top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-муабет со Леонид Велковски за краткометражниот филм „Црното платно“

Нов β-муабет за нов краткометражен филм објавен на Култура β! Муабетиме за „Црното платно“ – уметнички филм за уметноста и уметничкото дело и нивната релација со публиката. Накратко муабетам со Леонид Велкоски кој дава интересен осврт за својот краткометражен филм.


Андреј: Но најпрво, кој е и како Леонид би се опишал себеси?


Леонид: Најтешко прашање за одговор е токму ова прашање. Да се погледнеш правиот себеси, а да не се идолизираш или од друга страна строго да се критикуваш е невозможно. Мислам дека другите луѓе до некаде го гледаат тоа што ти во тебе не можеш да го видиш, а ти го знаеш за тебе тоа што другите сигурно не би го знаеле. Секогаш е двострано. Јас за мене би кажал дека често сум отсутен, секогаш размислувам за нешто, а кога сум тука, тоа сигурно некаде го запишувам. Другите сигурно за мене би кажале многу повеќе, со различни луѓе, различна слика.


Андреј: Но сега за филмот, што за Леонид значи „Црното платно“?


Леонид: Јас ,,Црното платно” го сфаќам како еден ,,флуиден” експериментален

филм. Секој може да си даде свое значење на филмот. Мислам дека остава доволно простор за размислување. Но, еве ќе го дадам моето гледиште за филмот.


,,Црното платно” ја претставува и истражува релацијата уметник - уметничко дело – публика и всушност чива е уметноста (уметничкото дело), на публиката или на уметникот? Тоа е буквално самото теоретско прашање претставено на ,,лента”.


Филмот може да се подели на три дела, кога се раѓа делото, потоа делото кога веќе е завршено, публиката почнува да го критикува (да му дава свое значење), потоа вториот дел кога Личноста се двоуми дали да дозволи делото да остане на публиката или да го задржи за себе, тука има и перформанс од страна на Личноста, некој вид на манифест, кога објавува дека делото сепак е на публиката, тие му го ,,украле” на некој начин. На крајот Личноста сепак себично го зема за себе и кажува дека делото е негово. Филмот не зазема една страна, туку ги претставува сите гледишта на самото прашање: ,,Чива е уметноста? На уметникот или на публиката?”.


НО, тоа е само мое гледиште, мислам дека филмот остава доволно простор за наоѓање на свое значење. Може да заземете став по тоа прашање, може да откриeте други прашања или ставови и да заземете свое различно гледиште за филмот. Тоа е сосема во ред.

Андреј: Објаснувајќи дека филмот е создаден во соработка со Личноста од филмот, а идејата за него создадена брзо, стигнуваме до прашање за разбирањето на уметноста и релацијата уметник – уметничко дело.


Леонид: Уметноста е само една рефлексија на внатрешниот свет на уметникот, внатрешните борби, рефлексија на општесвтената подсвест и рефлексија на светот околу него. Уметноста е длабоко потребна, можеби некогаш луксуз, но сепак треба да биде широко достапна за сите. Сите можеме да создадеме нешто, некое уметничко дело. Уметникот секогаш сака нешто да каже, да испрати порака. Уметноста е без граници, тука, околу нас. Сметам дека природата е најголемиот уметник. Човекот уметник сепак со неговата подсвест влегува во други димензии и го открива невидливото меѓу видливото, реалноста и ,,убавото”, ,,грдото”, ,,лошотo”, ,,доброто”, односно неговите мисли, неговите конструкти се мешаат и создава уметничко дело. Уметноста е постојано трагање и откривање на нешто.


,,И доколку ја сфатиме лично, уметноста е повишен живот. Таа усреќува подлабоко, таа троши побрзо.”

Само ме интересира. Каква уметност би создавале другите животни или вонземски цивилизации, ако ние хомо сапиенс создаваме ваква?


Уметникот го создава тоа што во моментот најмногу му значи или го допира. Идеите се раѓаат еднаш и засекогаш остануваат со тебе. Како деца. Но, сметам дека уметниците своите деца ги растат по својот лик и цврсто ги држат до себе. Секогаш се остава нешто лично во делото. Затоа критиката најмногу допира. Но, публиката и секој мозок поединечно и различно од уметникот го сфаќа и разбира неговото дете. За на крај да му дадат доста етикети и различно да го објаснат од неговиот родител. Таа врска помеѓу уметникот и делото не останува само помеѓу нив двајца, туку се пренесува и кај публиката. Тогаш тука има конфликт кога уметникот не сака да му го одземат детето и да го ,,уништат”. Тоа е родителски инстикт.


Јас за ,,Црното платно” би кажал дека го подарувам на публиката. Таа нека одлучи за неговата судбина.


Андреј: Во продолжение ве оставам во друштво на „Црното платно“ и Личноста и нови искуства на вприемање на уметноста!

Comments


bottom of page