top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Процес


Автор: Франц Кафка

Наслов на оригиналот: Der Prozess

Година на издавање: 1925

Пишувана во периодот: 1915-1916

Жанр: роман

Осврт:

Во премрежјето на двете војни кои го обележуваат целиот дваесетти век, егзистенцијализмот како филозофски, а со тоа инхрентно литературен правец се појавува како непосреден произлез од судирот помеѓу човековата природа и дијаметралната морална постава што ја наметнува бурниот почеток на векот.


Соодветно, егзистенцијализмот посегнува по суштината на живеењето и ги премерува досега усвоените морални и филозофоски постулати кои даваат одговор на исконското прашање, притоа доспевајќи до архетипски заклучоци кои ќе добијат свој одзив во новата филозофија.


Франц Кафка припаѓа на плеадата европски автори кои ги оствуваат основите на егзистенцијалистичката проза, притоа надополнувајќи ја нејзината дефиниција си својата творечка уникатност.


Романот „Процес“ претставува алегорична манифестација на актуелната прозорлива перцепција на објективната реалност, карактеристична за авторите на модернизмот, преплетена со бројни автобиографски елементи кои еднакво се положуваат во психолошката и мотивска основа на делото.


Главниот носител на дејството е чиновникот Јозеф К. кој ненадејно се сочува со тежок со судски процес без позната причина. Притоа неговата фигуратива слобода не е одземена, останувајќи способен да ја одржи познатата животна динамика, но постојаното сознание дека слободата веќе не му припаѓа постанува основа чувствена нишка во понатамошниот наратив.


Едена од карактеристичните одлики на творештвото на Кафка е тоа што тој често ги поставува главните ликови во чиновничка служба и дава детален приказ на административните и судски процеси, тргнувајќи оттаму дека неговото професионално животно искуство му ги предочува најстаените аномалии на општествениот систем.


Во основата на дејството се положува апсурдот како карактеристика егзистенцијалистичкиот правец, посочувајќи ја бесмислата на животот со фигуративна слобода и субјективна лишеност од основните човекови права и допуштенија без конструктивно појаснување.


Соодветно, напоредното одвивање на судскиот процес со привидно непроменетата животна динамика на Јозеф алудира на една личносна алиенација од сеопштата реалност на поединецот, елемент кој исходи од личните чувствувања на авторот кој сиот живот го минува оттуѓен од себеси, своето семејство, општеството и социјалното опкружување.

Притоа, останува функционален дел од напоредната реалност од која субјективно се изделува.


Актот на поставување на главниот лик пред една апстрактна, непоимливо голема сила со која треба да се избори е карактеристичен за делата на Кафка и потекнува од неговото лично чувстуввање на немоќ да исплива низ своите емотивни и објетивни личносни премрежја.


Ваквиот наратив побудува чувство на апсурдна борба на субјективната и објективна немоќ со апстрактната сила на непоимливото, притоа неможејќи да се повика на надежта која исчезнува со самото сознание дека не постои можност за општествена и морална рационална епифанија.


Со овој роман Кафка ги предвидува општествените тенденции на новиот поредок и го навестува новото време во кое личната слобода на човекот ќе биде преземена од страна на власта која ќе се издигне како автономен седржателен организам против кој личната немоќ на поединецот ќе биде силно почувствувана.


Јозеф К. е воведен во еден бирократски лавиринт аналогнен на бесмислата на животните патеки из кои поединецот ја пронаоѓа смртта како единствена сигурна предвидена дестинација.


Сценографијата во која се поставува дејството има речиси психоделичен карактер, особен за модернистичката уметност, а истата служи да се долови тешкиот наратив со кој Кафка ги предочува вистинските чувствувања кои се присутни во времето во кое е напишан романот.


Својата општествена критика проследена со силниот елемент на бесмислата, авторот ја изразува во преплетот на главните случувања со споредните апсурдни дејствувања и описи на околината.


Корумприаното судство е инвалидизирано и не е способно да ја застапи правдата чија положба е портретитана во ликот на болниот адвокат кој е неспособен да го води тешкиот процес на Јозеф К.


Многу од дејствените орнаменти кои ја надополнуваат основната фабула се повикуваат на емотивниот хендикеп на главниот лик, виден преку неможноста да љуби, но своите дејствувања ги насочува кон задоволување на животинските нагони. Оваа тенденција е најзиразена во односот помеѓу К. и девојката Лени.

Со тоа Кафка укажува на суштественото обезвреднување и корозија на она кое човекот го изделува над животинските облици.


