top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Кожена душа


Автор: Емануела

Жанр: Поезија

Година на издавање: 2021г.


*Збирката наскоро ќе биде пуштена во продажба


Осврт:

Збирката поезија „Кожена душа“ со себе окоскува нова искра на современата македонска поетска сцена, претставувајќи прво самостојно книжевно остварување на Емануела.


Притоа, стиховите сочинети во делото објавуваат еден зрел, раскрилен творечки стил кој се соединува со личносната претстава на поетесата, која своето архе го пронаоѓа во уметноста, а го изговара преку поезијата, пристапувајќи со еден исклучително прониклив, внимателно понесен медитативно-контемплативен сентимент.


Насловеното дело е структурирано во пет одделни сегменти кои сочинуваат засебни циклуси што ги апстрахираат чекорите на поетесата кон своето прортување и избивање низ черепот на светот како млада фиданка која спремно го пречекува новото време кое се навестува.


Преку својата поезија, Емануела успева да создаде нова многусферна номенклатура на спојот меѓу конкретните и едновремено апстрактните пројави на просторот и времето, водена од тишините кои го сочинуваат индивидуалниот интроверзум низ кој се оформува нејзиното уникатното поетско искуство.


„Кожена душа“ претставува инкарнација на сенките кои добиваат делумно антропоморфен карактер и повторно сведочат за исконскиот судир на физичките пројави со нивните надреални поими, со што, во својата поезија Емануела создава нова митологија на интимното постоење.


Во нејзините стихови сеприсутна е азурноста на допирот на светлата сенка која минува низ својата женствена метаморфоза и тлее во интимната тишина додека се подготвува да му ги објави зрелите плодови на светот.


Со својата многустрана културна и уметничка дејност, младата поетеса се положува во текот на новиот бран на македонската култура и литература со што активно учествува во устројуваето на новото време на македонската уметност.

Преку уникатниот индивидуален и творечки сензибилитет, Емануела успева едновремено рефлексивно да посегне по суштините изртувајќи ги низ својот исклучителен микросвет кон јавноста, принесувајќи ги инканирани во уметнички дела и поставки од областа на литературата, глумата и музиката.

„Кожена душа“ претставува наслов на чувствената инкарнација исходена од овој тек, а воедно своевидна дефиниција на нејзинот порив, родена во едно двегодишно безвремие.


Во периодот на постанување на поетското новороденче во зрел плод, оваа збирка доживува исклучителен успех и на професионален план. Овенчана е со наградата „Антев часовник“ во 2019 година, а во неа се содржани и песни украсени со наградата „Литературни искри“ во истата година.


Одбрани стихови:

Сфера на душите

Се разбудија сите мои претходни

и идни животи,

сите тела и носталгични иднини,

сите извори на горештини,

сите тишини и вечности.

Секоја душа се раѓа од моите стихови

и умира на крајот од зборот со

пулсот на ноќта и темните

безднини.

За секоја нечујна емоција ветив

ќе останам нарав на потсвеста,

тишински болна,

чудесно разгалена волчица.

А, знам дека бисерот на свињата е површен,

и од тогаш љубев со страв,

безглавите птици прелетаа в огнот

галактички.

Градот немаше светла и гибелта

митамони,

покорници на молкот,

молчаливи ѕвезди ил волци

гладници.


(Песната е овенчана со наградата Литературни искри, 2019г.)


Белешка за авторот:

Емануела е родена во 2002 година во Скопје. Таа пишува поезија од своја рана возраст, но првпат се појавува на поетската сцена на манифестацијата „Астални проекции“. Учествува на поетски читања во Скопје , покрај што и самата организирала многу поетски средби. Нејзините песни се дел од групната стихозбирка „Јас, Ти и Скопје“, а подоцна објавува проза во групната прозна збирка „Мали приказни за Скопје“.


Добитничка е на наградата „Антев часовник“ на меѓународната поетско- културна манифестација „Антево перо“ во 2019 година за нејзината прва збирка „Кожена душа“. На меѓународниот фестивал „Литературни искри“ во Гостивар е добитничка на наградата „Најуспешна млада поетска искра“ во 2019 година.


За себе вели дека е прво поет, па после човек. Поет што ги открива животот и смртта од колевката на уметноста. Се бави со театар како аматерски актер, пишува драмски дела и целосно решава да се оддаде на сцената како детска метаморфоза што ја покажува својата вистина низ револуционерна призма на движење.


Престојува со својата умешност во областа на керамиката, сликарството и музиката.

Comments


bottom of page