Автор: Иво Андриќ
Година на издавање: 1976
Наслов на оригиналот: Znakove pored puta
Жанр: записи, белешки
Осврт:
Нобеловецот и книжевен великан Иво Андриќ припаѓа на плеадата темелници на југословенската книжевност.
Неговиот широк творечки опус се истоветува со една изразита слоевитост и хронолошка децидност, постанувајќи многусферен споменик на човекот, времето и родната Босна.
Андриќ се одликува со исклучителна проникливост во начинот на кој битијата постојат, заемнодејстуваат и се вижат, притоа градејќи бескраен интроверзум низ чија призма се создаваат делата со кои светот ја осознава неговата големина.
„Знаци покрај патот“ е неговото постхумно издадено дело сочинето од голем број записи, согледувања, куси повести, белешки и описи на личности, записи од веќе прочитани дела и белешки за јазикот и книжевноста.
Материјалот собран во насловеното дело е аналоген на мисловниот подвиг на писателот, во кој се таложат годините тргнувајќи од младоста, сѐ до смртта.
Имено, овие елементи собрани под симболичен наслов „Знаци покрај патот“ Андриќ ги собира и обработува во текот на сиот свој живот, почнувајќи од дваесеттите години на минатиот век, до неговата смрт во 1975 година.
Како такво, насловеното дело може да се поистовети со животна енциклопедија на великанот Андриќ, кој преку својот извонредно еноставен и лесно воспримлв стил ја објавува на светот, поведувајќи го писателот во суштините на своие философски согледувања и книжевно творештво.
Како најзастапени мотиви кои се среќаваат во прирпата на сочинетите записи се перцепцијата на младоста и на староста, природата на времето и животот каков што битието го живее.
Притоа, Андриќ речси ги запишува своите интимни ретроспекции на животот исполнет со искуства, силни чувствувања и доживувања, дела признанија.
Ставовите и поезијата на Андриќ, особено во неговата младост забележуваат особено влијание на философијата на Кјеркегор кому бил наклонет сета своја младост.
Потем, авторот се осврнува кон општочовечкото постоење и заемно функционирање на човековата суштина и искон, а своите согледби ги слева во кус, експресивен израз набиен со заклучоци и впечатоци исходени од богатото искуство и аналитичка способност на Андриќ.
Не мал дел од белешките говорат за истовременоста на постоењето и непостоењето, стравот од неизвесностите наивните квази-извесности со кои човекот пронаоѓа привремена утеха во недогледот на животот кој се движи и поаѓа кон вечноста, дури и по својот земен крај.
„Знаци покрај патот“ претставува монументално дело на еден од најголемите ликои на јужнословенската книжевност во дваесеттиот век кое сведочи за неговото интмно постоење во светот низ кои дише градејќи го оној микросвет во кој се составува неговата личност.
Со тоа, Андриќ ги поставува бовите меѓу брановите на своето движење и постоење и создава споменик на своите спознанија, светлини и темници, проникнувања и посоки низ кои читателот се среќава себе си и се открива, создавајќи нов себесвојствен микросвет врз чии закономерности се уредува световниот простор и самото време.
Цитати:
„Секогаш се повторува истото. Помеѓу она што го нарекуваме наш живот и непостоењето нема јасна, ниту пак одредена граница. Токму тоа е една од основните тешкотии. Тие се всушност две. Првата е таа што кажав предмалку. Другата е нашето постојано тежнеење и потребата, во своите мисли и желби, на животот да му определуваме постојани форми и да му го превидуваме текот. Притоа страдаме затоа што предвидувањата ни се погрешни“
„Кој успее да проникне во тишината и да ја повика со нејзиното вистинско име, тој постигнал најмногу што може смртниот човек да постигне. Таа за него не е повеќе ни студена ни нема, ни пуста ни страшна, туку му служи и му се наоѓа во секоја неволја, како вилата на оној јунак од народните песни која тој ќе ја фати за коса и ќе ја посестрими и обврзе засекогаш. Кој ќе успее да ја затопли и оживее самотијата, тој го освоил светот.
„Помеѓу стравот дека нешто ќе се случи и надежта дека можеби и нема, има повеќе простор одошто се мисли. На тој тесен, тврд, мрачен и гол простор многу од нас го минуваат својот век.“
Белешка за авторот:
Иво Андриќ е роден на 9 октомври 1892, по случајни околности во Травник, додека мајка му била во посета на роднините. Родителскиот дом се наоѓа во Сараево, каде што семејството на неговиот татко Антун со децении водело занаетчиска работилница. Кога Иво имал само 2 години, туберкулозата однела многу животи од семејството Андриќ. Меѓу кои и неговиот татко. Соочена со немаштија, мајка му Катарина го носи детето кај сестрата од својот сопруг во Вишеград. Во овој град, кој повеќе од било кој друг ќе го означи неговото творештво, Иво Андриќ го завршува основното училиште, а потоа се враќа кај мајка си во Сараево, каде што во 1903 година се запишува на Велика гимназија. Како гимназијалец, Андриќ ги пишува и првите песни, а во 1911 по прв пат ја објавува поезијата. Во тоа време тој е жесток поборник на југословенството, дел е од движењето Млада Босна и противник на Австро-унгарската монархија. Заминува на студии по литература и историја во Загреб, оттаму во Виена и Краков.
