Автор: Влада Урошевиќ
Жанр: Поезија
Година на издавање: 1966г.
Осврт:
Со својата повеќедецениска широка автентична творечка и научна активност во областа на македонската современа литереатура, Влада Урошевиќ припаѓа на плеадата најистакнати македонски автори на повоениот период кои на себе ги прифаќаат фиданките на современата македонска литература и воопшто култура со што активно се залагаат во воспоставувањето на темелите на современото македонско општество во подем.
Воедно, Уроевиќ е еден од најистакнатите и најплодните претставници на модернизмот во македонската литература, при што, на нашите простори, постанува пионер на своевремено новиот литературен жанр- научната фантастика.
Литературното творештво на Урошевиќ опфаќа повеќе дисциплини, покрај изразитата поетска и прозна дејност, при што изразува и значителна активност во областа на есејската книжевна критика и преводот, особено од француски јазик.
Поезијата на Влада Урошевиќ се изделува од познатите лирски конвенции усвоени во почетокот на повоената поезија и воведува еден мотивски и изразен новитет во македонската литература. Ваквиот пристап на поетот е присутен и во неговото прозно творештво.
На поетската сцена авторот се појавува пред повеќе од шест децении со дебитанстката стихозбирка Еден нов град во 1959 година. Уште од раните почетоци, во уметноста на Урошевиќ се забележува силниот впечаток од научно- фантастичните и футуристички описи на надреалното како архетипска отслика на реалното со што поетот создава уникатни зборовни кадри, неретко оформени со необични, бизарни елементи.
Својот фундамент на поетското искуство, Урошевиќ го пронаоѓа во елементот на сонот како меѓник и мост меѓу потсвесното и рационалното, при што, според забелешката на проф. Катица Ќулавкова, поетот се апстрахира од ваквиот дуалилзам на микро и макрокосмосот, употребувајќи архетипски претстави со кои го оформува сликовитиот израз.
Ќулавкова ќе продолжи со излагањето дека поезјата на Влада Урошевиќ е дијалогична, а внатрешниот дијалог што поетскиот говор го воспоставува се одвива преку карактеристилните елементи кои ја дефинираат творечката уникатност на поетот, меѓу кои се вбројуваат: митолошките елементи како вечно неисцрпна мотивска подлога на лирското творешво, ониричките елементи видени преку сонот, хипнотичката фантазија, чудото и фантастиката, окултните и алхемиските традиции и фолклорните, односно колективните културни симболи кои се надоврзуваат на архетипскиот пристап.
Поезијата на Урошевиќ изобилува со симболички преноси на трансцеденталните спознанија кон уметничкиот домен кој фигуративно ја пренесува вечната апстракција.
Притоа, негува мошне интересен, сликовит израз во кој филмски се поставени поетските кадри низ кој се одвива лирскиот наратив. Издигнувајќи се преку архетипот над вечната дуалност на интроверзумскиот произлес во макросветот, Урошевиќ цели кон тоа да го апстрахира суштинското и концентрирано да го преточи во стиховите при што се изделува од физичките сфери на постоењето каде времето и просторот ја губат јасната определба.
Во една прилика, професорот Владимир Мартиновски, за поетиката на Влада Урошевиќ ќе забележи: Во поезијата на Урошевиќ како во ретко кој опус доследно се негува чувството за мисијата на поезијата да ги создава и да ги препознава чудата.
„Манекен во пејсажот “ претставува фрагмент од изобилниот поетски опус на Урошевиќ во кој веќе оформениот уникатен творечки стил се истакнува со своите дефинирачки мотивски и изразни поединости.
Воедно, со своето многустрано творештво, поетот го донесува новиот бран на современата литература од светски размери и активно учествува во утврдувањето на темелите на современата македонска поезија и проза. Притоа Влада Урошевиќ постанува еден од првите и најголеми претставници на модернизмот во македонската литература и подготвено го понесува пробивот на жанровските и стилски новитети кои се кохерентни на брзото надоаѓање на новите времиња.
Одбрани стихови:
Куќа и лето
Надвор свената вода
и цвеќе што никој не го бере.
Внатре старата риба
на дождот заборавена лежи по ходниците.
Вратата води во соба каде една жена седи
и пушта златниот песок на летото
да ѝ тече низ прстите.
Кога ги отвора очите
сенките стануваат меки.
Тогаш на балконот се гледа изгниено овошје
помеѓу црното шибје на оградата.
Никој не доаѓа.
Никој не праша кој живее во таа куќа
чиј сон е делум од восок
делум од црвојадина.
Само летото некаде ѕуни
обидувајќи се да се провре како оса
низ процепот помеѓу ококорените сенки
и слепата пладнина.
Манекен во пејсажот
Можете да поминете низ лески и шибје
и тогаш одеднаш видикот да излезе пред вас како птица
или како некакво жолто животно што станало бргу како да се исплашило.
Тука како да ве чека одамна стои манекен во пејсажот
и прилега на човек што прави елегантни движења во празна соба.
