top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Шега


Автор: Антон Павлович Чехов

Жанр: расказ

Година на издавање: 1886

Наслов на оригиналот: Шуточка

Осврт:

Антон Павлович Чехов се вбројува меѓу најпознатите руски и воопшто, европски писатели на доцниот деветнаесетти век. Со својот широк творечки опус учествува во столбовите на натурализмот како литературен правец, воедно држејќи се до обсервативниот пристап карактеристичен за психологизмот во склоп на своевремено актуелниот европски реализам.


Прозното творештво на Чехов се изделува од општопознатите концепции на рускиот реализам, навестувајќи го новиот период на европската литература.


Карактерниот опсег на ликовите во претежно кусите прозни форми на Чехов не се одликува со непосреден интроспективен опис, но својата многусферна портретизација ја прифаќа преку амбиенталната природа на наративот.


Расказот „Шега“ е еден од попознатите куси раскази на Павлович во кој авторот, преку двата неподробно насликани ликови на нараторот и младата Надја, доспева до фундаметот на човековата природа, осврнувајќи се на архаичата подлга на машкиот и женски сентимент виден преку мотивот на стравот и љубовта.


Дејството на делото е доловено со мошне концизен, едноставен стил , преку субјективниот наратив на раскажувачот, провлечен низ две времиња: почетокот на расказот се наоѓа во сегашноста, а завршува со едно минато време.


Ваквата хронолошка неконвенционалност повикува на уште една особеност на творештвото на Чехов кој е познат по наглиот новелистички пресврт кој може да се однесува на неочекувана промена или завршеток на делото или пак, како во овој случај, една сосем некохерентна, а повторно, природна поставеност на временската подлога.


Антон Павлович е автор на амбиентот преку кој навлегува во интроспективните посредни описи на психологијата на ликовите во зависност од индивидуалниот микросвет кој е неотповикливо поврзан поширокото општествено опкружување на поединецот.


Иако е познат по хумористичнот и сатиричен призвук во карактеристичниот прозен наратив, неговата подлога секогаш навестува по една сетна нота која ја дава севкупноста на полифоничната поставеност на навидум едноставниот раскажувачки стил.


Нараторот на расказот говори за своите дружби со пријателката Надја, во една одамна мината зима на снежниот рид каде, при секој брз спуст со брзата санка, тој ѝ шепоти дека ја љуби, а преплашената Надењка не може да разграничи дали тие зборови се од стравот и ветрот или на нејзиниот придружник. Сакајќи да открие, таа го надминува моментот на речиси парализирачка преплашеност од брзото движење и го повторува спустот повеќе пати, а нараторот одново ја започнува својата игра која трае сето време додека снегот не се истопи.


Тука, Чехов посочува на високосензитивната особина на женствениот нарав кој интуитивно посегнува по суштествените сфери на човековата духовна природа, но не како критика на истата, но противположна отслика на отсусвото на интимна храброст на нараторот да ги препознае своите чувствувања.


Иако ниту еден од ликовите не добива непосреден опис и хронолошка позадина, се претпоставува дека нараторот, својот расакз го создава во време далечно од она за кое раскажува, веќе како возрасен човек кој сѐ уште не умее да ги разбере постапките на својата младост.


Тој заминува од градот во кој живее неговата пријателка и се преселува во Петроград од каде речиси шеговито говори за играта со својата Надја која веќе одамна е омажена и е мајка на три деца.


Преку ваквиот навидум бескрупулозен однос на раскажувачот, Антон Павлович го воведува мотивот на порозен страв да се препознае и да се прифати човековиот порив искрено да се љуби, прегазувајќи ја суетата која го парализира индивидуалниот личносен раст на поединецот.


Нараторот се плаши да се оддаде на своето чувствување, предавајќи се на саканата Надја која пак е сосем подготвена да ја предаде својата љубов и безусловно да го прифати, станувајќи едно.


Крајот на расказот упатува на тоа дека раскажувачот и во својата подоцнежна возраст останвуа сам, неразбирајќи ги зборовите со кои си поигрувал со својата пријателка преку што се открива неговата долгогодишна парализа на чувствениот развој на преодот од младо момче во зрел човек кој не успеал храбро да истапи пред себеси и светот и да го надмине она што може да биде најголемиот човеков пораз, да дозволи да биде изеден од сопствената гордост.



Цитати:


„Навистина, да леташ по ридот е страшно како и порано, но сега веќе стравот и опасноста им придаваат особена умилност на зборовите на љубовта, на зборовите што уште се загатка и уште ѝ ја мачат душата. Сомнителни се секогаш само двајца: јас и ветерот... Кој од нас двајца ѝ изјавува љубов, таа не знае, но се чини дека ѝ е сеедно; сеедно е од што пиеш- само да се опие.“


„Јас ве љубам Надја!; Боже, што се случува со Надењка! Таа извикува, целото лице ѝ се смешка и ги подава рацете во пресрет на ветрот, радосна, среќна, толку убава... А јас одам да се спакувм.“


„А мене, сега, кога станав повозрасен, повеќе не ми е јасно сум ги кажувал тие зборови, зошто се шегував...“


Белешка за авторот:

Антон Павлович Чехов (1860-1904) е Руски драмски писател, новинар, раскажувач и автор на хуморески. Роден е во едно мало пристанишно место на брегот на Азовското Море, од каде што заминал на студии по медицина во Москва. Во 1880 година го објавува својот прв расказ, а оттогаш до крајот на својот живот објавил многу раскази, шеги, куси раскази и хуморески. Се смета за еден од најпознатите модерни руски писатели од крајот на деветнаесеттиот век. Својата кариера на драмски писател посериозно ја започнува со драмата Иванов (1887), а ја профилира со драмите: Галеб (1896), Вујко Вања (1897), Три сестри (1901) и Вишновата градина (1903). Автор е на новелите Степа (1888), Двобој и Дамата со кученце. Со неговите драми и раскази започнува повеста на новата руска проза и драма. Негоата т.н импресионистипја и надреалистичка драма има својства на модерна трагедија. По долгогодишно боледување од туберкулоза умира во Баденвалер, Германија, во 1904 година. По Првата светска војна, кога неговите дела се преведуваат на англиски и други јазици, Чехов доживува светска слава.

Comments


bottom of page