Режија: Dito Tsintsadze
Улоги: Salome Demuria, Giorgi Nakashidze
Година: 2019
Времетраење: 90’
Земја на потекло: Грузија
Жанр: Драма
Награден со Специјално признание од жирито на 11. Филозофски филмски фестивал
На листата на соработници на овогодинешното единаесетто издание на Филозофскиот филмски фестивал, на наша огромна чест и задоволство, се најде и Култура Бета. Со оглед на тоа што станува збор за филмски фестивал, многу природно дојде одлуката таа соработка да се „овековечи“, покрај другото, и со објави во токму оваа рубрика, Филм на неделата. Па така, почнувајќи од денес, во текот на наредните две недели ќе прочитате препораки за два филма кои беа дел од програмата на ФФФ (Официјална селекција на долгометражни филмови).
Со цел да навлеземе убаво во препораката, во продолжение е официјалниот синопсис на филмот составен за каталогот на фестивалот:
„Ирина, 43, се враќа дома од затвор за кривично дело коешто не го сторила. Обединувањето со семејството не е онака како што го замислува. За да започне нов живот и да се врати во општеството, Ирина треба прво да ја поврати довербата на најблиските. Таа се запишува на курс по јога и преку вежбите вдиши – издиши треба да се пронајде себеси. Но, кога алиенирана од своето семејство ќе пронајде утеха кај геј синот на една од нејзините пријателки од затворот, се чини дека и во една навидум добронамерна заедница, демнеат тивки опасности и недоразбирања.“
А, она што јас имам да го кажам (или прашам) за овој филм е следно:
Зошто толку многу избегнуваме да гледаме да гледаме филмови кои се источноевропски кога приказните кои тие ги раскажуваат се толку многу блиски до нашите? Причината поради која решив да го препорачам токму „Вдиши – издиши“ е затоа што иако Грузија е земја за која знаеме толку малку, со кинематографија со која речиси и не сме запознаени, сепак, овој филм изледаше познато. Ликовите изгледаа познати. Локациите изгледаа познати. Случките изгледаа познати. Прашањето кое филмот го поставува, како да се вклопиме во општество кое не вели „добредојде“ на луѓе како нас, како да (пре)живееме во свет во кој таквите како нас се црни овци, иако навидум универзално, е значајно особено кога истото можеш да го препознаеш во својата блиска околина.
„Вдиши-издиши“ е филм кој вреди да се погледне затоа што по гледањето, мислите со кои сте оставени не се поврзани само и единствено со содржината или со (прекрасните и многу примамливи) ликовите, туку и со мисли за подлабокото значење на различностите, предрасудите, социјалните норми, живеењето во заедница, но и преосмислување на општеството во кое ние самите живееме. Зарем тоа не е вистинско поврзување на филмот и философијата?
Comments