
Автор: Десанка Максимовиќ
Година на издавање: 1965
Жанр: Поезија
Наслов на оригиналот: Песме
Осврт:
Десанка Максимовиќ припаѓа на плеадата поети и книжевници кои го обележаа литературниот дваесетти век во Србија и целата југословенска територија.
Со својот богат творечки опус, Максимовиќ учествува во поставувањето на темелите на современата српска поезија при што активно се занимава и со професорската дејност.
Поезијата на Десанка Максимовиќ се поситоветува со интимниот монолог на младоста вткаена во наравот на нејзините стихови дури и на крајот од нејзиниот живот.
Оттука, како основен мотив на поетското творештво на Десанка се истакнува љубовта за која самата ќе каже: „Како што љубовта во животот на една жена е важна работа, во делата на жена поетеса е најчеста содржина, најсилен поттик за пишување, најблагодарна инспирација“.
Поетскиот израз на Максимовиќ е луциден и непретенциозен, тргнувајќи од тоа дека поетесата цели кон создавање на разбирлива, чувствена и искрена поезија, подобна на облечен портрет на својот личносен интроверзум.
Напати може да се сретне и ставот дека Максимовиќ не припаѓа на гласните говорници за светот во кој пребиваат, но нејзиниот поетски наратив понира во интимните длабочини и избликнува преку истите, понесувајќи го тој нарав на младоста, длабоката чувственост и внимателна обсервација на говорот на својата душа.
Надоврзувајќи се на тоа, би било погрешно ако поетското творештво на Десанка Максимовиќ се опише како душевен акт, земајќи предвид дека нејзината чувствена експресија е несоголена, внимателно облечена, но доволно откриена да го навести и суптилно пренесе мигот во кој е родена.
Уште една особеност на поезијата на Максимовиќ е нејзината изразита пејсажност, често употребувајќи го мотивот на природата, пролетта, снегот, ноќта, времето и невремето, што придонесува до нејзиниот луциден поетски карактер.
Во стиховите кои припаѓаат на подоцниот творечки период на поетесата се истакнуваат историските и патриотските мотиви со кои, со истиот карактеристичен сензибилитет, Максимовиќ гради мултидимензионална претстава на времето во кое пребива.
Во својата поезија, Десанка Максимовиќ силно го провлекува и моралниот аспект, со што освен љубовта како основен мотивски двигател, поетесата ги велича човековите доблести.
Исходно, поетскиот јазик на Максимовиќ е прочистен и достоинствен, подобен на ислучителната чувствителност и порив да проникне во суштината на своите чувствувања.
Како таква, поезијата на Десанка Максимовиќ е блиска до интимните доживувања на секој читател кому разговорот со себе си и суштината на своите чувствувања му е искрен, близок и драг, а повторно скриен и несоблечен, проврен во најдлабоките пространства на чувствениот интроверзум на човекот кој умее да го слушне говорот на тишината.
Одбрани песни:
Пролетна песна
Чуствувам вечерва додека
ги набљудувам ластовиците
и пупките рани,
како срцето мое полека расте,
ко видик во убави насмеани денови.
како со младото билје сè станува поголемо
и лесно како крилјо,
и како цело едно небо среќа направено
и пеколот на бол не би му бил доволен.
како копнее за сè што животот би можел
убаво да му даде,
и ништо да не му биде многу:
така големите копнежи му се и надеж.
Чувствувам дека досега сè било шега
многу срца врели,
дека уште никому својата љубов не сум ја дала
колку би можела и колку би сакала
дека во мене сета нежна плима
зборови недоречени
дека од срцето можам да поклонам на сите,
и повторно многу да остане за мене.
Предупредување
Слушни, ќе ти ја откријам својата тајна
Не ме оставај никогаш сама
Кога некој свири.
Можат да ми се причинат
Длабоки и меки
Очи некои
Сосем обични.
Може да ми се причини
Тонам во звуци
Па своите раце
Ќе ги пружам секому.
Може да ми се причини
Убаво и слатко
Да љубам кратко
За еден ден.
И можам било-кому да ја речам
Чудесната, сјајна,
предрагата тајна
Колку те сакам.
Ох, не ме оставај никогаш сама
Кога некој свири.
Ќе ми се причини некаде во една шума
Повторно сите мои солзи течат
Низ самоникнати чешми некои
Ќе ми се причини пеперутка црна
По водата тешка со крилја го шара
Она што не смеат многу да го речат.
Ќе ми се причини некаде низ таа тама
Некој пее, и со горчлив цвет
Во непреболената рана на срцето допира.
Ох, не ме оставај никогаш сама
Никогаш сама
Кога некој свири.
Белешка за авторот:

Десанка Максимовиќ 16 мај 1898 – 11 февруари 1993) била српска поетеса, професор по книжевност и член на Српската академија на науките и уметностите.
Покрај тоа, Максимовиќ била и раскажувач, романсиер и писател за деца, а повремено се занимавала и со препејување на поезија од руски, словенечки, бугарски и француски јазик.
Таа има објавено околу педесет збирки поезија, низа песни и прозни дела за деца и младинци, раскази, романописецска и патеписна проза.
Денес, таа се смета за најголемата поетеса во српската поезија.
Максимовиќ започнала да пишува поезија уште за време на своите гимназиски денови, но своите први песни започнала да ги објавува дури по Првата светска војна. Својата прва песна ја објавила во 1920 година, во списанието Мисао („Мисао“).
Одбрани цитати од Десанка Максимовиќ:
1. „Се плашам кога ќе помислам дека ќе дојде последната недела од нашето дружење“.
2. „Најлесно е кога пишувам на јазикот, со реченици од својот роден крај“.
3. „Говори тивко. Птиците ноќеска пеат во наша близина и мене ми е жал да слушнат како во нечиј глас има солзи“.
4. „Како што љубовта во животот на една жена е важна работа, во делата на жена поетеса е најчеста содржина, најсилен поттик за пишување, најблагодарна инспирација“.
5. „Сè што ми се случило поради тебе, како восхитено живее во мене, и изгледа дека нема да помине“.
6. „Спокојството кое поетот го чувствува после испеана песна има душа, душа на шумски мир“.
(Цитатите и биографијата се превземени од сајтот „Крајбрежје.мк“)
Comentários