top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Сонот на смешниот човек


Автор: Фјодор Михајлович Достоевски

Жанр: расказ

Година на издавање: 1877

Наслов на оригиналот: Сон смешного человека

Осврт:

Фјодор Михајлович Достоевски е доајен на психолошкиот реализам, современ автор кој успеал да проникне во сечовечкото, согледано во своето време и своето опкружување, а притоа издвојувајќи ги исконските нишки на човековото однесување. Оттука, Достоевски се истакнува како извонреден набљудувач, психолог, автор, уметник и философ, кој успеал луцидно да ги прикаже болестите на човештвото кои се одлика на севременото, а согледани во тековните случувања.


Земајќи предвид дека реализмот се појавува како одговор на она што го изискува новото време кое ќе го обележи деветнаесеттиот век и човештвото ќе ги дефинира своите нови стремежи согласно со вечната потрага по колективното совршенство, литературата ќе стане медиум за остро критикување на оние аномалии кои го попречуваат личниот, а потоа колективен подем на човекот како дел од една заедница.



Дејството се развива низ ретроспективната нарација на главнот лик- смешниот човек кој бидувајќи свесен за својата предодредена необичност запаѓа во состојба на рамнодушност и се оддава на желбата за самоубиство.

Достоевски алудира на фактот дека рамнодушноста е најдушепорозна состојба која го пресекува секое движење и секое подвизување на човекот со што инхерентно неговиот дух умира и останува само труп кој ќе биде исфрлен од животните бранови на површината.


Она што е впечатливо кај ликот на смешниот човек е непотполноста на неговото рамнодушно чувствување од која ќе исходи затаената несигурност во чинот кој посакува да го изврши.


Во една вечер мината со необично силна, речиси конечна душевна борба тој ќе сони откровенски сон во кој ќе ја запознае вистината по која неговиот живот на Земјата зазема нова насока.


Достоевски допира до повеќе исклучително коренити, но и душеподобно сложени теми кои се вечно актуелни за човековиот искон: потрагата по совршенството, идеалната човечка средина, соврешната меѓучовечка интеракција, непорочноста на духот и телото и неконечноста на смртта.


Во својот сон, смешниот човек бидува поведен низ вселенското пространство далеку од својата планета, да се запознае со светот на оние суштества чија совршеност не дозволува да им биде препишан било каква конкретна физичка одлика, но нивната префинетост останува подобна на наравот на сонот како појава исходена од крстопатот на разумското со длабокото чувствено, дури потсвесно тежнеење на душата.


Запознавајќи ја нивната неосквернета природа заради која се способни без да ја познаат науката и конкретноста, во целост да се соединат со природата и чистите душевни бранувања, да ги разберат природните закономерности без да ги познаваат законите на живеењето во својата заедница, смешниот човек го разбира совршенството кон кое тежнее неговото време оддалечено од истото со еони.


Со своето непосредно сведоштво, главниот лик ги вкусува слатките плодови на безгрешноста и полека се поведува низ нивното згнијување откако беспрекорноста ќе ја прониже првиот грев кој ќе пристигне со оној кој го сонува откровението.


Откако беспорочните суштества ќе ја засакаат лагата, тие ќе го засакаат гревот, а од гревот ќе се изроди слепилото во кое се препелка она време својствено за Земјата.


Кога човештвото ќе ја изгуби доблеста, скрупулите ќе станат недостатоци, а недостатоците ќе бидат оправдани и крунисани со еуфемизми зад кои се сокрива нивната гнилост ќе се појават првите закони кои со гилотинска смрт ќе говорат за правдата, ќе се пролева човечка крв, а светот ќе стане толку мал и тесен, доволен да се собере во секој поединец кој поради своето самољубие умее да живее, но истовремено и умира единствено со самиот себе изнаоѓајќи начин како да научи да живее меѓу луѓето без да жртвува дури најмал дел од своето труло удобствие.


