top of page
Writer's pictureКултура β

β-предлог книга на неделата: Солзи и Копнежи – Антонио Ивановски

Првото издание од новата рубрика β-книга на неделата го започнува со поетска збирка од еден млад автор кој ни испрати поеми од неговата прва збирка кои ќе можете да ги прочитате во продолжение. Антонио Ивановски е млад автор од Скопје кој уште од својата најрана возраст се занимава со пишување на песни, поеми, кратки прозни форми, и неодамна се посвети на пишувањето на својот прв роман.

Неодамна беше објавено неговото прво дело „Солзи и копнежи“ кое содржи

50 уникатни поеми полни со емоции и испреплетени мисли, отсликувајќи различни сценарија и ситуации.

Иако неговите поеми делуваат како да е покажана само грдата страна на животот, преку многубројните подеми и падови, и навидум провејува чувство како се да е залудно и изгубено, сепак тој не сака да се откаже од мислата дека сè уште постои надеж, и дека изгубените души конечно ќе најдат причина за да бидат среќни.

Неговата збирка е во издание на ЛИБИ, а достапна е низ сите книжарници на literaturа.mk во Скопје; во продолжение уживајте и прочитајте некои од неговите поеми:


Заборави ме

Ноќта, таа дама во црно, тајна на забранета и страсна љубов, таа ја крие во сенки, се додека утрото не ја прекрши тишината.

Која буди возбуда и во најмирната душа, грешни мисли и во најчистиот ум, чиј бакнеж гори, но го буди пламенот во нас, иако ние не знаевме дека тој постои.

Која полни празна душа со надеж, кога ги буди и најлудите фантазии и те прави среќен, се додека не пламне ново сонце. Болката не е вистинска, таа е само сомнеж, сомнеж во самиот себе, во тие до тебе, таа е само во твојата имагинација. Тивкиот дожд како солзи го покрива тажниот град, ги покрива улиците и полека те следи и се слева по твојот чекор, плачејќи за тебе, плачејќи со тебе.

А ти замина, и остави сè зад тебе како ништо да не било, како ништо да не се случило.

Имам само еден совет за тебе, затоа слушај убаво.

Побарај во срцето, најди место каде што ќе можеш да ме

заборавиш, и таму остани...


Ѕвездена приказна

Кога плачот е тивок, а ноќта е долга, тогаш избриши солза, и признај пораз.

Кажи ми кога?

Кога лагата ќе биде од вистината победена, кога темнината ќе биде од светлината осветена?

Кажи ми, кога бедниот човек ќе биде среќен, и кога обичниот смртник ќе стане вечен?

Одговорот е длабоко сокриен во твојата црна душа, притиснат и замолчен од твоите црни мисли, но ти не сакаш да го признаеш тоа.

Гордоста те облева, не сакаш да признаеш пораз, не сакаш да признаеш дека си заложник во канџите на своите демони, но, како што срцето твое го брои секој следен удар, така времето ја отчукува секоја следна секунда.

Полека губиме допир со реалноста, и секој следен спомен станува само една обична сцена, ново поглавје во нашето сценарио, само еден обичен, нов чин.

Ние сме ѕвезди на таа сцена, ние сме ѕвезди во таа наша претстава, односно, ние сме единствените на таа сцена, единствените во тој наш магичен свет, сè додека не згасне светлината на животот, и не нè покрие таа темна завеса. Животот е премногу краток за да биде филм, а доволно долг за да остане само една обична приказна.


Патот до среќата

Постојат премногу луѓе во светов, а со нив носат и безброј маани, некои сакаат постојано да бидат лик во нечии очи, а некои, едноставно сакаат да бидат сами.

Ние сме војници во строеви, а светот е нашето бојно поле, ова го кажувам без сомнеж, во постојан протест со себе и други.

Однеси ја со себе својата среќа, ако таа воопшто постои, и замини далеку од овде без поздрави, без последни зборови, и пиши ми писмо. Кажи ми, колку е далеку среќата од мене, каде постои подобра есен, каде шушкаат лисјата додека образ ти милува тој топол ветер?

Кажи ми, зар е тежок одговорот како каменот кој на гради го носам, зарем има подобар сон од кошмарот кој ме демне постојано, зарем има глетка која ќе направи да заборавам на порано?

Кажи ми, има ли подобро?

