top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Глас од дамнината


Автор: Анте Поповски

Жанр: Есеј, публикација

Година на издавање: 1986

Осврт:

Анте Поповски припаѓа на плеадата основоположници на современата македонска поезија како интелектуален и книжевен деец кој со својот безмерен творечки опус остави никогаш препокриена трага врежана во коренот на нашиот народ и земја.


Неговата неземска љубов кон својата татковина и кон поезијата со која го изнајде секој искон и го сврза со себе и својата мисла, го поведе низ сите слоеви на кои се раслојува вековното постоење на нашиот народ овековечен во единствениот облик кој ѝ пркоси на тленоста – зборот.


„Глас од дамнината“претставува публикација од литературно-историски и поетолошки карактер која се осврнува кон поетиката на македонските средновековни црковни записи како праоблик на поетското чувствување кај нас.


За темата која се положува во основата на ова дело, самиот Анте ќе посочи: „Предметот на кој се обидуваме да му пристапиме подеднакво им припаѓа и на историјата и на славистиката и на лингвистиката и на психологијата и на социологијата и на филозофијата. Мотивот од кој се обидувам да тргнам јас нема конкретни амбиции ниту во една од овие области зашто во мојот пристап водечко е чувствувањето на записите како праоблик, како параметрија на поетското чувствување и мислење на еден народ низ времињата, вековите“

Тргнувајќи од времето на племенското уредување, Поповски нѐ претставува пред исконот на нашето постоење и чувствување и со тоа ни ја подава суштината од која се раѓа автентичноста на народниот, општочовечкиот и индивидуалниот творечки сентимент.


Изразот со кој Поповски го гради насловеното дело е прочистен, умерен, азурен и едноставен да се проследни, но откровителен и восхитувачки.

„Глас од дамнината“ говори за секојдневието на човекот од она време во кое непремолчива е жедта за ново писмо, искажување, силно чувствување и доживување притиснато во скудните рамки на неговото писмено и свесно познавање.


Исходно на таа насушност, потскиот израз како најблизок до наравот на нашето битие и душевно раслојување природно из’ртува низ сите обрасци и калапи кои ги наложува времето.


Вера Стојчевска- Антиќ, професор и доктор по филолошки науки, во една прилика ќе истакне: „Најубав и траен печат на минатото Анте Поповски му оддаде со насловот „Глас од дамнината“. Во неа ги систематизира проучувањата и видувањата на старите записи од средновековниот период, кои вака собрани даваат еден резимиран приказ на нивната појава, нужност, историчност, социјален белег, општествен, поетски.“


„Глас од дамнината“ претставува споменик на еден народ и неговиот дух, изграден од камен измолкнат од сржта на неговото древно постоење, подадена рака со која авторот нѐ поведува низ слоевите време, пориви, чувствувања, копнежи, бреме од кои се раѓа душеподобниот израз и совршена форма на поетскиот израз изникнат од нашиот искон.


Цитати:

„За минатото читаме со светлината на сегашноста, а облиците се менуваат според тоа како паѓа сенката или како се менува аголот на набљудувачите (Според Фруд)“


„ За нас, најдлабока бездна се препречува помеѓу човекот и природата; за нив (се мисли на старите Словени) единството со природата е исконско и молчеливо и помисла за разлика не може да има“


„ Боговите на старите Словени најчесто биле моделирани во дрво, па во лутите зими (горикола) или биле согорувани или пуштани по реките, во име на еден од бројните култови. Зошто при ова да не се согледа и еден поинаков култ ја Словените кон сите богови, култ ја заборавање на боговите“


„И така: са ноќ човекот и кандилцето- сами. Заедно догорувале: пламенот му шептел на човекот, човекот нешто му шептел на пламенот“


„ Бесконечниот список на имиња на ѕвезди и ветрови, реки и цветови, на села и болести, недвојбено ја покажуваат сета дарба на еден народ да ја збогатува пречуствителната материја на својот збор, на својот јазик. Збор кој има и емотивен и мисловен капацитет, кој има самостоен живот и дарна на вечно пресоздавање“


„ Единствена материја која не исчезнува, која не гние која има способност на самообнова е зборот.“


Белешка за авторот:

Анте Поповски бил поет, есеист, препејувач и публицист.


Роден е во Лазарополе на 3 јуни 1931 година, како прво дете на Аврам Поповски – Хари и Невенка. Своето образование го започнува во Битола, а го продолжува во Скопје каде го завршил медицинскиот факултет. Како лекар работел во Дебар. Но и покрај своето занимање, неговиот порив сé повеќе го води кон општественоста и духовноста. Како роден лиричар и ерудит по вокација, тој го дава својот придонес во македонската култура, ангажирајќи се на општествен план. Па така, тој бил уредник во Телевизија Скопје, член бил на Извршниот совет (Владата) на СРМ (Социјалистичка Република Македонија), директор на НИП Нова Македонија, директор на Вардар филм, потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство, во два мандати бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија (а, негов член е од 1956 година), еден е од основачите и два мандати бил претседател на Струшките вечери на поезијата (1966/67 и 1978/79), член бил на Македонскиот ПЕН центар, член бил на МАНУ (Македонската академија на науки и уметности) од 2001 година.


Сепак, и покрај овој богат културно-општествен ангажман што го имал Анте Поповски, тој во колективната меморија ќе остане запаметен најмногу како огнениот рицар на митската земја Македонија, кој со својот збор ја разбудува од долгиот сон. Самите негови дела го декларираат погоре кажаното: Одблесоци (поезија, 1955), Вардар (поезија, 1958), Самуил (поезија, 1963), Непокор (поезија, 1964), Камена (поезија, 1972), Тајнопис (поезија, 1975), Љубопис (поезија, 1980), Родопис (поезија, 1981), Сина песна (поезија, 1984), Глас од дамнина (публикација од литературно-историски и поетолошки карактер, 1986), Ненасловена (поезија, 1988), Оковано време (статии и коментари, 1991), Меѓу животот и знаците (есеи, 1991), Провиденија (поезија, 1995), Окото, светлините (есеи, 1996), составувач е на Светата земја на зборот (антологија на јидиш поезија) и Орфеј и Исус - библиски мотиви во современата македонска поезија (2000) и последната Света песна (поема).


Поетската величина на Анте Поповски се гледа и од фактот дека тој е влезен буквално во сите поетски антологии посветени на македонската поезија објавени во светот. Избор од неговата поезија е објавен во земјите на поранешна Југославија, во Албанија, Грција, Франција, Русија, Турција, Италија, Германија, Велика Британија, Индија . . . Тој воедно е преведувач и на автори од светската поезија и есеистика.


За своите поетски остварувања добитник е на повеќе награди и признанија: дури двапати е добитник на наградата Браќа Миладиновци, потоа добитник е на наградата 11 Октомври, на Гоцевата повелба, Кочо Рацин, Ацо Шопов награда од Друштвото на писателите и др. Избран е за член на Светската академија на поезијата, а добитник е и на меѓународната награда за најдобра песна Premio Europa.


По воведувањето на повеќепартискиот систем, тој е еден од основачите, а подоцна и претседател на движењето за Семакедонска акција МААК.

Почина на 1 октомври 2003 година во Скопје.


Comentarios


bottom of page