top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Небеска река


Автор: Блаже Конески

Наслов на оригиналот: Небеска река

Година на издавање: 1991

Жанр: поезија ( песни и препеви)


Осврт:

Збирката песни и препеви „ Небеска река“ е едно од последните литературни дела на македонскиот великан Блаже Конески. Со оваа збирка поетот го заокружува своето животно дело, а притоа своето пребивање во овој свет. Напишана само две години пред неговата смрт во 1993 година, „Небеска река“ претсавува збирка на интимни монолози произлезени од животните искуства и размислувања , дијалози со својата душа, водени од мислата доведена од староста и исклучителниот живот на авторот. Поезијата на Блаже Конески ја опеа неговата младост, го следеше неговиот подем, живееше со него и ја носеше неговата мисла, а во оваа збирка, собраните песни претставуваат еден поклон пред светот кога староста на големиот човек згаснува. Ако првите песни на Конески беа долги, описни, богати со слики, пејсажи, гласни мисли и чувствувања, неговите последни песни се карактеризираат со збиена, куса изразна форма. Делата собрани во оваа збирка очебијно се помали од песните од младите денови на поетот и претстауваат едно сосем збиено, мошне интензивно интимно чувство, како искрен, директен вик кон светот во кој творел и живеел. Многу од нив се проткаени со таговна нишка на осаменост, но и триумфално заокружување на сето она што некогаш живеело во него. Во своите последни песни поетот се навраќа на младите денови, на миговите кои оставиле вечна трага во неговото постоење, а потоа ја опева староста со спокоен, кус, напати таговен призвук. Тоа што е особено за оваа збрка е циклусот песни „Дојранска елегија“ со кој завршува авторскиот дел на збирката препеви и поезија. Во овој циклус сочинети се прекрасни, мултидимензионални описи на Дојран, онаков каков што е во душата на поетот Блаже Конески. Не може да се говори за него, без да се говори за нашата Македонија, ниту пак да се говори за неа, без да се спомене Конески. По повод првата промоција на збирката „Небеска река“, во однос на циклусот „Дојрански елегии“, македонскиот великан Матеја Матевски ќе забележи: „Дојран е местото на неговиот почеток и крај, заокружување на циклусот на неговото пребивање под ѕвездите. “

Збирката завршува со неколку лични препеви од Гете, Шилер, Хелдерлин и Хајне кои потсетуваат на Блажевата приврзаност кон германските романтичари и нивните дела.

Со тоа, може да се заклучи дека „ Небеска река“ е дело со кое Блаже Конески го заокружува својот живот, своето дело и своето пребивање во светот, не како македонист, интелектуалец, професор и академик, туку како човек- поет кој за својот живот ќе посведочи преку стиховите. Песната на вистинскиот поет расте заедно со него, а поетот ја живее својата песна. Стиховите се неговите крилја, а птиците живеат и умираат пеејќи.


Белешка за авторот:

Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993) е најзначајната фигура на македонскиот 20 век. Филолог, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, преведувач, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, академик – прв претседател на Македонската акадамија на науките и уметностите (МАНУ).

Тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.

Блаже Конески е роден во село Небрегово, Прилепско, каде живеел до својата осма година. Потоа, целото семејство се преселило во Прилеп и таму Конески учел основно училиште и нижа гимназија. Виши класови гимназија завршил во Крагуевац, а студиите по славистика ги започнал во Белград, а ги завршил во Софија 1944 година.

По ослободувањето дошол во Скопје и развил богата културна и научна дејност.

Како научник-славист, тој ги направил најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Учествувал во комисијата за азбука, учествувал во составувањето на првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, тој е еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик (во три тома).

Освен со научна, Конески се занимава со творечка, препејувачка, есеистичка и критичка дејност.

Потписот на Блаже Конески

Во 1945 г. се појавува неговото прво поетско дело „Мостот“, со мотив од изградбата на земјата; 1948 г. збирката „Земјата и љубовта“ – песни со патриотски и борбени чувства, карактеристични за првата фаза на повоената македонска поезија; 1953 г. збирката „Песни“, каде се свртува кон себе, кон својата интима.

Следуваат збирките: „Везилка“, циклусот „Стерна“, збирката раскази „Лозје“. Ги напишал и збирките песни: „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Цркви“, „Златоврв“, „Сеизмограф“, „Небесна река“ и „Црн овен“.

Конески беше почесен директор на неколку универзитети, а во негова чест, денес Филолошкиот факултет го носи името Блаже Конески.



















Kommentarer


bottom of page