Каде е патот до Недојдија, искрено, би сакал да го пронајдам, каде денови не се бројат, каде ниту небото не губи боја. Стојам на црна земја, каде што сонови умираат за помалку од секунда, каде никој талент не се вреднува, каде твојата амбиција вреди помалку од нечија безвредна пресуда.

Јас и ти, заедно, го пронајдовме градот на бедата, но само ти го најде излезот, а сепак, одговорот останува непознат. Покажи ми сега каде никогаш не бледнее ѕвездата, покажи ми каде секогаш се смее сонце од небеса, покажи ми поле каде секогаш е тревата зелена, покажи ми каде е патот до среќата.


Месечина

Месечината, трошка надеж во свет безнадежен, свет дар во свет алчен и мрачен, далеку, но сепак блиску.

Дај ми само еден зрак светлина, за некого малку, но за мене сосема доволно, за да најдам утеха во ноќта, утеха во мракот, утеха во студенилото на градот.

Да стојам на крајот на светот, чекор да ме дели од прагот на рајот, зарем ќе помислиш на мене, зарем ќе дојдеш да ме спасиш, мисла проследена со саркастичен потсмев, оправдан потег.

Каде си?

Каде си сега кога си најмногу од сè потребна, каде е твојата прегратка да ме успива, каде се твоите слатки бакнежи медени, каде се тие нежни допири пеперуги?

Замина, не остави ниту спомени, каде се сега твоите мисли доследни, останати во твоите чекори претходни, заедно со неколку солзи, неколку од твоите солзи последни.

Каде си месечино, спаси ме од ноќта, не се чувствувам моќен како некогаш, чувствувам како да не сум доволно добар.

Ја нема веќе таа насмевка детска, а ноќта веќе не е страшна, туку тажна, ми дразни душа празна, ова е божја казна, ова е тажна сказна, тажен почеток, тажна средина, тажен крај. Прости ми за сите гревови сторени, сите солзи предизвикани и сите лаги наброени, можеби го заслужив ова, можеби заслужив да чекорам со лажна насмевка и валкан образ.

Можеби заслужив пораз.


Моја божица

Боже, како можеше да бидам толку слеп, како можев да го пропуштам најдоброто нешто што досега ми се случило? Таа е мојата муза, Афродита, таа е божица во моите очи, божица на љубовта и убавината, божица на мојата несреќа. Предизвикува немир, предизвикува бес, немам мир веќе, во глава владее војна, посакувам болка кон други, посакувам одмазда долго, многу долго, посакувам одмазда болна. Нека паднат ѕвездите, нека згасне светов проклет, во искушение сум повторно, од раката на злото допрен, и се плашам дека ќе биде предоцна за да се сопре.

Кој би рекол дека солзата носи насмевки, изобличени, загадочни, злонамерни.

Велат дека падот не е пораз, туку само една нова лекција, тогаш значи дека светот го знам како дланката своја, секоја линија, секоја дамка, секоја лузна.


Падеж

Стоиш на врвот на мостот, светилките на градот блискаат во полн сјај, како ѕвездите во глувата ноќ, а ти избезумен, со солза во очите, оддалеку се познава.

Празната солза веќе не е доволна, секогаш губиш кога љубовта ти е дрогата, зависен од неа, а количината е секогаш помала и помала, сè помалку и помалку задоволителна, таа никогаш не е доволна.

Кажи ми дека е доцна за да ги поправиме грешките, можеби ќе се помирам со фактот дека луѓе сме, дека грешни сме, сепак на крајот сите ние грешиме, зар не?

Но понекогаш грешките изгледаат безначајно, ослепени од дијамантите, па го занемаруваме каменот, толку високо на планината што го занемаруваме падот, но тој сепак постои. Зарем сме заслужни за сето ова, понекогаш сум во војна со своите мисли, иако понекогаш знае да биде напорно, сепак не се откажувам, бидејќи поразот не е изгубена битка, туку изгубена искра, изгубена желба, и сè додека се бориш, ти не си губитник, туку ти си војник.

Секогаш ќе постојат подеми и падови, ангели и гадови, ноќи темни, но и занесни, клупи полни со срца радосни, но сепак ти далеку си.

Не ми требаш, научив да дишам и без тебе, кога ме скрши признавам дека бесен бев, но сега едноставно ми е пресмешно.

Последната моја солза ја посветив на тебе, но сега знам

дека тоа грешка беше.



Comments


bottom of page