Затечен така тој останува мирен како да ве чека одамна
несроден на никого, во тој свет на лисјето и грагорот.
Тоа веќе не е картон премачкан со гипс
со невидлив крвоток од жици потоа обоен со бела боја
туку Господин Неразбирлив Случај
единствен неподвижен,
по малку отмен, по малку недостапен
во караница со шибјето рамнодушен за облаците
стапица за чучулиги, лукаво изненадување.
Збунети како заточени во нешто недозволено
можете да се повлечете само назачки.
Белешка за авторот:
Акад. Влада Урошевиќ е роден во Скопје, во 1934 година. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата Историја на книжевностите на народите на СФРЈ, во 1957 година. Докторирал на истиот факултет со тезата „Фантастика и научна фантастика – сличности, разлики и области на интерференцијата“, во 1987 година.
Акад. Урошевиќ е редовен професор во пензија на Филолошкиот факултет во Скопје, којшто со забележлив успех се занимава со повеќе дејности, како на полето на литературата, така и на полето на книжевната наукa.
Со поезија во македонската литература акад. Урошевиќ се јавува во 1954 година. Ги објавил следниве поетски збирки: Еден друг град (1959), Невиделица (1962), Летен дожд (1967), Ѕвездена терезија (1973), Нуркачко ѕвоно (1975), Сонувачот и празнината (1979), Хипнополис (1986), Ризиците на занаетот (1993), Мане, текел, фарес (2002), Тајно злато (2016). Како поет акад. Влада Урошевиќ е застапен во сите антологии на македонската поезија објавени по 1960 година во земјата и странство, како и во „Антологија на светската поезија“ (Турција, 1987), „Златната книга на сонетот“ (Унгарија, 1991) и др.
Во областа на прозата акад. Урошевиќ е автор на шест збирки раскази: Знаци (1969), Ноќниот пајтон (1972), Лов на еднорози (1983), Седмата страна на коцката (2010), Размена на пораки (заедно со Тања Урошевиќ, 2013), Тајна мисија (2013) и пет романи: Вкусот на праските (1965), Мојата роднина Емилија (1994), Дворскиот поет во апарат за летање (1996), Дива лига (2000), Невестата на змејот (2007), како и на книгите прозни записи Алдебаран (1991) и Париски приказни (1998) . Прозните остварувања на Урошевиќ внесуваат во македонската литература не само тематска новост туку и еден нов вид сензибилитет и една нова поетика.
Особен интерес акад. Урошевиќ пројавува за фантастиката, како во литературата, така и во ликовните уметности. За фантастиката во литературата зборуваат неговите книги Подземна палата (1987) и Демони и галаксии (1988), а за фантастиката во сликарството Чуда и чудовишта (2001) и Измислени светови (2003).
Во доменот на книжевниот есеј и книжевната критика Урошевиќ објавил повеќе книги посветени на дела и творци од македонската книжевност. Покрај објавувањето на одделни преводи од српската, словенечката и руската поезија акад. Урошевиќ преведува и од модерната француска поезија, и тоа: целокупното поетско дело на Шарл Бодлер, како и избори од поезијата на Артур Рембо, Гијом Аполинер, Анри Мишо, Пол Елијар, Андре Бретон, Жак Превер, Ален Боске, Лионел Ре. Урошевиќ е исто така составувач на пет обемни антологии на француската поезија, излезени во негов препев. Акад. Урошевиќ за некогашните југословенски простори ги преведувал на српски јазик поетските и прозни книги на Кочо Рацин, акад. Славко Јаневски, акад. Блаже Конески, акад. Матеја Матевски и други.
Опусот на акад. Влада Урошевиќ се состои од над 30 авторски книги, над 40 книги преводи, како и од поголем број антологии и избори. Учествувал, во својство на писател и на научен работник, на повеќе собири и симпозиуми во земјата и во странство.
Книгите на акад. Урошевиќ се преведени на повеќе јазици – англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, француски и шпански.
Интересот за ликовните уметности кај акад. Урошевиќ се манифестира низ изработка на дигитални колажи. Во ноември 2013 една голема изложба на овие дела, под наслов „Laterna magica“, е одржана во ликовниот салон на МАНУ.
Добитник е на повеќе награди и признанија, наградата „Младост“, „Нолит“, „Рациново признание“, „Браќа Миладиновци” (трипати), „Григор Прличев“ (двапати) и други. За својот книжевен опус, како и за своите заслуги во преведувањето и афирмирањето на француската литература, прогласен е од владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата а потоа и за офицер на истиот Ред.
Редовен член е на Европската поетска академија (Луксембург) и дописен член е на Академијата Маларме (Париз). Член е на македонскиот ПЕН-центар и Друштвото на писателите на Македонија (од 1961). За странски член на Српската академија на науките и уметностите е избран во 2006 год., за член на Словенската литературна и уметничка академија во Варна, Бугарија е избран во 2013 год., а во 2014 год. за член на Европската академија на науките и уметностите во Салцбург, Австрија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 26 јуни 1997 година.
Comments