Наслов на оригиналот: Le Petit Prince
Автор: Антоан де Сент- Егзипери
Година на издавање: 1943г.
Жанр: новела
Оригинални илустрации: Антоан де Сент- Егзипери
Голема е веројатноста многу од вас да бидат веќе запознаени со ова дело како спомен од раните училишни денови. „Малиот принц“ е дело кое неправедно беше одредено исклучиво како „Литература за деца“. Навистина, она што е особено исклучително за оваа книга е тоа што при секое препрочитување, човек открива сосема нови светови кои претходно не ги забележал.
Самиот Егзипери, ова дело им го посветува на возрасните луѓе кога биде деца. Навистина интересен осврт кон она што претставува исконско прашање за човечката душа. Дејството зазема место во пустината Сахара каде што се наоѓа нарторот, односно самиот автор, по една сериозна авионска несреќа. Говорителот, кој бил принуден да научи да живее во светот на возрасните уште како мало дете,се наоѓа на границата помеѓу животот и смртта- простор во кој соочувањето со себе си е неизбежно. Да се пронајде или да остане засекогаш изгубен? Да се спаси или да умре од жед? При таквата агонија, тој доживува една сосем фантастична средба со мало, необично момче кое смирено истапува со своите необични прашања, сосем само, среде пустината во која возрасниот наратор се бори за својот живот. Но која е таа борба? Дали на човекот му треба само питка вода за да преживее или нешто повеќе? Нараторот необично се зближува со малото момче кое ќе го нарече „Малиот Принц“. Неговото потекло е таинствено и необично исто како неговата појава. Принцевата малечкост не се сообразува со неговата ширина со која го восприма сиот свет. Дејството на книгата претставува едно бавно отварање на пупка од роза- нараторот бавно ја одвткува принцевата тајновитост и притоа се гради една нераскинлива врска помеѓу двата лика, поголема од она што може да се опише, а возрасните да го разберат. Малиот принц е дете кое сиот свет го гледа со таа прозорливост својствена само за децата. Тој ги разбира нештата кои возрасните не ги знаат, затоа никогаш не е гладен, ниту исплашен, ниту жеден, а сам среде големата пустина. Преку раскажувањата Малиот принц, Егзипери успева да упати една темелна критика кон онаа површна сетовност својствена исклучиво за возрасните луѓе кои својот лик одлучиле да го изградат отфрлајќи го детето во себе. Навистина, оние кои се грижат за своето дете кое спие длабоко во нивната срж, не се плашат од животот како што Малиот принц не се плаши од пустината. Но, колку е тешко, дури некогаш невозможно човек да ја запознае својата душа? Ниту нараторот не успеа брзо и исцрпно да го запознае принцот онака како што би очекувале возрасните луѓе при средба со мало дете. А кој може да ги познава децата? Нивните светови се искрени и големи, а ние одамна ги имаме заборавено.
„Малиот принц“ е една приказна за патот на човекот кон своето себеосознавање, неговите чекори кон својата внатрешност, страдањата на човекот да ја запознае својата душа, бидејќи кога ќе ја запознае, нема да има од што да се плаши.
Ова дело може да украде неколку солзи или да навре тивко чувство на вина двлабоко во оној кој го чита, откривајќи колку многу сме навикнати да го притискаме малиот принц во себе си. Преку патешествието на принцот, Егзипери обработува многу општочовечки прашања за љубовта, среќата, пријателството, тагата, осаменоста, стравот и смртта.
Навистина, слоевитоста на ова дело вешто ја имитира слоевиоста на нашата душа, а најмногу од се на децата кои го познаваат светот повеќе од било кој возрасен кој се плаши да живее со детето во себе. Ако некогаш сме го прочитале како деца, можби нашето доживување нема да се сообрази со сегашното, но во тоа лежи прекрасноста на оваа книга. Замислете да можевме да го гледаме светот широко како децата расудувајќи со знаењто и искуството на возрасните... Оваа книга го ветува токму тоа доживување.
Белешка за авторот:
Антоан де Сент Егзипери е роден во 1900 година во Лион, Франција. Уште од мал го интересирала техниката. Цртал, замислувал, измислувал, конструирал и пишувал уште од рана возраст. Рано останал без својот татко. Овој автор има напишано мал број на книги, но позначајни се: „ Јужна пошта“, „ Воениот пилот“, „Писмо до заложникот“, „ Земја на луѓето“ и незавршената книга „Цитадела“.
Во 1943 година, живеејќи во емиграција во САД, далеку од родната разединета и покорена Франција, во настојување да се врати во борбениот стој на своите другари по оружје- пилотите, ја напишал новелата „Малиот принц“
Истата година, Егзипери загинува во авионска несреќа кога од Северна Африка поаѓа кон својата родна Франција. Подробностите околу неговата смрт остануваат неразјасети до денес.
Избрани цитати од делото:
„ Треба и јас еднаш да поднесам две или три гасеници, ако сакам да ги запознаам пеперутките“
„Многу е потешко да си судиш сам на себе, отколку на другите. Ако успееш правилно да си судиш на себе си, тогаш ти си вистински мудрец!“
„ Сеедно е дали вулканите се изгаснати или разбудени, оти и нам, на другите, ни се случуваат слични нешта. Она што е важно за нас- тоа е планината. Таа никогаш не се меува“
„...Човекот е исто толку осамен и меѓу луѓето...“
„Зборувањето е извор на недоразбирања“
„Само со срцето добро се гледа. Најважното е невидливо за очите“
„Она што ја разубавува пустината е тоа што таа во себе крие по некој бунар“
„ За луѓето ѕвездите не се исти. За едни, што патуваат, ѕвездите се водачи. А, за други, тие не се ништо друго освен обични светулки. За оние што се учени- тие се проблеми. За мојот бизнисмен тие беа злато. Но, сите тие ѕвезди молчат. Ти, ти ќе имаш ѕвезди како никој што ги немал... Кога ноќе ќе го фледаш небото, тебе ќе ти се чини како да се смеат сите ѕвезди, зашто јас ќе живеам на една од нив, зашто и јас ќе се смеам“
Comments