Автор: Анри Беро
Година на издавање: 1922
Жанр: новела, роман
Наслов на оригиналот: Le Martyre De L’Obese
Осврт:
„Страдањето на дебелиот човек“ од Анри Беро претставува посредна автобиографска повест, чие дејство се пренесува преку субјективната нарација на главниот лик на романот- „дебелкото“.
Носителот на романот не ужива подробен опис, упатувајќи на тоа дека неговата основна личносна идентификација е неговата телесна карактеристичност.
Развојот на дејството се развива преку непосредното обраќање на Дебелиот човек кон својот навестен соговорник, во облик на нем дијалог помеѓу нараторот и фиктивниот слушател.
Ваквата говорна форма го портретизира личносниот монолог на мислителот со своето себство, подобно на писателот кој живее во својот паралелен микросвет во кој мисловните разговори го надлгласуваат говорот на физичкото опкружување.
Како таква, основната перспектива на набљудување на ликовите и настаните е чисто субјективна, поради што, досетливиот говор на Дебелкото добива облик на луцидна интимна исповед.
Со ваквата непосредност на говорителот кон своите доживувања и кон читателот, авторот ја нагласува неговата неотповиклива врска со главниот лик на делото и својата личост, со што ја разоткрива автобиографската природа на романот.
За да се проследат мотивските елементи во делото, неопходно е да се проследи развојот на чувствениот наратив.
На самиот почеток, Дебелкото го навестува својот основен елемент на личносна идентификација преку куса ретроспекција во својата животна историја, нагласувајќи ја својата судбинска припадност кон групата „Дебелковци“ која ужива унифицирана претстава за нивното чувствено и мисловно развање, со што е инхибирана личносната засебност на дебелиот човек.
Оваа нагласена, носечка карактерстика на главниот јунак, Беро ја употребува како алегорија за чувствениот човек кој живее во својот неисцрпен мисловен микросвет, низ чија призма проникнува во суштината на своето опкружување и барајќи ја, ја запознава сета тежина на човековото пребивање во светот.
Притоа, поради својот суштествен, исцрпен пристап, неизбежно ја прифаќа животоподобната тежина на светот и одбира да живее подесувајќи ја.
Дебелкото живее како добриот и верен семеен пријател на својот слаб, отмен, бескрупулозен пријател од младоста и неговата сопруга Ангела додека ужива улога на посредник и „вреќа за воздишки“ со што го одржува нивниот дисфункцинален брак.
Оваа незавидна положба ја потиснува неговата лична емоционална дефиниција и овој животен аспект го доживува преку својата мисловна анализа на околностите во кои ова семејтво опстојува.
Неговото дејствување е посветено на интересите на неговите пријатели, поради својата основна идентификација со улогата на личност која е судбински предодредена во своето тело да го збере товарот што слабиот човек не може да го поднесе.
Откако неговиот пријател ќе изврши прељуба, Ангела безобзирно го вовлекува дебелиот пријател во една долга, исцрпувачка игра во која главниот јунак ќе го започне своето личносно освестување.
За време на повеќемесечното бегство на измамената сопруга, дебелиот човек за прв пат се оградува од својот единствен познат модел на идентификација и допушта да го обземат чувствата познати на слабите луѓе.
Откако силно се заљубува во својата сопатничка, во него се пројавува неминлива, исконска двојба помеѓу чувствата и скрупулите.
Неговиот суштествен микросвет се бранува со чисто човечкото сладострастие, исходејќи со жестока борба меѓу силните морални определби и новооткриените чувствни допуштенија.
Осветувајќи ја животната тежина дадена на поединецот, како засебна личност, екстрахирана од унифицираната претстава условена од физичката појава, во Дебелиот човек започнува непрекинат процес на интимно дефинирање и обликување.
Дејството на романот завршува со срдечна раздлба на нараторот од својот субјективен соговорник по кое тој заминува далеку од својата сопатничка, оставајќи го зад себе својот дотогашен живот обликуван во односот помеѓу индивидуалните претсави на слабите граѓани и унифицираната карактерна идентификација на дебелите.
„Страдањето на Дебелиот Човек“ претставува откриена исповед на длабоко чувствениот човек кој запознавајќи го најсилното дефинирачко чувство на човекот започнува исконски процес на личносно дефинирање и емотивно созревање, подобно на секој поединец
„ А, таквиот, кој никогаш не би се осмелил да се подбива со некој намќорест граѓанин заради мозолчето на негоиот нос, не наоѓа ништо позабавно отколку да се подбива со некој полничок.“
„ Господине, кога ќе ми дофрли таков поглед, јас се стресувам, пребледувам, се запрашувам од каде ми доаѓа храброста да ја сакам.“
„ Добрите можности на другите воопшто не ѝ пречеа на мојата дебелушава рана младост и, уште од тоа време кога моите другари се испробуваа во првите улоги на додворувачи, јас навлегов во горчливите финеси на личност од доверба.“
„ И така, додека ги правевме тие неколку чекори меѓу кабината од лифтот и вратата од собата 87, во мене се случи она што би се случило и во вас, и во било кој човек, бидејќи сите сме свињи, и што е уште полошо, вообразени свињи. И токму затоа дебелите вредан исто колку слабите, а ќелавите, исто колку и истрижените“
„Жими Господ, ете што наоѓаат секогаш да ни кажат за да нѐ утешат нас дебелите. Рефренот не се менува. Уморни, болни или несреќни, беше исто: никој не забележуваше. Ни велеа: „Убаво изгледате“.
Белешка за авторот:
Анри Беро (21 септември 1885 во Лион - 24 октомври 1958 во Сен Клемент-де-Балејн) бил француски романсиер и новинар кој бил осуден на смрт , а подоцна бил помилуван и казната била променета во доживотен затвор поради обвиненијата за соработка со Германците, во 1945 година.
Беро бил син на пекар. Во 1903 година ја започна својата работа во новинарството. Се приклучил на сатиричниот неделник Le Canard enchaîné во февруари 1917 година, предложен од Пол Вајант-Кутурие и Роланд Доргелес.
Пишувал и за списаието „ Le Crapouillot, “, основано од Jeanан Галтиер-Боасиер.
Во периодот кој следе, Андри објавува кратка серија раскази (L'angoisse du mercanti ou le compte du tonneau ) во 1918г. кои претставуваат студија за хуморот во Лион ибројни полемички написи.
Беро бил меѓународен репортер во Petit Parisien и Paris-Soir, од 1934 до 1944 година.
Подоцна се прославил како еден од најпродаваните романсиери и репортери во Франција и ја освоил наградата Гонкур во 1922 година.
Во однос на неговата политичка контроверзност, познато е дека бил англофобичен, а во помала мера бил и антисемитски настроен. Следствено, Беро бил подржувач на квинслишката влада во Виши.
Своите определби ги изјаснил во своите прилози во списанието „Грингуар“, каде пишува за неговата омраза кон британските сили и критиките кон Слободните Французи. Но, важно е да се спомене дека Беро го критикувал и нацизмот.
Неговата наклонетост кон владата во Виши го довела пред суд и бил осуден на смрт во 1945 година, но неколку писатели, вклучувајќи го и Франсоа Мауриак, интервенираале да биде помилуван.
Неговта казна била променета во доживотен затвор.
Во 1950 година Беро бил ослободен од здравствени причини, бидејќи се верувало дека многу набргу ќе почине поради сериозно оштетеното здравје. На големо изненадување на надлежните, Анри Беро починал дури осум години подоцна.
Comments