• Софија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Филмски есеи


Автор: Кузман Кузмановски

Жанр: есеи- анализи

Година на издавање: 2012

Наслов на оригиналот: Филмски есеи


Осврт:

Филмот, како седма уметност, претставува непосреден медиум помеѓу духовното и материјалното. Тргнувајќи оттука, неминовно е да се напомене дека филмската уметност се занимава со сѐ општочовечко, опфаќајќи ги сите сфери на човековото постоење.


Преку визуелниот приказ на материјалното, филмот навира во сржта на гледачот, и посегнува по духовното.


Следствено, филмот како уметност претсавува адекватно слоевита отслика на човекот разглобен до својата дефиниција, претставена низ призмата на уметникот- човек кој ги освестил овие сложености до таа мера што свесно може да раководи со моменталната душевна состојба на својата публика.


Со тоа, преку филмската уметност, можат да бидат пренесени многу суштински идеи и индикации на еден сугестивен начин кои можат да имаат непосредно влијание врз оформувањето на еден став, на еден човек, на една генерација, но дури и да биде поставена подлога за новите времиња чие доаѓање се насетува.


Неретко, сложената природа на филмот останува неосвестена кај гледачот и со тоа неговите мотиви често остануваат свесно неразбрани.

Филмската анализа преставува едно неисцрпно поле за разгледување, опфаќајќи широк спектар на науки кои доспеваат директно до сржта на општочовечкото.


Со своето дело „Филмски есеи“, Кузман Кузмановски успева на еден, до читателот близок начин да ги долови основните елемнти на филмската анализа со што ја поттикнува критичката свест кај (обичниот) гледач.


Изразот со кој се служи Кузмановски е разбирлив и за оние кои немаат искуство во оваа област, а притоа врши подробно разглобување на основните сегменти на филмот како медиум.


Следствено, при своето излагање, Кузман Кузмановски се осврнува и кон елементите на детската психологија и педагогија преку што укажува на силното влијание кое уметноста го има врз младата популација и начинот на кој таа дејствува.


Своите посочувања на основните точки кои ја освестуваат консумацијата на она што филмот ѝ го нуди или наметнува на публиката, како и методите со кои се постигнува таквиот ефект, Кузмановски ги оддава преку подробна анализа на пет култни филмови, стожери на методологијата на современиот филм.


Исцрпноста на Кузмановски се потврдува и со внимателно избраните фотографии од соодветно посочени сцени од филмот за кој се говори, а истата може да се согледа и во подолу приложените цитати.


Како сублимација на сѐ веќе споменато, можам да кажам дека долгогодишното искуство во областа на филмската режија и продукција и посветеноста и квалитетот на делото на Кузмановски како уметник соединето со издржаните поглди и квалитети на Кузмановкси како човек создаваат едно дело од исклучително значење на филмофилите, филмските сручњаци, но и за неискусниот гледач.


Запознавајќи се со делото „Филмски есеи“, читателот може да го освести својот мисловен процес и да стане критички настроен кон она што му се нуди преку уметноста и нејзините медиуми.


Само на тој начин човекот, а особено младиот поединец може свесно да управува со насоката во која ќе се одвива неговото оформување и со тоа да се создаде една стаблна, зрела личност која е свесна за светот во себе и надвор од себе.


Цитати:

„Ефектите од пораките кои се вградени во организмот на филмот треба да имаат силен импакт во личноста на децата- актери“ (кон филмот „Е.Т“, Спилберг)


Последната партија шах Кјубрик не ја добива со тоа што го потенцира и наметнува вистинскиот избор, туку со тоа што потсетува дека постој избор кој усовршува и избор кој деградира“ ( кон филмот „Eyes wide shut“, Кјубрик)


„Единствен проблем кој можеби се провлекува во овој филм на Господинот Полански е тенденцијата, како на визуелно, така и на рамниште на сценарио да нѐ упати дека љубовта не суштествува“ (кон филмот „The ghost writer“, Полански)


„Полански решава стилската фигура метонимија сукцесивно да ја употребува преку статуетки кои најчесто се наоѓаат зад ликовите“ (кон филмот „The ghost writer“, Полански)


„Познат е примерот што зборува за „револврот“ прикажан на платното. Тој за гледачот не е ист со револверот кој ќе го види во живо или ќе го прочита во книга. Револверот во филмот не е само опасно парче железо. Тој може да биде израз на моќ/немоќ, потенција/импотенција, фалусна асоцијација кај женските ликови, почеток, старт на животна трка, смрт, опасност и така натаму“


Белешка за авторот:

Кузман Кузмановски е роден во Скопје на 27 октомври 1973 година. Магистрирал на ФДУ во Скопје и денес е магистер по филмска и ТВ- режија. Работи како самостоен уметник од областа на аудио- визуелните уметности (сценарист, продуцент и режисер).

Заедно со неговата сопруга Калина Кузмановска го основа драмското училиште и креативен центар за деца „Тинтири – Минтири“ и првиот фестивал за анимиран филм во Македонија со учесници од целиот свет „Анимакс“ кој се одржува секоја година веќе една деценија.

Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2005 година.

Освен како автор за возрасни, Кузмановски се истакнува и како поет, писател и режисер за деца и млади. Следствено, тој редовно објавува во списанијата „Развигор“ и „Другарче“.

Неговиот творечки опус е богат и разновиден, а дел од неговите авторски книги се: Збирката есеи за која говорам во денешната статја: „Филмски есеи“ (2012), збирката раскази за деца „Чиста деветка“, збирката драми за деца „Тринаесет небаксузни приказни“, збирката детски раскази „Приказни за новите деца“, збирката раскази за возрасни „Настинати духови“, „Мирисот на синото“ и други.

Учествува и во изработката на учебникот по македонски јазик за трето одделение во коавторство со Весна Настоска и Љубица Севдинска.

Застапен е во антологијата на современа македонска поезија „сто без еднаочудна песна“ под издаваштво на „Македонска реч“.

Од неговите многубројни филмски проекти, би ги издвоила: „Трета зона“(2003г.) како продуцент, режисер и актер на ТВ фестивал во Крушево, а потоа Кузмановски, заедно со Калина Кузмановска го остварува серијалот за деца „Патување со рабробил“ (2005), како и серијалот „Патување со рабробус“ (2006)- два проекти кои стекнаа голема популарност помеѓу младата публика од повеќе генерации. Автор е на повеќе детски серијали меѓу кои и најактуелните: „Лото и Лајка“ и „Тинтири- минтири шоу“

Важно е да се спомене дека Кузман Кузмановски е продуцент и режисер на документарниот филм „Христо Узунов“ (2013г.) и документарниот филм „Ѓорѓи Баждаров“(2013г.) Следната година, Кузман Кузмановски се појавува како режисер и продуцент на серијалот од документарни филмови „Учество на Бугарите во македонското револуционерно тело“.

Добитник е на повеќе поважни награди:

Втора награда за радиодрамата „Семејна приказна“ на конкурс во МРТВ (2012г.) и специјалната награда за најдобра режија „Златна роза“ за филмот „Мејкинг оф“ на 6от Меѓународен филмски фестивал „Славјанска приказна“ одржан во Софија (2018г.)

Покрај тоа, Кузман Кузмановски реализирал повеќе театарски претстави и автор е на книгата со куси пиеси: „Кој се фали ќе зажали“


49 views