top of page
Writer's pictureКултура β

β-Поетски конкурс: Шумот на сите ветрови - Рената Пенчова

Култура β го организираше својот прв поетски конкурс кој траеше од 14 до 19 декември 2020. Конкурсот беше отворен за сите поети и поетеси, со отворена тема за вечно збогување со 2020 година.


На конкурсот добивме многу материјал, а учество земаа автори од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.


Во продолжение имате можност да ја прочитате третата песна, која влегува во официјалниот избор на седум избрани песни, насловена како „Шумот на сите ветрови“ во авторство на Рената Пенчова.


Шумот на сите ветрови


„Носи ме во куќата на Вивалди, велат се вечерало стихови, а се појадувало музика.“


И како гневен океан после потоп, се исфрла воздушно море! Ноќва, ѕвезда ми плачи, сите реки си ги покажаа главите облаците се вкрстиjа и заврна пред да огрее. Небо слушам, успано цвета, композиција од сите шумови на сите ветрови. Зборлив е денот, а ноќта музика.


Таква неврзана за допир и поезија. Компониран плач! Незадоена е, непреодена, од ноти создадена во бездомните соѕвездија, кои некогаш јас ги измислував за да зрачиш среќа.


Стрвно ме обгрлува, со шепот крвта да ми ја зоврива. Памук е гласот и очните трепки играат, транскриптивно ја отклучив онтологијата, ии оп, слушнав музика!

Ми ритмира:


„ Имаш славеј во крајчето од окото! По агрегација, интерпункција и артикулација те препознав. Почекај, разденува, огреа сонце, заедно ќе го слушаме летото и ќе пиеме море. Умножено ќе угреваме, енигматски ќе музицираме.“

Зимата се враќа дома, топло млеко испарува, а него уште го нема.

„Чинам еднаш бевме среќни, тогаш кога енигматски дишевме лето!“ Бевме родени од море, а судени во песна да раснеме. Сега песните ни се испрани и закачени на старата жица за алишта.

 

Рената Пенчова е родена во Штип. Таа е студент на Филолошки факултет “Блаже Конески“- Скопје на Катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Има студирано за размена на студии на Универзитетот во Загреб, Р. Хрватска, унивезитетот „Коменски“ во Братислава, Словачка „Карл-Франценс“ –Грац, Австрија.

Пишува уште од своето основно образование и има објавено три свои публикации „Љубовта трепери во срцата“, „Осцилации“, „Патот до метаморфоза“ и се има закитено со многу поетски, државни и меѓународни признанија за поезија и проза. Таа е млад активнист во граѓанскиот сектор и е учесник на многу младински обуки, курсеви, размени за неформално образование.

Има волонтирано како ЕВС учесник во „Младиинфо Словачка“, онлајн волонтер во УНИЦЕФ, учесник на Светскиот младински модел на Обединетите нации-онлајн издание. Таа беше учесник на „Младата новинарска мрежа 2020“ органзирана од Демокраси лаб-Тетово и американската амбасада во Скопје. Своето работно искуство го има започнато како практикант во Македонски Телеком, па како тв водител во МРТ.

Commenti


bottom of page