top of page

β-Предлог книга на неделата: Небиднина

Writer: Софија ТодороскаСофија Тодороска

Автор: Ацо Шопов

Година на издавање: 1963

Жанр: поезија

Осврт:

Ацо Шопов се вбројува во плеадата основоположници на современата македонска поезија и воедно претставува споменик на преминот на Воениот период кон новиот зародиш на времето кое настапува по него.


Збирката поезија „Небиднина“ претставува манифест на животот и битието кое се пронаоѓа до вечноста, заедно со суштината и основата на сепостоечкото, пронајдена во суштествената дихотомија на стварноста.


Во првиот циклус од 12 песни, сочинет во насловената стихозбирка, „Молитви на моето тело“ Шопов поаѓа кон потеклото на сепостоечкото во себе, во потрага на зборот кој ќе биде своевидно архе на битието како првото лице на небитието.


Циклусот започнува со песната „Раѓање на зборот“ каде Шопов ја навестува потрагата која ќе се соедини со мотивот на телото како материјална компонента која го зацвртува духовното.


Преку постапното развивање на стиховите во песната, Шопов ја олицетворува метаморфозата на бесформата во форма, на непостоењето, во совоето постоење- на безгласната темнина во зборот кој, самиот по себе, според зборовите на Анте Поповски е единствена материја која не исчезнува, која не гние која има способност на самообнова.


Во своето дело „Небиднина“ Шопов посегнува по поетската слобода да патува помеѓу минатото и идното небидување и кусото моментно постоење како праобраз на небиднината.


Вечниот круг на заемноста на спротивностите како две лица на стварноста, Шопов го положува во основата на своето дело, притоа повикувајќи се на времето како дефинирачка компонента на постоењето и непостоењето.


Ваквиот мотив се забележува во песната Четврта молитва на моето тело во стиховите: сѐ она што потемнува во моето Вчера јас како светло Утре во длабини го кријам.


Уште една мотивска нишка која неотповикливо се надоврзува во насловеното дело е поетовата фасцинација од четирите праелементи, повикувајќи се на претсократовсите философи, трагајќи по архе-то на битието.


Стилот на Шопов е мошне апстрактен, но мелодичен и сликовит, мистичен и загадочен, со карактеристичен полифоничен израз особен за душеподобната тематика која поетот ја опева.


Ова свое излагање ќе го заокружам со извадок од обраќањето на професорот Александар Прокопиев кој во една прилика ќе истакне:


Небиднина е исчекор во јазикот, излет што извира од внатрешната магиска способност на поезијата да го именува неименуваното. Енергијата на митските праслики, ослободувањето на ритамот од стегите на формалните рими и неговото активирање во говорната логика на духовниот транс, тоа се суштински благодети на геопоетичкото создавање кај Шопов

Небиднината е неопходна, ужаснувачки вистинита, но и длабоко инспиративна категорија во тој процес на себеспознанието во светот и на светот во сопоствената песна, кога човекот се сплотува со друг човек, со природата и со сопствената подзаборавена припадност на таинственото Пра-Едно.


Одбрани песни:


Раѓање на зборот

Глужд на глужд.

Камен врз камен.

Камена шума

изѕемнина.


Глужд на глужд.

Камен врз камен,

од камен и ние обата.

Чади ноќта.

Зборот се двои од темнината.

Модар јаглен му гори во утробата.

О ти што постоиш зашто не постоиш,

небото го лулаш,

земјата ја вртиш.

О ти што постоиш зашто не постоиш,

земјата јачи под камени плочници.

Иде замелушен од своите смрти

Зборот што ги крши сите слепоочници.

Глужд на глужд.

Камен на камен.

Својот гроб со прокуда го копам.

Отвори ме

проклетио,

ти тврдино камена,

да изгорам во јагленот на зборот,

да се стопам.

***


Деветта молитва на моето тело


Еве го тоа место, тоа неизодливо тело,

распослано како нема глад.

Еве ги сите светлини и води

на овој соѕидан град.


Врз кровот негов гука гулаб вечен-

чудна една сазна од леб и сребро...

дали го откри тој збор, тоа име

што штрека во дното на секое ребро.


Дали ја откри таа страшна тајна,

тој уште нигде неиживеан век,

дали откри колку светлините болат

над ова тело што тече без тек.


Еве го тоа место, тоа неизодливо тело,

таа глад што го распосла и роди.

