип на знаење кое и те како е потребно.“.
Мислам дека главната, и првичната цел, е да се разбере ова! Не може да се очекува, а верувам дека и не се очекува, туку-така, веднаш да се прифати воведување на ССО, но како што и Катерина ни кажа, подобро да се започне од некаде. Приказната за истапувањето чекор напред кон почеток на имплементација на ССО започнува со четири училишта во Скопје и Тетово, во рурални и во урбани средини. Претпоставувам намерно избрани и лоцирани со цел запазување на еднаква застапеност и на рурално-урбаниот карактер како и на етничката застапеност.
Но, сепак, ќе се навратам на тезите од погоре за подготвеноста за прифаќање на ССО во нашето општество? Дали сме подготвени? Катерина вели дека апсолутно доцниме: „Младите го бараат ССО со генерации наназад, но за жал институциите долги години беа глуви за гласот на младите. Но сепак, подобро подоцна, отколку никогаш. Затоа не се задржувам на темите од типот “што би било кога би било". Сега сме тука, имаме историска шанса и треба да ја претвориме во најдоброто нешто што можеме. ССО никогаш повеќе не смее да чека.“, а потоа додаде дека „Не само што сме спремни, туку и доцниме. Иако нашата држава е можеби поназад на овие теми, токму тоа е причината зошто мора да се воведе веднаш. Ако чекаме да се еманципира населението само по себе, ќе цупкаме во место, а и ќе биде срамота да се наречеме активисти. Позитивната промена е потребна онаму каде што е најмрачно. Затоа сметам дека ССО е елемент кој одамна недостига во нашиот образовен систем.“.
И да, можеби навистина недостига, но како ќе се убедиме дека навистина е потребно ССО и како би ги избегнале предрасудите кои, како што погоре и изложив, беа доста неразбирливи и целосно надвор од рамката на соодветна критика по повод воведување на ССО?
„Ова би го нарекла само уште еден тип на едукација. Нема тука некоја филозофија, освен информации, информации и информации. Истражувањата покажуваат дека ССО ги превенира токму таквите појави (прерано отпочнување со сексуална активност, ширење на сексуално преносливи инфекции, висока стапка на насилство, тинејџерска бременост, токсични врски, дискриминација, стигма). Од земјите кои практикуваат ССО во формалниот систем гледаме дека токму овие појави се вртоглаво намалени, а младите носат информирани одлуки кои им овозможуваат среќна и безгрижна младост. Кој родител не сака среќа, безбедност и безгрижност за своето дете?“ додава Катерина.
И навистина кој родител не сака среќа, безбедност и безгрижност за своето дете? Која е главната порака на Катерина која ја испраќа токму до скептиците за ССО?
„ Младите се оние за кои е ССО. Мојата порака е да го искористиме максимално, да земеме сè што можеме од ССО, постојано да го дополнуваме, надоградуваме и дообликуваме. Сега сите заедно сме во овој процес. ССО е младинско, било и ќе остане. Да си го негуваме како такво е најклучно во оваа битка.“
И за крај, ваквите анализи, дискусии и понатамошни муабетчиња би биле корисни единствено за подигање на свеста за сè поголемо прифаќање на ССО, а потоа треба сите да се насочиме кон акција, не наметнување, туку вистинско аргументирање за потребата од Сеопфатно сексуално образование и конечно негово имплементирање.
За повеќе околу програмата и планот за ССО читнете тука: https://hera.org.mk/hera-i-bro-zapochnuvaat-so-pilotiranje-na-sso/
コメント