Автор: Имануел Мифсуд
Година на издавање: 2018
Препев од малтешки на англиски јазик: Рут Вард
Препев од англиски на македонски јазик: Елена Преџова
Жанр: поезија
Осврт:
Збирката поезија „Скопски блуз и други песни од Македонија“ претставува чувствен споменик на книжевниот престој на поетoт и прозаист од Малта, Имануел Мифсуд, во Скопје.
Во мотивската подлога на насловеното дело е положен преплетот на поетскиот интимен интроверзум и градскиот живот.
Како таква, поезијата на Мифсуд е пронижана од неколку основни чувствувања преку кои може да се открие мултидимензионалната сликовитост на стиховите.
Осаменоста претставува честа мотивска нишка проткаена во песните сочинети во оваа збирка, придружена со куси животни ретроспективи и моментални занеси поттикнати од градската динамика.
Напоредно со чувствениот пејсаж кој Мифсуд успева да го долови сосем подобно на мигот од кој избликнува, неговите стихови претставуваат оживеани разгледници на градот, на начин на кој никогаш не сме умееле да го запознаеме, низ мислата на поетот и неговото будно чекорење.
Поетскиот израз на Имануел Мифсуд е обликуван со карактеристична експресивност и прочистеност од помпезни изрази со цел да се задржи и пренесе суштината на чувствениот изблик на поетот во неговата најоткриена форма.
Исходно, правилно е ако се надоврзе дека стиховите сочинети во горенасловената збирка се душевен акт на поетот- патник, насликан во премрежјето на здивот на градот и микросветското чекорење на поетот.
Како таква, поезијата на Мифсуд е лесно восприемлива, но луцидна и пронизна, сликовита и жива.
Овие стихови претставуваат обоени разгледници од градот, на начин на кој никогаш не сме го виделе, ниту би ја имале таа радосна прилика да го запознаеме, доколку поетот Имануел Мифсуд не повели великодушно да ни го подари споменикот на својот престој во Скопје.
Одбрани песни:
Спиење
Сега кога запре дождот може да си заминеме
оти доцна е веќе и капаците ни стежнуваат.
Доволно тишина испивме, речиси се опивме.
Ајде сега да одиме на спиење, сѐ да испозаборавиме:
да заборавиме дека сонцето изгреало и дека ќе зајде,
и да заборавиме дека нема ништо за заборавање-
дека ништо посебно не се ни случило.
***
Скопски блуз
Убеден сум: штом не те видов денес
никогаш повеќе не ќе те видам.
Небото се смрачи. Заминувам.
Можеби еден ден ќе ти пратам своја фотографија.
Можеби испечатените очи
ќе ја наѕрат онаа што ја криеш во себе.
***
Струга
Некаде далеку има сино езеро кое чека.
Опеано во поезијата, обиколено од поети
засекогаш изгубени во мракот и влагата.
Кутрите поети! Можеби се лизнале од брегот...
И се удавиле.
Белешка за авторот:
Имануел Мифсуд (Малта, 1967) е прозаист, поет, драмски писател и преведувач.
Мифсуд е трикратен добитник на националната книжевна награда на Малта, во 2002 година за збирка раскази, во 2014 година за збирка поезија и во 2015 година за роман.
Во 2011 година станал првот малтешки писател добитник на интернационална книжевна награда кога неговиот роман „Во името на таткото (и Синот)“ ја освои Наградата за литература на Европската Унија. Овој роман е преведен на многу јазици. На македонски, во превод на Владимир Јанковски, излезе во издание на издавачката куќа „Готен“ во 2014 година.
Застапен е во повеќе зборници и антологии во многу земји: Велика Британија, Италија, Канада, Полска, САД, Словенија, Франција.
Во последниве 15 години учествувал на многу интернационални книжевни фестивали низ светот (Англија, Ирска, Италија, Канада, Кина, Литванија, Никарагва, Романија, САД, Словенија, Чешка, Франција и Шпанија), но и на писателски реиденции.
Македонија ја посетил двапати- првиот пат во септември 2014 година, додека бил на книжевен престој во Скопје, а вториот пат во 2015 година по повод објавувањето на неговиот награден роман на македонски јазик, како гостин на „Готен“.
Имануел Мифсуд е доктор на науки од областа на книжевноста. Работи како универзитетски професор на Државниот универзитет во Малта по предметите Малтешка книжевност и Книжевна теорија.
Comments