Дејството на романот се заврзува со смртта како единствена сигурна конечност на бесмислата на животот и потрагата по правда и уважување на човековата дефинирачка природа.


Јозеф К. умира во бесмислен чин соодветен на апсурдноста на процесот низ кој минува, бидувајќи ненадејно изнесен од дома и сурово убиен како куче на работ од градот.


Во романот „Процес“ Кафка врши мултидимензионална портретизацја на личносната и општествена клима на времето во кое живее и твори. Притоа ги дефинира егзистенцијалистичките аспекти кои го оформуваат новото уметничко и филозофско движење исходено од суровите премрежја положени во дефиницијата на векот. Наративот застапен во романот изобилува со интимни примеси, следствено делото се каратеризира и со силно автобиографско психолошко семантичко рамниште особено за творештвото на Кафка.


Познавајќи ги длабочините на бирократскиот и правен систем, авторот приложува детала интроспекција во аномалиите кои ја причинуваат индивидуалната корозија на поединецот кој е соочен со силата на општествениот организам, а притоа ја истакнува бесмислата на лавиринтот на животот чии патеки одат кон само еднен сигурен крај- конечната смрт.


Цитати:

„Зборуваат за нешта за кои немаат ни најмало познавање, само заради нивната глупавост можат да бидат толку сигурни во себе“


„Би било многу бесмислено да се убие себеси, дотолку што дури и да би сакал, бесмисленоста би го спречила“


„Не е насушно да се прифати сѐ како вистина, но како потреба. – Тажен заклучок, рече К. Лагата ја претвора во универзален принцип“


„Некогаш е подобро да се биде окован отколку да се биде на слобода“


Белешка за авторот:

Франц Кафка (1883 – 1924) се смета за еден од најголемите и најзначајните писатели на дваесеттиот век.


Во неговите дела се спојуваат елементи од реалното и фантазијата, а неговите протагонисти се осамени и изолирани ликови кои се наоѓаат во бизарни и надреални ситуации, опфатени од социјално-бирократските сили, соочени со отуѓувањето, вината, егзистенцијата и апсурдот.


„Кафкијански“ е терминот под кој се подразбира специфичноста на неговото творештво и ликовите што ги создал.


За време на својот живот Кафка објавил само неколку раскази, само мал дел од неговото творештво и поради тоа не привлекол значајно внимание.

Најголемиот дел од неговите дела се објавени постхумно зашто сметал дека не се доволно вредни. Неговото уникатно дело продолжува да ги предизвикува критичарите, а обидите за негова класификација завршуваат без успех.

Кафка ги напишал романите „Процес“, „Замок“ и „Америка“, збирката кратки раскази „Градењето на кинескиот ѕид“ и расказите „Метаморфози“.


Тој се смета за дел од модернизмот – претставник на експресионизмот, на егзистенцијализмот, предвесник на постмодернизмот во литературата.

Кафка е роден во Прага во средноимотно еврејско семејство, семејство на германски говорители.


Во Прага го завршил своето образование станувајќи доктор по правни науки. Се вработил во осигурителна компанија, и тогаш почнал да пишува. Работата ја сметал за потреба да се преживее, а негова страст станала литературата жалејќи што нема доволно време за целосно да ѝ се посвети.


Во текот на својот живот, Кафка напишал стотици писма до семејството и блиските пријатели, меѓу кои и неговиот татко, со кој имал заладена и формална врска. Врската со неговиот доминантен татко е честа тема во она што го пишува.


Во 1917 година се разболува од туберколоза и неговото семејство му помага во опоравувањето.


Во 1923 набрзина се сели во Берлин обидувајќи се да се оддалечи од влијанието на семејството и да се фокусира на пишувањето.


Кафка страдал од клиничка депресија и социјална анксиозност целиот свој живот. Страдал од мигрена, несоница, цревни заболувања, напади на бес и други оболувања создадени од прекумерен стрес и напор. Се обидувал да ги контролира овие заболувања преку природни методи држејќи вегетеријанска диета.


Наспроти неговиот страв од тоа да не стане физички и ментално антипатичен, луѓето биле импресионирани од она што го прави, од неговиот момчешки, чист и асктески надворешен изглед, од неговата интелигенција и чудната смисла за хумор.


Туберколозата му се влошила и тој се вратил во Прага за да се смести во еден санаториум во близина на Виена со надеж дека ќе се излечи. Таму умира на 3 јуни 1924 година.


Yorumlar


bottom of page