Автор: Еден фон Хорват
Жанр: роман
Година на издавање: 1937
Наслов на оригиналот: Jugend ohne Gott
Осврт:
Еден Фон Хорват е претставник од плеадата европски автори кои творат во периодот пред и за време на Првата Светска војна, притоа критички осврнувајќи се кон историските и морални пресврти со кои човештвото се соочува.
Романот „Младина без бог“ претставува непосредна критика и отслика на основните идејни постулати на фашистичкиот, односно тоталитарниот владеачки режим, поставувајќи го отворено прашањето на исконскиот морал вграден во суштината на човекот, како и неговата свирепа манипуација која исходи со ретроградна духовна метаморфоза на новата младина.
Нарацијата на дејството е субјективна, па следствено, главниот носител на истото е младиот професор по историја и географија во градската гимназија.
Основната изразна форма се одвива во директен говор, претставен преку субјективна ретроспекција на настаните, согледани од перспективата на главниот лик.
Специфичноста на предметите кои ги предава младиот професор се од симболично значење за постоењето на една држава. Соодветно на основната идеја, историјата и географијата допираат до темелите на нејзиниот строј.
Интересно е да се забележи дека овој професор се издвојува од своето опкружување исто онолку колку што се вклопува со среднокласниот општствен сталеж, токму поради тенденцијата самостојно да расудува и да посегне по суштината на своето време.
Согласно со основата на неговата дејност, професорот проникнува во живата рана што ја порозува младината растена под медиумска и идеолошка преса, занемарувајќи го својот исконски, дефинирачки порив кон основните морални одредби.
Ваквата поставеност на специфичниот лик наспроти државата и системот говори за односот помеѓу човечкиот и владеачкиот идеал присутен во вид на силен, но прикриен антагонизам кој исходи со неодминливи развојни промени чија големина може да ги навести новите времиња кои надоаѓаат.
Основниот заплет ја опфаќа истрагата на убиството на еден од учениците на професорот, за време на војничките вежби во ученичките логори каде се поставува децидна претстава на режимската преса под која се оформува младината.
Карактеристично за ликот на младиот професор е неговото пребивање во постојана состојба на душевна борба помеѓу скрупулите и принципите која исходи со суштински прашања чиј одговор се наоѓа исклучиво во изворните човекови дејствувања, надвор од наметнатиот режим кој ги одбегнува.
Развојот на ликовите кои се карактеристични претставници а своевремената младина, а воедно ученици во класот на професорот е мошне интересен да се проследи.
Истиот се карактеризира со особена посредност и слоевитост, а повторно истиот постепено градира во аналоген носител на основните мотивски нишки.
Од групата деца ќе се издвои тајно здружение кое како за свој врховен советник го избира професорот со цел да го уништат режимот под кој младината станува рамнфушна и испиена, со лице на риба, надвор од секое природно пребивање на човекот.
Преку овој непосреден опис, Хорват го навестува падот на тоталитарниот режим и неговата идеологија, повикувајќи се на промените кои ќе го донесат новото време, а ќе посојат поради поривот на младината да проникне во животната суштина.
„Младина без Бог“ претставува луцидна критика на секој режим кој ја затајува и потиснува насушноста на човекот да проникне во вистината и основата на својата човечка дефиниција и ги поставува основните прашања чии одговори лежат во темелот на нашето постоење.
Во горенасловениот роман, авторот говори за архаичниот антагонизам на моралот и принципот условен од световниот итерес на поединецот, постојано поставувајќи го прашањето за вистината претставена преку „Бог“ во кого поединецот може единствено свесно да одбере дали ќе верува или ќе прифати да стане маса за моделирање на минливите историски прилики кои ќе изчезнат исто како што ќе исчезне оној кој ќе престане да трага.
Цитати:
„Ја оставам реченицата затоа што она што се слуша на радио не смее да го прецрта ниеден професор“
„Каква ќе биде оваа генерација? Силна или само сурова?“
„Јас предавам историја и географија. Морам да го објаснувам обликот на Земјата и да ја толкувам нејзината историја. Земјата е сѐ уште тркалезна, но историите станаа аглести.“
„Необично: верувам во ѓаволот, но не и во драгиот Бог. Навистина не верувам? Не знам. Сепак знам! Јас не сакам да верувам во него. Не, не сакам! Тоа е мојата слободна волја. И единствената слобода која ми преостана: да смеам да верувам или да не верувам.“
„Подредени по јазик, раса и нација се собрале групи и се фиксираат едни со други, се одмеруваат која е поголема. Смрдат и секоја од нив го затвора носот. Само ѓубре! Сѐ е ѓубре! Ѓубрете со него! Наѓубрете ја земјата, за да може нешто да никне. Не цвеќиња, туку леб! Но, престанете да се обожавате. Барем не ѓубрето кое сте го прождрале!“
Белешка за авторот:
Еден Фон Хорват (1901-1938), австриски писател од унгарско потекло, роден во Риека, детството и раната младост ги поминува во Белград, Будимпешта и Минхен, каде што студирал театрологија, филозофија и германистика. После студиите живеел и како слободен писател во Мурнау и во Берлин. По доаѓањето на Хитлер на власт емигрирал во Австрија, а кога германските трупи влегле и таму, побегнал во Швајцарија. Кон крајот на мај 1938 престојувал во Париз. На први јуни истата година загинал на доста банален начин: на Елисејските полиња, за време на бура, се засолнал под костеново дрво; ветрот откорнал една гранка и таа го убила. Хорват е познат пред сè по своето драмско творештво (германските театри и денес го играат доста често). За првиот негов театарски успех индиректно се заслужни нацистичките јуришници. Имено, тој случајно се затекнал на еден социјалистички собир кој брутално бил растурен од младинци со кукасти крстови, што го инспирирало за драмата Италијанска ноќ или Забава во градината. По оваа драма, истата 1931 година, следува и круната на неговата театарска работа – Приказните од Виенската шума поставена на сцената на берлинскиот Deutsches Theater, и за која ја добива Клајстовата награда, најпрестижната книжевна награда во Германија. Се разбира, не треба ни да се спомнува дека лауреатот врз себе го навлекол гневот на збеснатиот рајховски печат. Освен драми Хорват пишувал и кратки раскази, а објавил и три романи: Вечниот малограѓанин, Младина без бог и Дете на нашето време.
[Извор за биографијата: https://okno.mk/node/41751]
Comentarios