По атентатот на војводата Франц Фердинанд во 1914., се враќа во Краков, но набргу го апсат и го носат во затвор, каде што како политички затвореник ќе остане до март 1915 година. Во тој затвор, во понижување, Андриќ интензивно ја пишува својата поезија во проза, која ја објавува во две книги – „Ex Ponto“, во 1918 и „Немири“ во 1920. Истата година го објавува и првиот расказ започнувајќи нова фаза во неговото творештво.
По излегувањето од затвор, по казна е испратен во Зеница, но поради болест на белите дробови набргу стигнува во Загреб, каде што се сретнува со други интелектуалци, почнува да работи на основање на литературно списание, а по Првата светска војна заминува во Белград каде што работи како службеник во Министерството за вери. Другарува со белградските интелектуалци, со Пандуровиќ, Црњански... Следната година ја почнува својата успешна дипломатска кариера, прво во Ватикан, потоа во Букурешт и Трст. Во почетокот на 1923 станува вицеконзул во Виена, каде што го завршува факултетот и докторира. Во септември 1924 се враќа во Белград и ја објавува првата збирка раскази. Веќе во 1926 станува член на Српската академија за науки и уметности. Продолжува да работи во дипломатската служба во Марсеј, потоа во Париз,каде слободното време најмногу го минува во Националната библиотека, проучувајќи ја историјата за Босна. Во тек на следните години поради работата често ги менува градовите, Мадрид, Брисел, Женева. Во Белград се враќа во 1933 година. Цело време пишува интензивно раскази, есеи и репортажи. Во текот на 1939, неговата дипломатска кариера достигнува врв – станува специјален пратеник на Кралството Југославија во Берлин, а акредитивите ги предава на канцеларијата на Адолф Хитлер. Во септември, кога Германците ја напаѓаат Полска, тој жестоко настапува кај германските власти против водењето во заробеништво на многу писатели и научници. Белград, од друга страна, многу преговори и договори води без својот претставник и ез негово знаење. Во раната пролет, 1941 година, ара да го повлечат од функцијата, но неговото барање е одбиено. Сепак, денот по бомбардирањето на Југославија на 7 април 1941 година, Андриќ со персоналот од конзулатот, и покрај понудата на Германците да се скрие во Швајцарија, пристигнува во окупираниот Белград. Живее повлечено, како потстанар, ја одбива понудата да објавува и го пишува првиот дел од романот „Травничка хроника“. На крајот на 1944 го завршува и романот „Мостот на Дрина“. По војната активно се занимава со литература, држи предавања, патува и објавува.
Со својата долгогодишна љубов, Милица Бабиќ, костимограф и вдовица на неговиот пријател, се жени во 1958 година и се преселува во својот прв стан во Белград.
За „епската сила“ со која ги обликуваше мотивите и судбините на своите јунаци во 1961 година добива Нобелова награда за литература. Иако неговите дела и до тогаш се преведувани на многу јазици, после доделувањето на наградата почнува огромен интерес за овој писател од Балканот. Романите и расказите му се печатат на над 30 јазици, иако добива многу понуди, патува и држи многу предавања. Парите од Нобеловата награда ги подарува во два наврати на библиотекарскиот фонд на Босна и Херцеговина.
Повлечен и мирен по природа, Андриќ се обидува така да живее и покрај светската слава што ја стекнува. Шета секојдневно по улиците на Белград, запишува мисли и цитати, многу чита и малку пишува. Во исто време, и неговата животна љубов Милица, која до крај ќе ја вика „мила моја Лепо", боледува од тежок вид на артритис. Лековите на крајот ѝ го ослабнуваат срцето и таа умира во 1968 година, а Андриќ потоа уште повеќе ќе се повлече во својата тишина и самотија. Полека здравјето го напушта, па многу време поминува по болници и бањи, лекувајќи го тешкото нарушување на мозочниот крвоток, од што и умира, на 13 март 1975 година. Погребен е во Белград, а неговиот стан, каде што ги мина последните години, е претворен во музеј.
(Извор на биографијата: https://www.mkd.mk/65767/kultura/roden-na-denesen-den-ivo-andric )
Comments