top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Диптихон


Автор: Владо Малески

Година на издавање: 1946-1954

Жанр: расказ

Осврт:


Делото „Диптихон“ е составено од два кохерентни раскази пишувани на растојание од осум години, притоа постанувајќи споменици на стрмоглавиот развој на повоената литература која го следи чекорот на општествените реформулации.


Првиот расказ „Прва вечер“ е еден од најстарите македонски раскази, пионер на современата проза на нашиот простор. Напишан е непосредно по завршувањето на Втората Светска војна и мотивот го исцрпува од животот на македонските селани за време на војната.


Главните носители на фабулата се младите Сандре и Стојанка, а сцената се отвора во првата вечер, на денот на нивната свадба. Душевните ревнувања на младоста и љубовта скипнуваат пред должниот повик на Сандре да се придружи на партизанската чета како предводник на патот кон Грција.


Како што ќе забележи македонскиот академик Петар Т. Бошковски, ситуацијата на партизанската борба и на селскот живот се во сооднос од кој дознаваме каква жртва на традиционалниот морал се принесува со ваквиот чин, а каков е повикот на партизанскиот морал кој не дозволува двоуми во изборот на постапките.


Во овој расказ, Малески врши синтеза на изразитите фолклорни и битови елементи со новите творечки нормативи на современата прозна литература со што народните мотиви постануваат орнаментални детали кои ја доловуваат уникатноста на делото.


Со тоа, авторот го објавува преминот на народната прозна литература кон уметничката, отворајќи повеќе пионерски аспекти на книжевното набљудување.


Сандре врбјанецот фигурира како еден поинаков лик на градскиот човек кој се оттуѓува од она кое дотогаш бил, од Стојанка и своето семејство, за сметка на што се впушта во свет на бесчуствија и театралности, во авантура со артистката Неда.


Малески успева пластично да го наслика портретот на своето време и градот кој расне, при што конкретно ја доловува цената за која се кали новата граѓанска елита на дваесеттиот век во Македонија.



Изразот на авторот, од денешен аспект делува наивно во својот зачеток, но Владевата творечка естетика и мотвска подлога претставува силен исчекор кон новото време на македоснката прозна литература, а со тоа се забележува еден долг процес на стилката и јазична диференцијација и потврда на македонската современа литература која полека се пробива низ просторот и со тоа ја утврдува македонската индивидуалност пред повоениот свет на дваесеттиот век.


„А вечерва... Прва вечер. Двајцата седеа во горното одајче, еден спроти друг, на разбојот. Сандре беше потпрен на страниците, а погледот му шеташе по одајчето. Притивната, Стојанка ги пребираше прстите во основата на нишките. На земјеното душеме: послана рогозина. На рогозината: сламена постела покриена со ленен чаршав, бел, бел како снег на планина, а зглавје: шарена перница што ја исткала Стојанка. Збор не прозборија.“


„ Погледите им се сретија. И двајцата тојчас исто мислеа. Мислеа за нешто мило, мило премило, што некогаш го имале и го загинале, долго време го барале, надеж изгубиле дека ќе го најдат и... ненадејно го нашле.“


„ Сандре стрпна. Подмолна болка го зајаде... болка човечка... А првата вечер? Барем една, само една ноќ на рогозината, на сламената постела и на перницата Стојанка што ја исплела...“


„Па сепак, Сандре е предалеку од брбушките во врбјанското бачило и од Крумевите чардаци. Сандре е скопјанец“


„ Види ваму, Стојанке... Има нешто основно. Настрана сѐ. Основно има: ти остана ти, а јас не сум јас.“


„Тој беше Сандре, врбјанецот, курирот што не ја отспа првата вечер со Стојанка. Таа не беше Стојанка. Не беше врбјанка. И не плетела чорапи за другарите. И не ѝ цветнувала крвта во образите кога да го видела него- Сандрета. И не ѝ лутале срамежливо очите по одајчето со дуњи, разбој и рогозина. Зашто дуњи немаше, разбој немаше и рогозина немаше... Таа беше артистка. Нада. Со неа Санде отспа втора прва вечер.“


Белешка за авторот:

Владо Малески (5 септември 1919 - 23 септември 1984) е истакнат македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер. Автор е на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“.


Роден е во Струга. Основно образование завршил во Скадар, Албанија, а гимназија во Битола. Студирал на Правниот факултет во Белград, но поради избувнувањето на Втората светска војна, ги прекинал студиите.


Бил учесник во НОБ на Македонија и е еден од најталентираните основоположници на современата македонска проза. Бил директор на Радио Скопје и уредник на списанијата „Нов ден“, „Современост“ и „Разгледи“. Работел во дипломатската служба како амбасадор во Либан, Етиопија и во Полска и бил член на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија.


Станал член на Друштвото на писателите на Македонија во 1946 година. Исто така, автор е на сценариото за првиот македонски игран филм „Фросина“. Добитник е на наградите „11 Октомври“, „4 Јули“, „АВНОЈ“, за книжевен опус на издавачкото претпријатие „Мисла“ и Рациново признание.

Σχόλια


bottom of page