Автор: Херман Хесе
Година на издавање: 1919
Жанр: роман
Наслов на оригиналот: Demian
Осврт:
Херман Хесе приппаѓа на плеадата најистакнати европски писатели на раниот дваесетти век, во преиодот пред и за време на двете светски војни. Тематската и идејна особеност на неговото творештво исходи од двата осовни мотивски постулати кои се од голем личен интерес на Хесе- психоанализата, религиската и индиската философија со кои се запознава уште во детството.
Карактеристична за делото на Хесе е неговата наклонетост кој Јунговиот метод на психоанализа, следствено, симболичкото рамниште на делото воглавно се повикува на јунговите архетипи и јунговиот симболизам.
Дејствто на романот Демијан го проследува процесот на индивидуализација и идентификација на младиот Емил Синклер од неговата десет годишна возраст до неговите доцни дваесетти години.
Полифоничниот карактер на романот упатува на тоа дека дејството се одвива на повеќе рамништа и опфаќа неколку стожерни мотиви.
Емил Синклер е единствениот син на среднокласно христијанско семејство во кое расте спокојно и беспорочно. Првиот мотив на романот се положува во дуалноста на светот на десетгодишниот Синклер, поделен на светлиот свет, односно неговиот интроверзум во рамките на семејниот дом и големиот надворешен темен свет.
Првото соочување со гревот како иницијација во светот на возрасните, надвор од ѕидоввите на својот дом, кај Емил го положуваат зачетокот на дуалистичката перцепција на светот и дуалната природа на Бог и човекот.
Ликот на Демијан настапува кога Синклер се наоѓа на речиси единаесетгодишна возраст, како сосем нова, непозната, мистична, но откровенска и неземски привлечна појава.
Во еден од првите дијалози меѓу двата лика, Хесе ја нагласува основната мотивска нишка на симболичко рамниште поставувајќи го прашањето за двојството на Каин и Авел, дотогаш познато како двојство меѓу падот и непорочноста на човековата природа.
Демијан го иницира знакот на Каин како обележје на избраните кои се подготвени да преземат автентични чекори на својата патека, оградени од сите претходно усвоени морални вредности врз кои се гради микросветот на детството.
Неговиот не се положува во дејството со единствен континуитет, но демијановото влијание врз процесот на созревање и душевно придвижување на Синклер се наметнува како двигател на неговите стремежи и размислувања.
Хесе го вметнува симболичкиот елемент на богот Абраксаз кој кореспондира со зачетокот на прашањето за интерференција на внатрешниот заштитен интроверзум со надворешната оскверната световност. Авторот се доближува до гностичкото учење за дуалноста на божествената природа.
Самиот лик на Демијан ја претставува постојаната противтежа на злото кон доброто, демонот во непорочноста и доброто во злото.
На самиот крај, Хесе го вметнува елементот на војната како еден суптилен исповеднички чин, земајќи предвид дека Првата светска војна кај него предизивилала сериозна емотивна и психолошка корозија. Последниот мотив кој го обработува е оној на смртта како единствен пат кон преродбата и повторното раѓање.
Романот Демијан е од семиавтобиографски карактер, напишан за време на Првата светска војна, во период кога Хесе се наоѓа во тешка емотивна и психичка состојба и за прв пат се запознава со јунговата психоанализа која станува негова својствена долгогодишна фасцинација.
Херман Хесе говори за процесот на личносно изделување на детето од заштитениот интроверзум во својата непорочност, кон светот, и потрага по вистинската природа и закономерност на случувањата.
Преку тоа, авторот изготвува опис на човековото душевно придвижување кон суштината и смртта како едиснствен пат до новата преродба, согласно дуалната природа на богот Абраксаз и реалноста- теорија положена во основата на мотивот на именуваниот роман.
Цитати:
„ Птицата избива од јајцето. Јајцето е свет. Кој сака да биде роден треба да разори еден свет.“
„ Не постои друга реалност освен таа која ја имаме во себе самите. Покрај тоа поголемиот дел од луѓето живеат толку нереално, бидејќи сликите надвор од себе ги сметаат за реалнос, а на својот сопствен свет во себе никако не му дозволуваат да дојде до збор“
„Ако мразиме некого, тогаш во неговиот лик мразиме нешто што е насадено во нас самите. Тоа што не е во нас самите, нас не нѐ вознемирува“
„ Но, не постојат бескрајни сонови, секој сон е заменет од нов и никој не смее да се задржи насила“
„ Тој љубеше и при тоа се пронајде себе“
„Љубовта не мора да моли, ниту да бара. Љубовта мора да има сила во себе самата да дојде до незивесност. Таа не сака да биде влечена туку таа ќе влече“
Белешка за авторот:
Херман Хесе е роден на 2 јули 1877 година во Калв, во покраината Виртемберг. Татко му бил балтичко-германски мисионер, а мајка му, по професија филолог, била ќерка на виртембершкиот индолог. Неговото семејство се занимавало со издавање религиозна литература. Неговите родители долго време престојувале во Индија, а кога Херман наполнил три години, тие се преселиле во Базел, каде татко му работел како предавач во мисионерскиот институт до 1886 година, по што повторно се преселиле во Германија. По желба на родителите, во 1890 година, Херман Хесе се запишал во латинското подготвително училиште во Гетинген, а следната година ја посетувал и протестантската богословија во Маулброн, но откако направил некои нереди, бил избркан од училиштето. Потоа, тој работел кај својот татко, а некое време бил и чирак во часовничарски дуќан.
Во 1895 година се преселил во Тибинген каде работел како книжар, а во 1899 година се преселил во Базел каде, исто така, бил книжар. Во 1911 година, Хесе ја посетил Индија. Првата светска војна предизвикала кај него голем душевен немир и тој јавно ја осудил „крвавата бесмислица“. По завршувањето на војната ја напуштил Германија и се преселил во Швајцарија, каде во 1921 година добил државјанство. Како пацифист, тој се спротивставил на подемот на нацизмот во Германија, а потоа западнал во психичка криза, како последица на неколку лоши околности: Втората светска војна, лошото здравје на синот, психичката болест на сопругата и смртта на татко му. Во 1919 година, Хесе се преселил во Монтањола, во близината на Лозана, каде починал на 9 август 1962 година.
Во 1946 година, Хесе ја добил Нобеловата награда за книжевност.
Негови најпознати дела се: романите „Сидарта“ и „Демијан“, збирките поезија во проза „Романтични песни“ и „Еден часот по полноќ“, романот „Гертруда“ и други.
Comments