Автор: Луиџи Пирандело
Година на издавање: 1909
Жанр: расказ
Наслов на оригиналот: Il lume dell’altra casa
Осврт:
Нобеловецот Луиџи Пирандело е еден од најплодните литературни дејци на италијанскиот модернизам кој со својот уникатен стил на карактеризација на драмските ликови донесува нов бран во модерната драма.
Својот ран раскажувачки наратив го црпи од творечките постулати на доцниот реализам со што своите дела монументално ги поставува на преминот на реалистичката литература кон новото движење кое го обележува почетокот на дваесеттиот век, литературнот модернизам.
Пирандело е познат по сатиричниот стил на прикажување на полифонични карактерни формации во подлогата на своето севкупно творештво, што се поткрепува со фактот дека авторот имал голем интерес кон психоанализата, претпоставено, уште од времето пред да бидат објавени делата на Фројд.
„Светлината од спротивниот дом“ е расказ со семиавтобиографски карактер и амбиентална, речиси сценографска поставеност на неговата структура. Непосредните описи на ликовите се заменети со сликовито доловување на просторниот и временскиот амбиент, поставувајќи го мотивснкиот центар во елементот на светлината.
Главниот носител на расказот е Тулио Бути кој не ужива никаков заднински или воопшто, посреден физички приказ, наоѓајќи го карактерниот стожер во психолошкиот момент прикажан преку динамиката на неговото движење низ просторот на фабулата. Неговата појава е речиси сенишна и отсуството на интимен двигател се сообразува со просторот во кој Бути се вселува.
Главниот лик пребива во стар изнајмен апартман и со својата отсутност која ја оддава во неговото сеприсуство буди силен интерес во неговата околина, иако самиот останува индифирентен на опкружувањето.
Неговата соба е темна и празна, сообразно со неговата духовна состојба, а преку ваквата дихотомија на просторот и ликот, Пирандело цели кон еден интроспективен приказ на макросветот на Бути виден преку амбиенталниот опис на неговиот привремен дом.
Единствената светлна која ја разбива темната сценографија на пребивалиштето на Тулио е светилката во трпезаријата на семејството кое живее спроти прозорецот на Бути. Аналогно на тоа, семејните вечери на станарите од спротивниот дом стануваат едниствен порив за сенишниот човек кој развива речиси патолошка потреба да биде далчен гостин на семејниот собир над чиниите што испаруваат.
Тој се присетува на едно минато утре кое никогаш не се случило во неговото тешко детство, живеејќи го животот чиј копнеж го натиснувал сиот живот додека постанувал сенка, во трето лице, преку саклото на прозорецот од соседниот дом.
Тулио за прв пат ќе научи што значи да се љуби, понесен од убавината на сопругата на човекот кој живее во спротивниот дом и набргу таа ќе го напушти семејството и ќе започне романтична врска со Бути.
Итнересно е да се забележи дека ваквата наклонетост на инаку бесчуствениот сенишен човек кон жената која во себе го држи едниот од столбовите на своето семејство може да индицира на потсвесен копнеж за она што никогаш не успеал да го има. По долгиот период на живеење на својот нов никогаш остварен живот во трето лице, Бути чувствува потреба да преземе еден дел од неговиот корен за да се припие до она по кое сиот живот потајно страдал постанувајќи лушпа од човек кој умее единствено да живурка.
Пирандело, својот расказ го завршува со кус опис на двајцата љубовници кои ја пијат светлината на спротивниот дом, сега повеќе за едниот како студена сенка, а за другиот наслада со сеќавањето за она кое некогаш го имал.
Неуспевајќи да се освести потсвесното, Бути во својата сенка ја повелкува личноста со која научил да љуби, а која водена од страста на љубовта што мириса на мината, повторна младост постанува нова сенка која живее едниствено од светлината на домот кој некогаш беше нејзиното утре, а денес го живее навечер, како посреден далечен гостин зад прозорското стакло.
Цитати:
„Тулио Бути секогаш одеше сам по улиците, дури и без оние двајца неразделни другари на најголемите осаменици: цигарата и бастунот.“
„Ах да. Светлината од спротивниот дом. Во спротивната зграда запалија светло: здивот на еден туѓ живот проструи низ Бутиевото сопче за да ги истера мракот, празнината и неговото постоење.
