top of page
Writer's pictureМарија Хана Трајкоска

β-муабет со Мартин Џорлев од Lufthansa

Македонската алтернативна сцена расте, а нова уметничка енергија се раѓа со младите музичари кои го обновуваат духот на панкот и психоделичнот рок. Зборувам за Луфтханза, бенд кој неодамна се оформи, а оваа недела освои големи симпатии од младата публика, по објавувањето на нивниот нивниот прв албум под налов „Lufthansa Demo Tape I”.

Луфтханса се Иво Николовски, Андреј Димовски, Раде Биковски, Виктор Стојановски, Лука Јованоски и оркестарот позади се ова, Мартин Џорлев. Поразговарав токму со него за бендот, албумот, музиката, уметноста, а тој сромно зборуваше за неговото творештво, изразувајќи се како вистински уметник.


Споменав дека, се работи за нов бенд, а Мартин раскажа кога се роди идејата за оваа склопка и од каде потекнува нејзиното име.


„Името потекнува од мојот binge на Scorsese филмови во тој период лани, од The Lufthansa Heist од Goodfellas, а идејата за бендот се роди многу брзо по правењето на првата песна, "Модерна Депресија". Правејќи ја си замислував како ја свирам во живо со бенд. Тоа чувство стануваше посилно со секоја следна направена песна, и секако кога веќе свесно почнав да размислувам за како би се изведувале тие песни, веднаш и прво се сетив на моите band-mates од Marv Elous, Андреј, Раде и Виктор. Се сетив и на Лука, со кој го имавме нашиот прв бенд, а и на Иво, кој често беше таму и свиреше со нас кога џемавме со Marv и со Лука. Чувствував некоја природна поврзаност со сите петорица како пријатели, но можеби на ниедно место тоа не го чувствувам подобро отколку кога свириме заедно“.


Велат дека нема поголем благодет од тоа да го правиш она што го сакаш со оние кои ги сакаш, па затоа го прашав каков е односот што го има со беднот и што е она што ги зближи како група.


„Би рекол дека се разбираме на човечко и музичко ниво. Сите имаме свој процес, но перцепцијата за што е тоа уметност и музика често ни се поклопува. Нè зближи љубовта кон музиката, она базично и просто чувство на наклонетост кон една силна, непроменлива идеја: дека музиката е прекрасна и можеби најубавото нешто на светот“.


На нивниот Јутуб канал овој проект го објаснуваат како „зезанции во музичка форма од сверата на психоделичен рок и пост панк“, а Мартин зборуваше за она што го инспирира кога твори и се она што има влијание кога ги создава песните.


„Секако дека влијае музиката што ја слушам и што сум ја слушал. Средината, исто така, во која што живееме, околностите во кои што се наоѓам. Времето надвор, што сум јадел, малите работи, но можеби најмногу влијание имаат моите band-mates. Со нивната пасија ме тераат да бидам подобар уметник и подобар човек. Фамилијарниот поттик не ни мора да го напоменам, но ете, секако дека е секогаш во полн ефект. Начинот на создавање е секогаш минималистички, во краток период време, најмалку делови возможно за да го кажам тоа што го чувствувам.“

Потоа го прашав за албумот, како и колку време се одвиваше процесот на содавање на истиот, а еве што тој одговри.


„Повеќето од албумот се сними од април до кај јуни лани, во 2020та, меѓу честите пладневни излегувања во парк кај второто езерце во стар дел. Енергијата на езерцето, филмовите што ги гледав, повеќето од Тарковски и Scorsese и домашната атмосфера без притисок беа главен backdrop на целиот процес. Песните се терав да ги правам во еден замав, во не повеќе од два/три саати од песна, мислејќи дека така ќе испаднат најоргански. Дали испадна така не знам, но сепак тој начин на работа ми се допадна и сите песни така беа направени. Од тие снимања излезе уште еден цел албум (демо тејп), албум кој што едвај чекам да го споделам.“


Навистина ме воодушевува тоа што овие момци создаваат уметност со огромна љубов, меѓутоа ме интересираше што беше најголемиот предизвик, а што најголемиот благодет за Мартин во целиот овој процес.

„Предизвик искрено не знам дали имаше, освен оној основниот што значи справување со своите несигурности како човек и лик кој што сака да се нарекува уметник: дали тоа што го правам ќе му значи некому. Иако, парадоксално, прв пат при правењето на музиката не ми беше толку гајле за дали таа ќе му се допадне на некој, ја правев онака чисто од љубов кон музиката. Најголем благодет ми беше тоа што можев навистина да се опуштам при правењето на песните, но најважно, тоа што можев да ги споделам со моите најблиски и тоа што по некоја случајност, им се допаднаа. Благодет е и дека од тој скромен подвиг, односно правењето на албумот, се создаде и нешто поголемо: бендот и прекрасните песни што излегоа како продукт од идеите на Андреј, Лука, Раде, Иво и Виктор, песни кои допрва треба да го видат светлото на денот. Искрено, едвај чекам.“


За крај, го прашав дали да очекуваме некаква промоција на албумот во блиско време.


“За промоција има некои планови, но не е ништо сигурно поради ситуацијата. Во секој случај има уште доста работи кои се спремни и кои ги спремаме, работи кои што можеби ќе го задоволат оној на кој можеби му е интересно тоа што го правиме.“


На овие млади ентусијасти им честитам за првиот албум и им посакувам мноштво успеси во музиката. Сепак сакам и да им порачам дека секогаш ќе има кој да слуша додека има кој да создава, а ние сме горди на нашата младина која ја љуби уметноста и остава свој белег во македонската култура.


Comentarios


bottom of page