Автор: Ернест Хемингвеј
Наслов на оригиналот: The Garden of Eden
Започнат во 1946г.
Прво издание: 1986г.
Жанр: роман
Осврт:
„Градината Едемска“ е последното, посмртно издадено дело на еден од најголемите американски раскажувачи и романсиери на дваесеттиот век. Хемингвеј е познат по својот новинарски стил на изразување со куси, прочистени реченици кои непосредно ја носат самата мисла на авторот. Соодветно на тоа, нарацијата во овој роман е мошне лаконска и лесна да се проследи.
Познато е дека Ернест своите дела ги создавал по инспирација од својот личен, доста бурен живот, градејќи ги ликовите врз основа на своите лични познанства, чувствувања и доживувања. Следствено, карактерот на самиот Хемингвеј е очебијно присутен во дијалозите на ликовите, нивните постапки и дејствувања, што се надоврзува на исклучителноста на делото.
Дејството во романот проследува дел од заедничкиот живот на Дејвид и Кетрин Борн, штотуку венчан млад брачен пар кој ужива во својот меден месец на прекрасниот Азурен Брег во Франција. Почетокот на делото е идиличен со радосен призвук, сочинет од сцени исполнети со радосни дијалози, нежности и сонувања блиски до младите кои живеат во една љубовна катарза. Главниот двигател на случувањата во романот е убавата Кетрин Борн. Нејзиниот лик е доста сложен, претставува навестување на едно ново време кое ќе дојде многу подоцна по Хемингвеј.
Мотивот на авторот почнува да се реализира во моментот кога Кетрин ќе одлучи да ја скрати својата убава долга коса, онака како што ја носеле мажите во тој период. Со оваа симболична постапка, Кетрин ја навестува својата комплексност и длабока личносна криза поради која ќе остави силно влијание врз своето опкружување. Нејзното лудило започнува како порив за уништување на она што до сега е создадено, излез од сите граници кои ги има осознаено, во вртоглава потрага по својот идентитет. Таа отворено му признава на својот сопруг дека е решена да го уништи, нарекувајќи се себе си „деструктивен тип“.
Појавата на Кетрин е непостојана и таа лута помеѓу своето постоење и својата замисла за тоа како треба да постои. Дејвид Борн бесприговорно ја прифаќа нејзината игра, а со тоа одбира да биде голем дел од неа. Кетрин се запознава со прекрасната Марита кон која навестува и една романтична наклонетост, со што Хемингвеј ја нагласува жолчната потрага по својата личност на младата девојка. Марита посредно се согласува да учестува во извитоперениот триаголник на Кетрин со што станува третиот дел од врската на младиот брачен пар.
Како рамка на заплетот, Хемингвеј ја користи библиската повест за Адам и Ева во градината Едемска. Имено, Дејвид е изграден според ликот на Адам, Марита ја претставува Ева, пред да го направи првиот грев кој ќе го падне човештвото, а ликот на Кетрин ја претставува веќе паднатата Ева.
Непостојаноста на Кетрин го нагласува ставот на Хемингвеј кон новите времиња чие доаѓање го насетува половина век пред да се случи, отварајќи ги неколкуте клучни теми за човештвото: личниот идентитет, светоста на бракот и семејството и сексуалноста на поединецот.
На крајот, чудесниот брак на Дејвид Борн повторно претставува игра за двајца, а Кетрин заминува сама во својата земја. Со тоа, нејзиниот лик говори за слободата на поединецот да одлучи за начинот на кој ќе постои надвор од сите познати оградувања.
Неговиот поглед согледан преку делото може да се протолкува во повеќе
контексти: како афирмативен или неафирмативен. Со тоа, идејата останува отворена за интерпретација од страна на читателот, соодветно на неговите лични убедувања.
Според некои критичари, Хемингвеј укажува на тоа дека прекумерната слобода може да го срози човештвото доведувајќи го до една колективна непостојаност, одосно целосно безредие портретирано преку ликот на Кетрин. Од друга страна, неговите зборови упатуваат кон еден отворен поглед на прашањето за пронаоѓање на личниот идентитет на поединецот.
Белешка за авторот:
Ернест Милер Хемингвеј (21 јули 1899 — 2 јули 1961) бил истакнат американски писател, добитник на Нобеловата и Пулицеровата награда.
Ернест Хемингвеј е роден во Оук Парк, Илиноис – предградие на Чикаго во САД. Тој е второ од шесте деца на Кларенс Едмондс (Доктор Ед) и Грејс Хол Хемингвеј. Пораснат е во голема викторијанска куќа изградена од неговата баба, мајка на неговата мајка. Неговата мајка имала талент за пеење и посакувала оперска кариера, но заработувала така што давала часови по пеење и музика. Таа била доминантна и многу религиозна, имала чудни желби како на пример била опседната со идејата да роди близнаци, и бидејќи тоа не се случило таа ги облекувала Ернест и неговата постара сестра Марселин во слична облека, ги потстрижувала многу слично покажувајќи дека двете деца се близнаци.
Таа сакала да го феминизира својот син и подоцна кога го нарекувала „Ернестина”. Додека неговата мајка се надевала дека нејзиниот син ќе развие интерес за музика, Хемингвеј ги сакал интересите на неговиот татко, односно ловот и риболовот на езерото Мичиген. Семејството поседувало куќа наречена Виндермер на езерото Валун и Ернест често ги поминувал летата во таа куќа. Овие рани искуства со природата ќе му создадат на Хемингвеј страст кон патувањето, запознавање нови предели, авантури во изолирани места.
Хемингвеј ја напушта тогашната негова работа за да и се приклучи на Американската Армија и да учествува во Првата светска војна. Но не го поминува медицинскиот преглед бидејќи имал слаб вид, и поради тоа се приклучува на Црвениот крст и заминува за Италија.
Кога пристигнал на италијанскиот фронт тој бил сведок на бруталноста на
војната, на неговиот прв работен ден експлодирала фабрика за муниција во близина на Милано. Хемингвеј морал да ги прибира човечките останки, највеќе жени кои работеле во фабриката. Оваа прва блиска и сурова средба со смртта го потресува Хемингвеј. На 8 јули 1918 година Хемингвеј е повреден додека ги снабдувал војниците со намирници, така што ја завршува кариерата како возач на амбулантна кола. Подоцна бил награден со Сребрен Медал на воена храброст, a овој медал му бил доделен од италијанската влада бидејќи спасил повреден италијански војник.
По војната Хемингвеј се враќа во Оук Парк, но бил протеран од САД за време на прохибицијата, така што во 1920 тој се сели во Торонто и таму работи како фриленсер и странски коресподент.
Неговиот прв роман „И сонцето изгрева” го завршил за 6 недели во омилениот ресторан на Монпарнас „La Closerie des Lilas“. Романот е полуавтобиографски и Хемингвеј бил обвинет за користење застарена форма на литературно изразување. Тој се разведува од неговата прва жена и се жени за Паулин Фајфер, побожна католичка од Пигот, Арканзас. Хемингвеј станува католик во тоа време. Во 1928 година таткото на Хемингвеј, соочен со дијабетес и финансиска несигурност извршува самоубиство со пиштол кој го користел во Првата светска војна. Ова самоубиство силно влијае на Хемингвеј, тој се враќа во Оук Парк за да помогне да се организира погребот. Многу кратко по татко му и Хери Кросби, близок пријател на Хемингвеј исто така извршува самоубиство. Истата година неговиот втор син Патрик е роден во Канзас Сити, а неговиот трет син Грегори ќе биде роден неколку години подоцна.
Хемингвеј се самоубива на 2 јули 1961 година.
Comments