Еве го овде тој соѕидан град,

соѕидан од светлини и води.

***


Очај пред тврдината


Тврдино, невидливи воини те пазат.

Стасав и паднав пред тебе на метар.

Ветар и оган, оган и ветар.

Оттука нема враќање назад.


Од грозна немост морници ме лазат.

Очајот само се снове ко волк

низ сурите карпи на тој грозен молк.

Оттука нема враќање назад.


Земјата в срце на грутки се рони,

притиска и тежи, се трупа, ме кани:

израмни се со мене, земја и ти стани.

Со ветар и оган земјата ме гони.


Рамнодушна, глува за лелек и жртви,

неспособна да жали и суди

сека ноќ тврдината ја буди

сонцето на тие што се мртви.

Белешка за авторот:

Ацо Шопов е роден на 20 декември 1923 година во Штип. Основно и средно образование завршил во родниот град, а филозофски факултет – отсек филозофија – во Скопје.


Учесник е во Народноослободителната борба (НОБ) и носител на Партизанска споменица 1941. Носител е на повеќе одликувања: Орден за храброст, Орден братство-единство од I ред, Орден на Републиката со сребрен венец (1961 г.), Орден на трудот со црвено знаме (1969 г.), Осмоноемвриска награда (1974 г.), Орден заслуги за народ со златна ѕвезда (1974 г.) и други.


Од 1940 г., бил младински раководител и еден од уредниците на партизанската публикација Огин, орган на Третата македонска ударна бригада. Во текот на НОБ и по ослободувањето, играл водечка улога во Главниот одбор на НОМСМ и во покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија. Бил член на ЦК СКМ, а подоцна и сојузен пратеник.


Како младинец, Ацо Шопов бил уредник во списанијата Иднина, Нов ден, Млад борец и Хоризонт. Подоцна бил именуван за главен уредник на Современост и на сатиричниот неделник Остен.


Бил прв директор на книгооиздателството ,,Кочо Рацин“ (подоцна преименувано во „Македонска книга“) и го посветил поголемниот дел од работниот живот на издавачката дејност. Бил исто така амбасадор на СФР Југославија во Сенегал, а кариерата ја завршил како Претседател на републичката комисија за културни врски со странство.


Како прв претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата, Ацо Шопов претстедавал во неколку наврати со Друштвото на писателите на Македонија.

Бил исто така претседател на Координациониот одбор на Сојузот на писателите на Југославија, како и претседател на Сојузот на преведувачите на Југославија.


Ацо Шопов е познат како поет и преведувач на поезија. Почнувајќи од неговата прва збирка, Песни, којашто е едновремено и првата книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија, во 1944 год., па сè до последната, Дрво на ридот, објавена во 1980 год., Ацо Шопов ги изгради темелите на една решително современа поезија којашто се потпира на родната Македонија со единствена цел да ја внесе во катастарот на светот. Неговата поезија успева да ги соедини, во едно исто интимно искуство, личните доживувања на поетот и судбината на човештвото.


Добитник е на највисокото југословенско признание, наградата „АВНОЈ“ (1970 г.), како и на низа литературни награди: ,,Кочо Рацин“ — за стихозбирките Слеј се со тишината (1956 г.), Ветрот носи убаво време (1957 г.) и Гледач во пепелта (1970); „11 Октомври“ — за препевот на Хамлет (1960 г.) и за животно дело (1981 г:); „Змаеви детски игри”, за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај (1967 г.); „Браќа Миладиновци”, за збирката Песна на црната жена (1977 г.).


Негови збирки поезија се препеани на словенечки, унгарски, руски, латвиски, српски и хрватски, француски, романски, шпански, германски, и бугарски јазик. Преведуван е на голем број други странски јазици, во антологии и избори.


Негови попознати препеви од светската класика се: Хамлет, Сирано де Бержерак и Сид, како и поезија од Вилијам Шекспир, Леополд Седар Сенгор, Јован Јовановиќ Змај, Мирослав Крлежа, Драгутин Тадијановиќ, Изет Сарајлиќ, Григор Витез, Отон Жупанчич и други.


На 18 август 1967 година е избран за еден од првите редовни членови на Македонската академија на науките и уметностите, а во 1968 година, за дописен член на Српската академија на науките и уметностите.


Починал на 20 април 1982 година.


Comentários


bottom of page