Автор: Ирена Јурчева
Жанр: Раскази
Година на издавање: 2019
Добитник на наградата „Новите!“ за 2019г.
Осврт:
Збирката куси раскази „ Белата е најстрашна боја“ на Ирена Јурчева претставува збир на внимателно насликани, душеподобно слоевити, искрени и чувствени портрети на белото пространство со сите свои длабочини.
Навестено во самиот наслов, основната нишка која се протега низ чувствените везови е белата боја, за која самата авторка ќе рече:
„Сѐ уште трагам во себе си за да го пронајдам оној извор на вдахновение бидејќи насловот и за мене како автор е интригантен. Многу сакам да ги анализирам симболите на боите. Белата е многу чудна, свечена а истовремено и страшна боја. Таа има едно двојство во себе. Ние ја перцепираме, ја доживуваме како чиста, како убава, како почеток, но во некои култури исто така е боја на смртта. Белата е и боја на стерилност на празнотија, така што тоа двојство отсекогаш ми било интересно за оваа боја за која некои уметници ќе речат дека и не е боја. Таа е комплетна. Во спектарот ги содржи сите други останати бои и на некој начин ги изведрува. Како бела хартија, како бело платно, како почеток на се* што постои, но и како крај. Навистина самиот наслов си дојде. Јас не размислував, самиот ме пронајде.“
Расказите сочинети во насловената збирка се оградуваат од секаква непробојна завиеност, ја откриваат својата кревкост пред читателот, но притоа создаваат еден бескрајно долг, чист хоризонт во кој зборовите допираат до субјективната чувственост на оној кој ги восприма.
Во своите раскази, Јурчева се оградува од временските врамувања, од просторните концизности и конкретни облици со што создава соновни слики прикажани преку азурниот наратив.
Неретко, Ирена создава крстопат на кој се среќаваат времето кое минало и чувството за она време кое надоаѓа, во чиј судир се раѓа слоевитиот монолог на сегашноста.
Како такви, расказите се пронижани со патот на себеосознанието на душата која чувствува и посегнува по суштините, на оној кој се вслушнува во говорот на гласните здивови кои ги натежнуваат челата.
Збирката раскази „Белата е најстрашната боја“ говори за бескрајните пространства на патеките по кои човекот расте, за ситните простори во кои оној кој посегнува по суштините го пронаоѓа светот во себе и надвор од себе и за гласните мисли кои ја брануваат тишината од која се раѓаат зборовите.
Притоа, Ирена, своите нишки ги повлекува низ еден бескраен хоризонт белина во кој читателот ќе се пронајде себе си на начин кој силно ќе го почувствува и ќе ги слушне зборовите на својот нем монолог низ кој се пронаоѓа.
Цитати:
„Мојата песна треба добро да ја наштимам на твојата. А тоа се две различни струни кои треба приближно исто да свират. Зашто моите слушатели на мојот јазик треба да ја слушаат истата музика како твоите слушатели иако јас пишувам со различни ноти“
(Од расказот: Разнопојни струни)
„Четворица минувачи се разминаа на лизгавите плочки на плоштадот. Сите ги обедини нешто толку просто- вниманието да не се лизнат на белите мазни плочки. Повеќе беа свесни за своите кршливи тела, а помалку за покревките и покршливи срца.
(Од расказот: Лизгавите плочки на плоштад „Македонија“)
„Завршена приказна со три „исти“ краја: Го извлече и си замина; Го извлече со тоа што си замина; Го извлече и него и себеси.
(Од расказот: Одамна завршена приказна со три „исти“ краја )
„Знаеше да ги голтне (или поточно да го голтнат!) годините и толку да му го затнат грлото, а тој да не сака да ги искашла, па да остане така, борејќи се за воздух.
(Од расказот: За цимерот, љубовта и годините)
Белешка за авторот:
Ирена Јурчева е родена во 1982 во Белград. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на катедрата за преведување и толкување. Во 2017 година ја одбранила својата магистерска теза на тема: „Културолошко преведување на Силмарилион од Џ.Р.Р. Толкин како предизвик за преведувачот“.
Работела како наставник по англиски и француски јазик во повеќе училишта и јазични центри во Скопје.
Превела повеќе од петнаесет книги за три издавачки куќи во Македонија. Досега има објавено една поетска книга „Таинства“ (2017г.)
Гостувала на повеќе поетски фестивали, читања и слем натпревари. Во 2017 е наградена на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар.
Нејзина поезија е објавена во неколку книжевни списанија. Организирала и учестувала во повеќе работилници за креативно пишување. Живее и работи во Скопје.
Commentaires