„Сонот на смешниот човек“ претставува расказ кој се излева преку секое просторно и времено врамување и својот мотив го положува во исконот на човековото однесување и тежнеење кон совршенството кое не умее да го запознае во својот природен облик, но е осудено на тленост- постапно распаѓање сочинето во таканаречената „прогресивност“ карактеристична за секое ново време во кое човештвото опстојува и како таков, овој расказ претставува филигрански изработен портрет на општочовечкото и севременото и никогаш прекинат одзив на повикот кон совршенството кон кое човекот природно тежнее, но не умее да го препознае.


„Одеднаш почувствував дека не ме презираат и не ме исмеваат, дури и не ме сожалуваат и дека нашиот пат има непозната и таинствена цел која се однесува само на мене“


„Тие ништо не ме прашаа, но како веќе да знаеа, така ми се причини, и сакаа што побргу да ја тргнат тагата од моето лице“



„ Сонот прелета низ милениуми и во мене остави само чувство на целина. Знам само дека јас бев пример на гревот и падот. Како одвратна трихина, како бацил на чумата кој заразил цела држава, така и јас ја заразив таа цела, пред мене среќна и безгреша земја“


„Тие научија да лажат, ја засакаа лагата и ја почувствуваа убавината на лагата“


„Кога станаа злобни почнаа да говорат за братство и хуманост и ги разбраа тие идеи. Кога станаа престапници измислија правда и напишаа цели кодекси закони за да ја сочуваат, а за да ја осигураат правдата, подигнаа гилотина“


„Се појавија и праведници кои им приоѓаа на овие луѓе и плачејќи им говореа за достоинството, дека ја изгубија мерата и хармонијата, дека го изгубија и срамот. Ним им се исмеваа или ги каменуваа“


„Затоа почнаа да се појавуваат луѓе кои измислуваа: како повторно да се соединат така што секој, не престанувајќи да се сака себеси повеќе од сѐ, истовремено да не смета никому и да живеат некако сите заедно во сложно друштво“


Белешка за авторот:

Фјодор Михаилович Достоевски (1821-1881) е претставник на реализмот од Русија. Роден е во Москва, каде го поминал поголемиот дел од детството. Кога имал 16 години се запишал на Воено-инженерската академија во Петроград. Тоа не му се допаѓало, па почнал да се занимава со литература. На 25-годишна возраст го напишал својот прв роман.


Се вклучил во кружокот на Пeтрашевски, кој бил револуционерен, па тој и сите членови биле затворени и осудени на смрт. Смртната казна веќе почнала да се извршува, пушките биле вперени во нив, кога дошло помилувањето од царот и преиначување на казната во робија (прогонство во Сибир).


Достоевски бил помилуван во јануари 1850 година и бил испратен на присилна работа во работничкиот логор „Каторга“ воОмск, во Сибир. Во овој период, тој бил погоден од бројни епилептички напади.Во1854 година бил пуштен од затвор и следните пет години ги поминал како поручник во седмиот баталјон, стациониран во тврдината во Семипалатинск, во Казахстан.


Овој период се смета за пресвртница во неговиот живот. Достоевски веќе претходно ги напуштил револуционернитеполитички ставови и им се вратил на традиционалните руски вредности. Станал христијанин и голем противник нафилозофијата за нихилизмот. Во тоа време ја запознал Марија Димитриевна Исеава, вдовица на некој пријател од Сибир, со која потоа и се оженил.


Имал многу несреќен живот. Бил болен од епилепсија, му починале братот, жена му и двете деца и најдобриот пријател. Иако многу пишувал, никогаш материјално не бил во добра состојба и постојано бил во долгови.


Достоевски е еден од најгенијалните писатели кој длабоко проникнува во човековата душа. Негови најпознати романи се: „Бедни луѓе“, „Записи од мртвиот дом“, „Понижени и навредени“, „Злосторство и казна“, „Идиот“, „Браќа Карамазови“ и др.


Достоевски е ненадминлив во начинот на разоткривањето на човековата душа и тој е претставник на психолошкиот реализам. Исто така, се смета за творец на романот на многугласието (полифоничниот роман). Во него рамноправно се вклучени општествената и социјална реалност и психичката стварност на поединецот (текот на неговите размислувања, сонот, кошмарот, халуцинациите и ирационалните одлуки при изборот).


Comments


bottom of page