Автор: Чезаре Павезе
Година на издавање: 1951
Жанр: поезија
Наслов на оригиналот: Verrà la morte e avrà i tuoi occhi
Осврт:
Збирката поезија „Ќе дојде смртта и ќе ги има твоите очи“ е последното, постхумно издадено дело на еден од најистакнатите италијански книжевници на дваесеттиот век, Чезаре Павезе.
Насловеното дело е составено од дваесетина песни, пронајдени во собата на поетот непосредно по неговата рана смрт.
Стиховите сочинети во оваа збирка говорат за последните тихувања на Павезе, посветени на неговата најголема, но трагична љубов, актерката Констанца Даулинг.
Дел од песните кои се напишани на англиски јазик , во српскохрватскиот превод го зачувале својот оригинален наслов, со цел да се зачува нивната автентичност и сведоштво за изворот на оној порив со кој се создадени.
Творечкиот опус на Павезе не е изразито широк, противположно на великоста на неговиот лик за италијанската книжевност на дваесеттиот век. Своите творечки основи, Чезаре ги поставува според примерот на англо-американската поезија со која интензивно се занимава уште за време на своите студентски денови.
Чезаре Павезе првенствено се занимавал со пишување поезија која своите мотивски нишки ги пронаоѓа во поетовите интимни тихости и бранувања и во социјалните теми кои го обележуваат историскиот период во кој твори.
Павезе бил гласен противник на фашизмот, и бидувајќи етикетиран како антифашист, бил осуден на неколку месеци затвор и прогонство.
Неговите сведоштва на силните превирања кои ги обележуваат годините на неговото творештво претаставуваат подлога на голем дел од неговите поетски остварувања, а истиот мотив се забележува во песната „Една генерација“ сочинета во збирката „Ќе дојде смртта и ќе ги има твоите очи“.
Во подоцнежните години од неговото книжевно дејствување, Чезаре своето творештво го посветува на пишување куси прозни дела, кои во наголем дел се новели, но со изразито карактеристични и слоевити елементи кои прецизно го отсликуваат неговиот литературен и интимен портрет.
Пејзажните описи, Павезе не ги употребува како алатка за просторно и временско врамување на дејствието, но како физичка пројава на душевните состојби на ликовите.
Своите ликови, Чезаре ги гради сообразни на своите интимни душевни состојби и чувствувања со што го оформува својот карактеристичен творечки сензибилитет.
Творештвото на Павезе говори преку молкот кој е близок до неговата нарав, и преку за себе својствената меланхонична тишина гласно ги говори своите пориви и немири.
Неговите ликови се меланхонични и темни, при што осаменоста се провлекува како нивен чувствен императив, слеана со силнен порив за бегство, далеку од светот кои ги опкружува.
Српската писателка и преведувач Југана Стојановиќ во една прилика ќе каже:
„ Никој од неговите ликови нема важна цел ниту принцип, немаат страст, ништо не земаат сериозно и поради тоа немаат ниту среќа ниту болка. Меѓутоа, нивното чувство на осаменост е активно и може да се смета за бунт и израз на незадоволството од состобата во која се наоѓаат. Како што запишал во својот дневник на 13. јануари 1949 година, Павезе смета дека излезот е во бегството, но не дава упатство каде треба да се побегне. Сепак, одговорот на ова прашање е парадоксален: треба да се побегне во тотална осаменост, таму каде што нема луѓе, зашто само во таа објективна самотија нема да ја чувствуваме субјективната самотија. Меѓутоа, ликовите на Павезе не се способни да го преземат тоа бегство, зашто тие се малодушни и не владеат со своите судбини“
Самиот Чезаре, не умее да го даде одговорот на овој искон до кој допира, знаејќи дека секое објективно бегство од својата субјективна реалност ќе заврши на крстопат со истите стравови од кои започнало, но останува свесен за силното душевно бранување кое не знајќи како да го скроти, го изнудува последното најбрзо бегство по кое човекот може да посегне.
Како таква, поезијата на Павезе многу пати е разгледувана низ неговите чувствени очила, поради што често е накитена со тажни, темни и длабоки епитети кои прилегаат на нивниот создател, но погршно е ако овој агол се смета за едниствена исправна точка на толкување.
Делото на Чезаре говори преку молкот на длабоката осаменост на човекот кој пребива во светот, меѓу луѓето, но таа објективност ја нагласува неговата чувствена отфрленост која исходи со неотповиклив бегалски порив кој може да биде пресечен со најбрзото бегство со кое ќе скипне самиот живот или да се пронајде правата линја по која ќе чекорат сите кругови до она место каде тој порив ќе го снема.
Одбрана песна:
Средба
Овие тврди падини кои го соѕидаа моето тело
и го потресуваат со толкави сеќавања
ми го открија чудото на таа жена
која не знае дека ја живеам,
но не умеам да ја раберам.
Една ноќ ја сретнав: посветла грмушка
под нејасни ѕвезди, во летната магла.
Наоколу е ширеше мирисот на тие ридови
подлабоки од темнината
и одеднаш се разлеа
како од бреговите да изби
глас чист и опорит истовремено,
глас на заборавените доби.
Понекогаш ја гледам, живее пред мене
конечна, непроменлива, како сеќавање.
Никогаш не сум можел да ја сфатам:
нејзината стварност секогаш ме извлекува
и ме носи во далечината.
Не знам дали е убава. Млада е помеѓу жените:
кога мислам на неа ме пренесува далечното сеќавање
на детството минато меѓу овие брегови,
толку е млада. Налик на утрото.
Нејзините очи ми ги навестуваат
сите далечни небеси на оние далечни утра.
Во очите има тврда одлучност: најчистата светлост
која некогаш се разлеала во зората по овие падини.
Ја создадов од сите најдраги нешта,
а не успевам да ја разберам.
Белешка за авторот:
Чезаре Павезе (Cesare Pavese, 1908 - 1950) на почетокот од својата книжевна кариера се бавел со поезија, а подоцна претежно со проза. Ја следел англо-американската книжевност (дипломирал со теза за Волт Витман) и интензивно преведувал англо-американски автори (Јојс, Мелвил, Дикенс, Дефо и други). Павезе бил антифашист, и тоа го чинело неколку месеци затвор и една година прогон во Калабрија. Неговата проза се поврзува со неореализмот, а поезијата, иако богата со лирика, третира социјални теми (особено на почетокот).
Животот на Павезе бил обележан од длабоко чувство на осаменост и празнина. На 27 август 1950, во хотелот „Рома“ во Торино, бил пронајден починат. Крај неговото тело, крај останатите хартии, бил пронајден и ракописот на „Ќе дојде смртта и ќе ги има твоите очи“, збирка од десет песни која, како и романот „Месечината и огништата“, била посветена на последната негова љубов, Констанс Даулинг.
Comments