Автор: Иво Андриќ
Година на издавање: 1954
Жанр: повест
Наслов на оригиналот: Prokleta avlija
Осврт:
„Проклета авлија“ според повеќето книжевни критичари претставува повест од историско- хронички карактер, лоциран во цариградскиот затвор според кој е именувано делото и со својта полифонична структура нуди изобилство аспекти од кои книжевната критика може да пристапи.
Македонскиот професор и литерат Георги Старделов, во своето излагање во поговорот на насловеното дело, во изнадие на „Македонска книга“ (Скопје, 1974) се осврнува кон философската позадина на повеста видена преку дефиницијата на методот на прозното творештво на Андриќ.
Наративот на делото изобилува со стожерни противположности кои постануваат двигатели на неговото дејство видено од една егзистенцијалистичка гледна точка, насетувајќи ја во философската постава на повеста.
Имено, делото започнува со смртта на католичкиот свештеник Фра Петар, а се развива преку ретограден наратив на неговиот живот раскажан од младиот монах Растислав кој ги сведочи последните денови на старецот. Смртта како негација на животот го објавува почетокот на она кое се врзува во крајот на делото како безвремена јамка на човечкото движење.
По низа несреќни околности и непријатни случајности, за време на својот престој во Цариград, Фра Петар ќе биде обвинет и затворен во озлогласениот затвор познат како Проклета авлија каде ќе се запонае со најразлични луѓе од османлиската територија, осудени на различни казни за престапи од сосем разновиден карактер.
Ваквата карактерна разновидност на заворениците, Андриќ ја поставува како депикција на општочовечкото и сеприсутното, со што се истакнува универзалната природа на делото.
Според Старделов, вината како елемент во творештвото на Иво Андриќ е еднакво апсолутна како и апсурдот и тие меѓусебно се обусловуваат. Според тоа, проблемот на вината во прозата на авторот се разгледува како филозофски и етички проблем, преку карактеристичен егизстенцијалистички пристап според кој виновни се сите, бидејќи таа вина е судбински предодредена од егзистенцијалната смисла на животот.
Понатаму, Георги Старделов ќе забележи дека Андриќ говорејќи за минатото го докажува концептот на апсурдот, додека во идното и сегашното каде постои перспектива, го поништува.
Основниот дијалог кој го оформува делото се поставува помеѓу ликовите на Фра Петар и малдиот благородник Ќамил, осуден заради исклучителниот интрес и познавање од областа на историјата чија вистинољубивост претставува закана пред лицето на власта осквернета од нечесност.
Тргувајќи оттука, може да се забележи дека Андриќ отворено ја критикува бескупулозноста и аналфабетизмот на државната управа чии вредности се целосно изместени од суштинската оска, како директен изобраз на хаотичната состојба во која се наоѓа Османлиската империја во залез.
Јасно е да се предочи дека ваквата критика го изделува општочовечкото од историската конотација која служи како соодветна подлога за дескриптивно изложување на идејата на авторот и го поставува над јамката на апсурдното и временски обусловеното.
Андриќ пишува за предодредената тленост на човековото, длабоко внатрешно нагризено од исконската гангрена, зафаќајќи ги основните лични и општесвени вредносни и морални постулати на поединецот, преку што индицира на таа единствено правилна човекова преродба која ќе го прекине кругот на вечното патување оформено во неговата постојана предопределеност, од победата кон поразот за повторна победа, односно од раѓањето кон смртта, за повторното раѓање.
Цитати:
„Тешко бега безимениот роб од синџирот, а и кога бега тој има секогаш малку надеж дека ќе се докопа до некој свој свет во кој ќе може да живее како слободен и безимен човек меѓу слободни и безимени луѓе. Но, за него не постои возможност за бегство“
„Јас!- тежок збор што во очите на оние пред кои е кажан го определува нашето место, кобно и непроменливо, често далеку пред или зад она што ние го знаеме за себе, надвор од нашата волја и над нашите сили. Страшен збор, кој еднаш изговорен засекогаш нѐ врзува и нѐ изедначува со сѐ она што сме го замислиле и сме го рекле и со кое никогаш не сме ни помислувале да се изедначиме, а всушност во себе, одамна сме веќе едно“
„Она што не е, што не може и не треба да биде, беше посилно од она што е и што суштествува, очевидно, вистинито и единствено возможно.“
„Тие се претставители на победничкиот живот што си оди по својот пат, по своите потреби. Не се тоа убави победници. Сета заслуга им е во тоа што го надживеале покојникот. И кога човек ги набљудува вака отстрана, му изгледаат по малку како грабачи, но грабачи на кои им е осигурено да не бидат казнети и кои знаат дека сопственикот не може да се врати, ниту да ги изненади во работата. Не се сосем тоа, но по нешто на тоа потсеќаваат.“
Белешка за авторот:
Иво Андриќ е роден на 9 октомври 1892, по случајни околности во Травник, додека мајка му била во посета на роднините. Родителскиот дом се наоѓа во Сараево, каде што семејството на неговиот татко Антун со децении водело занаетчиска работилница. Кога Иво имал само 2 години, туберкулозата однела многу животи од семејството Андриќ. Меѓу кои и неговиот татко. Соочена со немаштија, мајка му Катарина го носи детето кај сестрата од својот сопруг во Вишеград. Во овој град, кој повеќе од било кој друг ќе го означи неговото творештво, Иво Андриќ го завршува основното училиште, а потоа се враќа кај мајка си во Сараево, каде што во 1903 година се запишува на Велика гимназија. Како гимназијалец, Андриќ ги пишува и првите песни, а во 1911 по прв пат ја објавува поезијата. Во тоа време тој е жесток поборник на југословенството, дел е од движењето Млада Босна и противник на Австро-унгарската монархија. Заминува на студии по литература и историја во Загреб, оттаму во Виена и Краков.
