Автор: Иван Шопов
Жанр: Куси раскази
Година на издавање: 2020
Осврт:
Збирката микрораскази „Скопје - изгубените чевли на градот“ претставува експресивен албум на скопските антирагледници: мисловни пејсажи на големиот град кој зад својата бела фасада живее преку бескрајните микросветови, вткаени во неговото дишење.
Литературниот израз на Шопов е мошне експресивен, непосреден и лаконски, а повторно содржаен и бесконечен, подобен на писателскиот монолог познат само на оној кој твори, додека чекори низ макросветот, живеејќи во малите светови сочинети издишките на градот.
Расказите сочинети во оваа збирка претставуваат куси портрети на „здивовите“ на Скопје сочинети во описите на оние мали нешта за кои вообичаено не говориме, а живееме во нивното присуство.
Живеејќи меѓу големите зданија и случувања, човекот често верува дека малите нешта остануваат незабележани, а притоа ја чувстува условеноста на сето свое постоење во светот од тие мигови кои го раѓаат духот на градот.
Како што самиот автор ќе забележи: „Како кога заспиваш дете: се обидуваш да се извлечеш тивко и бесшумно од постелата, да се искрадеш на прсти и да излезеш од собата без да го разбудиш. Тоа сепак, се буди, го забележува твоето ситно предавство и со плачлива наредба те повикува назад во креветот. Немаш избор и се враќаш, со лутина што не ја покажуваш поради плановите што се одложуваат на неодредено, сѐ додека малечкото не го обземе малку поцврст сон. Но, истовремено, чувствуваш некаква благост и топлина слушајќи го рамномерното, сега веќе спокојно дишење на детето што не дозволува да биде напуштено, барем додека е будно. На речиси ист или барем на сличен начин, некои луѓе никогаш не си заминуваат од Скопје.“
Расказите содржани во збирката „Скопје - изгубените чевли на градот“ претставуваат разгледници од бескрајот на оној микросвет кој нам ни е неописливо близок, а никогаш насликан како што може да се нацрта големот град врз картичка за подарок.
Со својата непосредност Шопов несебично ни ги дарува портретите на оној живот кој е впиен во нашето постоење тука во градот и таму некаде во светот кој никогаш нема да биде спознаен сѐ додека не го пресретнеме оној во кој во овој миг живееме.
Раскази:
Сказна за рибарот
Рибарот покрај Вардар замавнува со трската и со јадицата закачува големо парче празнина, што потоа го дави во реката. Не е тоа мамка за никого; и тој нема да се пофали со уловот, што повторно е празнина.
Рибарот покрај Вардар- толку спокоен.
Рибарот покрај Вардар- шампион на залудноста.
Сеприсутност
Шепите на мачката која со елегантна надменост чекори по паркираните автомобили и остава стапалки врз нивните хауби и покриви, денес ќе стигнат во сите делови на градот, а сопствениците на автомобилите нема да дознаат дека учествувале во заедничка прошетка.
Белешка за авторот:
Иван Шопов е роден на 25 јули 1987 во Скопје, Македонија. Дипломирал на Катедрата на општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.
Шопов е автор на збирка раскази Азбука и залутани записи, 2010 година, за која ја добил наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, збирката песни во проза „Меше на годината“ (2012), збирката раскази„ 091 – антиразгледници од Скопје 2018“, збирката сатирични текстови „Хрониките на Арслан Новинарски 2018“, мини-книгата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од Застава 750“ (2019) и збирката раскази „Скопје - изгубените чевли на градот“ (2020.)
Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик. Заедно со Владимир Лукаш, во 2019 го основа мобилниот културен центар КЦ 750. Иван Шопов работел и како уредник во издавачката куќа „Темплум“ од Скопје.
Comments