top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Циклус за светулките


Автор: Матеја Матевски

Жанр: Поезија

Година на издавање: 1977


Првпат се појавува во стихозбирката „Круг“ (1977)


Осврт:


Неговото творештво својата основа ја положува во суштественото, во лирските интроспекции видени преку макросветот на природата во својата дуалност, независна од постоењето на мислата, а воедно втемелена во исконот на постоењето.


Поетскиот израз на Матевски се карактеризира со еден особен сензибилитет кој се повикува кон новите хоризонти на човековото движење и менување, но повторно задржани во сржта на вечниот елемент на посотењето.

Стожерниот елемент преку кој поетот ги пренесува своите метафорички прикази на поетските слики во својата естетика, динамика и семантика најчесто е природата која се карактеризира со една специфична антропоморфност- природниот мотив соодветствува на човекот и човекот соодветствува на истиот.


Македонскиот академик Георги Старделов ќе посочи дека поетското искуство на Матевски може да се подели на три облици кои ја сочинуваат неговата лирска уникатност, именувајќи го романтичарското, надреалистичното и рефлексивно-медитативното искуство како комплементарни аспекти на основната подлога на творештвото на Матеја Матевски.



Во една прилика, професорот Владимир Мартиновски, за именуваното дело ќе каже: „во него може да се препознае јадрото на неговиот поетски сензибилитет кој пред сѐ се базира на извонредна емпатија, циклус на можеби најубавата ноктурна во македонската поезија“



Светлината на светулката постанува ѕвезда. Оваа аналогија се предочува во стиховите на првата песна од циклусот, „Заминување на светулката“: И долго занемени гледавме како безначајниот лазач се претвора во ѕвезда.



Песните кои го сочинуваат циклусот се одликуваат со изразита динамика, природен пулс на контрастот меѓу вечноста на темното и краткотрајноста на светлината, но и нивната меѓусебна условеност на своето засебно постоење.

Зад нив ќе остане лудата матица на светулките

И правта на нашите мечти

за точното движење по орбитата на светлоста

што не постои додека постои

и што ја има додека ја нема“


Во мотивот на распорната светлина симболизирана преку светулката исфрлена во орбитата на ноќта Матевски го положува процесот на мисловно и духовно прортување на човекот сообразен со својот искон, што не се оддалечнува ниту од елементот на создавање на мислата и зборот.


Соодветно на досега изложеното, во поетовата потрага по битието незбежо е да се вброи и зборот опишан со својата „самообновувачка и самосоздавачка енергија како птицата Феникс“(Ефтим Клетников).


И складно на Антевото изложување за природата на зборот како единствена материја која не исчезнува, која не гние која има способност на самообнова.


Во песната „Откривање на светулката“ поетот поаѓа кон центарот на постоењето, како философ кој посегнува кон сверата на идеите во својата апсолутност, точката во која сѐ започнува и сѐ се враќа, а во тоа циклично движење неизбежен е заборавот.


Матевски го опева процесот на повикување кон почетокот, и процесот на анамнеза, односно навраќање, согледано во стиховите „Талкавме долго низ ноќта на векот исполнета со празнина, додека не се вративме во заборавените игри во детските криеници меѓу светулките“.


Матеја Матевски е поет кој се одликува со еден раскошен поетски сензибилитет, длабок, суштествен, значаен и симболички и притоа претставува еден од централните двигатели во развојот на современата македонска поезија.

Своето излагање ќе го заокружам со согледбата на академик Ефтим Клетников кон творештвото на Матевски која вели: Матеја Матевски е од оној тип на поети кои не се менуваат, туку се обновуваат, од оние што своите песни ги напојуваат од една основна вододоелица бивајќи склони понапред долго да варираат еден глобален тематски круг, да растовараат, да хармонизираат и збогатуваат еден основен тон, отколку лесно да искокнуваат во непредвидливи тематско- формални и римичкотонални авантури.


Одбрани песни:


Барање на светулката


Нам рацете ни беа полни светулки

во глува тишина

кога пристигна наеднаш непознатиот знак на ноќта

и се разлетаа тие во нашите звучни черепи

Никогаш немало во нас толку непостојани божила

и толку мириси од успиените брегови

Во нас се измешаа шумно сите страни на светот

во нежна прегратка во чудна недофатка

Зашеметени талкавме како маѓепсани од месецот

што нежно нѐ води во тешки катаклизми

во судири со нашите ѕвезди;

Но тие беа далеку, а ноќта беше насекаде

бодена во оросената снага од нашите раштркани очи

Зад нив ќе остане лудата матица на светулките

И правта на нашите мечти

за точното движење по орбитата на светлоста

што не постои додека постои

и што ја има додека ја нема.


***


Времето на светулката


Се губеше нејзиниот здив

во безименоста на тревите

во ројот грди бубачки

не ѝ се препознаваше ликот


Ќе ја проголташе на здодевноста на вековите

сивата прашина на изгубените инсекти

развеани во времето

ако не ни се појавеше од поплавениот мрак

како крик на изгубено дете

во непознатата шума на мемливото постоење

Крикот како што води кон изворите на утрото

таа мала светкавица во утробата што ѝ се роди

ја води низ густите темни води на ноќта


За да ја крене нежна од темните пештери на осамата

во широките дланки на видот

во кои ќе изгасне кротко нејзината питома овошка

оставајќи го зад себе дрочниот плод на светлината.

***


Моќта на светулката


Низ темната маса на молчењето

се порева и светка се гаси

првата светулка

Но и тоа е доста спокојниот космос на ноќта

да се возбуди, да затрепери, да се штрекне

од тихите светкавици на зборот

од сините молњи на зората

Бледилото твое ја вести

Големата моќ на светлината

како осамените зборови што го коваат

во бездната на постоењето

светлиот бран на говорот

што ни го открива светот


Белешка за авторот:

Матеја Матевски е роден во Истанбул, 1929 година. Детството го поминал во Гостивар, а студирал во Белград и Скопје, каде завршил Филозофски факултет.


Прво работел како наставник по македонски јазик, а потоа како новинар во Радио Скопје. Бил генерален директор на Радио-телевизија – Скопје.


Од 1956 година е член на Друштвото на писателите на Македонија и одреден период ја вршел функцијата негов претседател. Матевски е член на МАНУ каде бил претседател во периодот 2001 – 2004 година.


Во 2011, на јубилејните 50 Струшки вечери на поезијата нему му беше доделен Златниот венец.


Ги напишал збирките песни: „Дождови“(1956), „Рамноденица“(1963), „Перуника“(1976), „Круг“(1977), „Липа“(1980), „Раѓање на трагедијата“(1985), „Оддалечување“ (1990), „Црна кула“ (1992), „Завевање“ (1996), „Мртвица“ (1999), „Внатрешен предел“ (2000), ИЗБОР ПЕСНИ – „Заминување на светулката“ .

Comments

Couldn’t Load Comments
It looks like there was a technical problem. Try reconnecting or refreshing the page.
bottom of page