По атентатот на војводата Франц Фердинанд во 1914., се враќа во Краков, но набргу го апсат и го носат во затвор, каде што како политички затвореник ќе остане до март 1915 година. Во тој затвор, во понижување, Андриќ интензивно ја пишува својата поезија во проза, која ја објавува во две книги – „Ex Ponto“, во 1918 и „Немири“ во 1920. Истата година го објавува и првиот расказ започнувајќи нова фаза во неговото творештво.
По излегувањето од затвор, по казна е испратен во Зеница, но поради болест на белите дробови набргу стигнува во Загреб, каде што се сретнува со други интелектуалци, почнува да работи на основање на литературно списание, а по Првата светска војна заминува во Белград каде што работи како службеник во Министерството за вери. Другарува со белградските интелектуалци, со Пандуровиќ, Црњански... Следната година ја почнува својата успешна дипломатска кариера, прво во Ватикан, потоа во Букурешт и Трст. Во почетокот на 1923 станува вицеконзул во Виена, каде што го завршува факултетот и докторира. Во септември 1924 се враќа во Белград и ја објавува првата збирка раскази. Веќе во 1926 станува член на Српската академија за науки и уметности. Продолжува да работи во дипломатската служба во Марсеј, потоа во Париз,каде слободното време најмногу го минува во Националната библиотека, проучувајќи ја историјата за Босна. Во тек на следните години поради работата често ги менува градовите, Мадрид, Брисел, Женева. Во Белград се враќа во 1933 година. Цело време пишува интензивно раскази, есеи и репортажи. Во текот на 1939, неговата дипломатска кариера достигнува врв – станува специјален пратеник на Кралството Југославија во Берлин, а акредитивите ги предава на канцеларијата на Адолф Хитлер. Во септември, кога Германците ја напаѓаат Полска, тој жестоко настапува кај германските власти против водењето во заробеништво на многу писатели и научници. Белград, од друга страна, многу преговори и договори води без својот претставник и ез негово знаење. Во раната пролет, 1941 година, ара да го повлечат од функцијата, но неговото барање е одбиено. Сепак, денот по бомбардирањето на Југославија на 7 април 1941 година, Андриќ со персоналот од конзулатот, и покрај понудата на Германците да се скрие во Швајцарија, пристигнува во окупираниот Белград. Живее повлечено, како потстанар, ја одбива понудата да објавува и го пишува првиот дел од романот „Травничка хроника“. На крајот на 1944 го завршува и романот „Мостот на Дрина“. По војната активно се занимава со литература, држи предавања, патува и објавува.
Со својата долгогодишна љубов, Милица Бабиќ, костимограф и вдовица на неговиот пријател, се жени во 1958 година и се преселува во својот прв стан во Белград.
За „епската сила“ со која ги обликуваше мотивите и судбините на своите јунаци во 1961 година добива Нобелова награда за литература. Иако неговите дела и до тогаш се преведувани на многу јазици, после доделувањето на наградата почнува огромен интерес за овој писател од Балканот. Романите и расказите му се печатат на над 30 јазици, иако добива многу понуди, патува и држи многу предавања. Парите од Нобеловата награда ги подарува во два наврати на библиотекарскиот фонд на Босна и Херцеговина.
Повлечен и мирен по природа, Андриќ се обидува така да живее и покрај светската слава што ја стекнува. Шета секојдневно по улиците на Белград, запишува мисли и цитати, многу чита и малку пишува. Во исто време, и неговата животна љубов Милица, која до крај ќе ја вика „мила моја Лепо", боледува од тежок вид на артритис. Лековите на крајот ѝ го ослабнуваат срцето и таа умира во 1968 година, а Андриќ потоа уште повеќе ќе се повлече во својата тишина и самотија. Полека здравјето го напушта, па многу време поминува по болници и бањи, лекувајќи го тешкото нарушување на мозочниот крвоток, од што и умира, на 13 март 1975 година. Погребен е во Белград, а неговиот стан, каде што ги мина последните години, е претворен во музеј.
(Извор на биографијата: https://www.mkd.mk/65767/kultura/roden-na-denesen-den-ivo-andric )
Comentarios