• Култура β

β-Муабет со Марија Перчинковска

Рубриката β-муабет ја отвораме со Марија Перчинковска, режисерката на филмот ,,Пет проскитни пруги“. Таа е млада режисерка која покрај веќе споменатиот филм, зад себе има оставено уште еден краткометражен филм.

Марија Перчинковска
Марија Перчинковска

Нејзиниот нов филм е од психолошки жанр и раскажува за пет лица со пет различни абнормалности и истиот ќе може да го погледнете на фестивалот Три дена култура во гимназијата ,,Никола Карев“.


β: Кога твоето уметничко творење би било книга, каков наслов би носела?

Марија: Не можам да го пронајдам вистинскиот наслов на книгата за моето уметничко творење сега бидејќи сметам дека сè уште немам оставено голем белег и сè уште го немам пронајдено својот стил во целост.


β: Од каде љубовта за филмот и колку време се занимаваш со филм?

Марија: Па уште од мала поминував многу време пред телевизорот, гледајќи многу и разни филмови и серии, воедно мојата вујна имагинација многу често знаеше да прави продолженија на истите или пак едноставно да создава свои. Многу добро се сеќавам дека и ги анализирав истите, што е многу важен чекор до филмскиот свет.

Со филмување, аматерски се занимавам две години, иако и доста порано сум имала обиди да снимам филм, но биле неуспешни. Првиот успешно завршен филм беше ,,Временски патник“, кој беше прикажуван на средношколскиот филмски фестивал Три дена култура 2 и претставуваше краткометражен филм од три минути од кој се здобив со доста многу пракса.

Официјална селекција на филмови за 3ДК

,,Пет проскитни пруги“ е краткометражен психолошки филм, раскажува за пет лица со пет различни абнормалности сместени во болница

за ментални попречености. Раскажува за нивните состојби, трауми, предизвици, нивниот живот и прифатеноста во општеството.

Идејата за овој филм дојде сосема случајно, при разговор со другарка. Процесот на правење на овој филм, од иницијатива, приказна, сценарио, потрага по глумци, локации и опрема, сè до постпродукција траеше околу пет месеци. Снимањето траеше околу три месеци, каде снимавме еднаш неделно. Имавме смешни и интересни моменти, имавме и моменти на дефокусирање и тензија. Но главно, сум среќна и задоволна што актерите успеаа да се внесат и соживеат со не толку лесните карактери. - додава Марија.

β: Дали покрај филмот се занимаваш и со друга уметност?

Марија: Секако! Покрај филмувањето обожувам и да фотографирам, најмногу ја сакам портрет и Wabi-sabi фотографијата. А во слободно време пробувам да не ги занемарам цртањето и гитарата.


β: Омилени режисери?

Марија: David Fincher и Tim Burton.


β: Ако некој треба да режира филм направен за твојот живот, кој би сакала да го режира?

Марија: Би сакала да биде комбинација од вештините на Sofia Coppola, каде преку композиции и боја ја доловува емоцијата и секако специфичната мистичност на David Fincher.


β: Зошто филмска, а не театарска режија?

Марија: Точно е дека филмската режија се разликува многу од театарската. На пример, во театарот имаме само една гледна точка, додека во филмската режија режисерот ја има слободата да експериментира со кадрите. Исто така, во театарската, режисерот влијае врз театарот на пробите, а пак филмската режија се заснова со преснимување на истите сцени се додека не се изведе според планот на режисерот. Иако театарот, како уметност, го ценам и сакам исто колку и филмот, создавањето на филм ми овозможува повеќе слобода при творење.




114 views