„Неколку недели беше замрачена собата отспротива каде што семејството навечер обично се собираше на вечера. А потоа пак се запали светлото над тажната трпеза на која еден татко, зашеметен од болка, ги набљудуваше вомјазените лица на трите деца кои што не се осмелуваа да погледнат накај вратата низ која нивната мајка влегуваше секоја вечер, носејќи чинија што испарува.“
„Оттогаш мораа да живеат од таа светлина, од светлината која допираше отспротива. Еве ја светлината! Во првиот миг Тулио Бути не можеше да ја поднес. А жената, липајќи, почна жедно да го пие сјајниот зрак, јурна накај прозорецот и силно ја затна устата со шамичето. Нејзините деца... Нејзините деца... Нејзините деца се таму... ене ги... крај масата.“
Белешка за авторот:
Лујџи Пирандело (Агриџенто, 28 јуни 1867 - Рим, 10 декември 1936) бил италијански писател, драматург и поет. Меѓу најзначајните негови дела се драмите „Шест лица го бараат писателот“, „Хенри IV“ , „Секој на свој начин“ и романите „Покојникот Матија Паскал“ и „Еден, ниеден и сто илјади“. Тој е добитник е на Нобеловата награда за литература во 1934 година.
Творечкиот опус на Пирандело е особено богат: тој напишал 246 раскази и новели, четири драми и седум романи. Во едно писмо до францускиот критичар Бенжамен Кремје (Benjamin Crémieux), Пирандело се искажал за својот книжевен успех на следниов начин: „Навистина верувам, во онаа мала мера во која нешто вредам, дека никому ништо не му должам. Сè скромно направив сам. И немав книжевни покровители и многу се борев - повеќе од шест години - за да најдам издавач, со фиоките веќе полни со ракописи. Не го запознав Кардучи, ниту го познавав Данунцио; со Верго стапив во контакт многу доцна... кога имав 80 години... Што се однесува до мене, мил мој Кремје, јас всушност не знам зошто до сега не бев каменуван, но Ви се колнам дека за тоа немам вина.“
Пирандело напишал вкупно 246 раскази и новели, претежно напишани меѓу 1894 и 1919 година (вкупно, 15 книги). Првата збирка раскази на Пирандело, насловена „Љубови без љубов“ (Amori senza amore), била објавена во 1894 година, а потоа тој почнал да ги објавува своите раскази во повеќе списанија. Во 1922 година, тој одлучил своите раскази да ги собере под заедничкиот наслов „Новели за една година“, со намера да создаде 365 новели, колку што изнесува бројот на деновите во годината. За време на неговиот живот, издавачката куќа „Мондадори“ објавила 225 раскази во два големи тома, а по смртта на Пирандело, во оваа збирка биле додадени уште 21 расказ.
Вториот дел од својот живот Пирандело речиси целсно му го посветил на драмското творештво: од вкупно 44 драмски дела, 38 ги напишал во периодот по 1916 година. Притоа, голем дел од драмските дела се засновани врз неговите новели. Така, во 28 драми основната содржина може да се најде во неговите новели. Во популаризацијата на драмското творештво на Пирандело голем придонес дал Бенжамен Кремје, кој заедно со својата сопруга Мари-Ан Комнин (Marie-Anne Comnène) ги превел сите негови драми и раскази на француски јазик. Пирандело го превртил традиционалниот однос на театарот и стварноста. Во драмата „Шест лица го бараат писателот“, сцената се претвора во место каде се случува вистинскиот живот. Како Марсел Пруст, така и Пирандело тврди дека уметноста е повредна од животот, и дека смислата на животот постои само во уметноста.
Во предговорот на „Шест лица го бараат писателот“, Пирандело се опишува себеси како писател-философ - оној кому не му е доволно да ги опише ликовите и настаните само колку да ги опише, туку оној кој има подлабока духовна потреба, така што не признаваат ликови и настани коишто немаат посебна животна смисла што има дава универзално значење. Притоа тој вели дека ја мрази симболичната уметност во која она што е прикажано ја губи спонтаноста претворајќи се во инструмент, алегорија. Таквиот симболизам претставува идеја која сака да биде слика, наместо да биде обратно, т.е. сликата, која мора да остане жива и слободна во целиот свој исказ, треба да ја содржи смислата што дава вредност.
Кога се зборува за драмското творештво на Пирандело, интересно е тоа што во „Шест лица го бараат писателот“, самиот автор, преку зборовите на директорот на театарот, вели дека Пиранделовите комедии „се напишани со свесна намера да не им се допаднат ниту на глумците, ниту на критиката, ниту на публиката“.
Commentaires