Автор: Николај Васиљевич Гогољ
Година на издавање: 1841/42
Наслов на оригиналот: Шинель Жанр: новела
Осврт:
Николај Васиљевич Гогољ е еден од највлијателните Руски писатели на деветнаесеттиот век и книжевното време кое следува по него. Воедно се смета за доајен на реалистичката проза во Русија.
Неговото дело претставува еден новитет на своето време- произлезен од надарената проникливост на Гогољ длабоко во сржта на општеството и човекот како засебно битие кое функционира во општествениот организам, создавајќи една маестрална критика која ќе го обележи Гогољевиот творечки стил.
Истата, Николај Васиљевич ќе ја даде на еден мошне уникатен, дотогаш само нему својствен начин, надвор од рамките на утврдените принципи на актуелното литературно творештво.
Во новелата „Шинел“, Николај, своите размислувања ги проследува развојот на ликот на антијунакот Акакие Акакиевич- ситен чиновник од средниот општествен слој, претставник на најневидливата, но мошна насушна и функционална општествена група. Оттука, авторот се претвора во гласот на најбројната општествена група, градејќи подобна претстава за нивниот незабележлив живот чија важност се согледува тогаш кога ќе го снема.
Акакие е средновечен човек кој сиот живот го посветува на својата едноставна, едолична работа- пишување на преписи. Важно е да се напомене дека Акакиевич чувствува силна приврзаност за својата навидум обична професија и сето свое време и дејствување го насочува кон неа. Како резултат на тоа, Акакие не ужива опис на семеен или особено друштвен човек. Неговиот мирен, едноставен живот ќе биде попречен во моментот кога ќе дојде до сознанието дека мора да го замени стариот шинел со нов. За да ја постигне својата цел, тој развива едно фанатично лудило кон идејата за новото палто и своето досегашно дејствување го насочува во прилог на сопствената замисла, ускратувајќи си од основните животни потреби.
Тука можно е да лежи првата критика на Гогољ, упатена кон Рускиот народ за кој во една прилика, професорот Владета Јеротич, при анализа на делото на Достоевски ќе забележи дека рускиот народ има доста фанатична нарав, поради што е склон кон секакв крајности. Од друга страна, шинелот преставува симбол за општествениот углед кој Акакие полека го стекнува.
Ваквата опсесивност доведува до едно постепено срозување на човековата личност- пропаѓање кое ќе кулминира во моментот кога новиот шинел на Акакие ќе биде укаден. Во својот очај, чиновникот нема да добие помош од органите на правдата и ваквата беспомошност ќе придонесе до неговото фатално лудило. Со оваа хипербола упатена кон полицискиот и правен систем, Гогољ отворено говори за бескрупулозноста на оние општествени органи во чија одговорност лежи правдата.
Оттука, ќе се надоврзам на тоа дека Гогољевата сатира е засебен поим својствен за неговиот творечки опис- луциден хумор кој не може да се оддели од острата критика. Понатаму, Николај Васиљевич, на книжевната јавност, за прв пат ѝ го претставува натприродниот елемент во творештвото, со што го утврдува своето безвремие.
Неговото творештво ужива една семантичка и временска мултидимензионалност, правјеќи го пластичен портрет на сѐ човечко, видено преку општественото- прашање кое ги обележува сите времиња на литературата.
Неговото творштво ќе изврши силно влијание врз многу книжевници, меѓу кои ќе се вбројат и великаните на светската книжевност. Кон новелата „Шинел“ самиот Достоевски ќе каже: „Сите ние излеговме од под гогољевиот шинел“- признание кое ќе го зацврсти пиедесталот на кој е поставен Гогољ. Својот збор кон насловената новела ќе го даде и писателот Набоков нарекувајќи ја: „Најдобриот Руски расказ кој бил некогаш напишан“.
Низ Гогољевата нарација се провлекува една карактеристична чувствена нишка која непосредно се пренесува на читателот, правејќи го овој автор еден од најценетите писатели во книжевниот и останатиот свет тогаш, по него и денес.
Цитати:
„Оставете ме на мира, зошто ме навредувате?- А во тие продорни зборови звучеа други зборови: Јас сум ти брат. Младичот ќе го покриеше лицето со рацете и многупати во својот живот ќе се стресеше, забележувајќи дека во човекот има многу нечовечност, дека кај воспитаниот и образован свет се крие многу свирепа грубост и Боже, дури и кај човекот кого светот го смета за благороден и чесен“
„ Во една установа... но подобро да не кажам во која. Никој толку лесно не се налутува како разните установи, полкови, канцеларии, со еден збор разните службеници, коорпорации. Сега, секој поединец, кога некој ќе го навреди, смета дека е навредена целата негова професија“
„Неколку дена по смртта на Акакие Акакиевич го испратија од надлежништвото служителот да му испорача наредба веднаш да дојде во канцеларија, затоа што началникот го бара. Но, служителот се врати сам и јави дека Акакие не може веќе да дојде. А, кога го прашаа зошто, тој одговори со овие зборови: Па, затоа што умрел. Го погребале пред четири дена. На тој начин, во надлежништвото се дозна за смртта на Акакие Акакиевич; веќе утредента на негово место седеше нов чиновник“
Белешка за авторот:
Николај Васиљевич Гогољ е роден во 1908 година во Великие Сорочинци, Украина, во семејство на средноимотен спахија.
Тој е еден од најзначајните руски писатели на 19от век и се смета за основоположник на реалистичката проза. Неговото дело имало големо влијание врз многу од великаните на Руската, соодветно, светската книжевност, а осврт кон неговите дела имале самите Достоевски и Набоков.
По завршувањето на гимназијата се сели во Санкт Петерсбург од каде ќе следува неговото патување во Германија.
Во периодот 1831-1832 ги објавува повестите „Вечери на чифликот крај Дињка“ од кои бил воодушевен самиот Пушкин.
Во 1835 година ги објавил прозните творби „Мирогорд“ и „Арабески“. Покрај неговата прочуеност и неговото големо признание во литературниот свет во Русија, Гогољ имал чувство дека е непожелен во својата земја и дека никој не го разбира неговото творештво.
Заминал во странство, каде престојувал 12 години, а најдолго останал во Италија. Еден период заминал на аџилак на Христовиот гроб во Ерусалим. Во 1842 година го објавил првиот том од трилогијата „Мртви души“, а веќе во 1845 западнал во тешка душевна криза, во која ќе го изгори вториот том од претходноспоменатата трилогија.
Во 1847 ја издал книгата „ Одбрани места од преписката со пријателите“ во која говори за потребата од преродба на поединецот врз принципите на Христијанството и потребата од социјални реформи. Ова дело било жестоко искритикувано, дури и од неговите книжевни пријатели.
Во 1852 година, Гогољ за последен пат се враќа во Русија, но притоа неговата душевна состојба значително се влошува. При една особена криза, вечерта пред неговата смрт, повторно ја гори новата верзија од вториот том од „Мртви Души“ од која се спасени само неколку глави.
Comments