top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

β-предлог филм: MOMMY

Режија: Xavier Dolan

Улоги: Anne Dorval, Antoine Olivier Pilon, Suzanne Clement

Времетраење: 140’

Жанр: Драма


„Мамичка“ (2014) е филм на младиот канадски режисер Ксавиер Долан кој ја разгледува комплексната врска помеѓу мајката и нејзиниот син, насилен и хиперактивен тинејџер. Приказната се одвива во мал град во Квебек откако Дај (Anne Dorval) си го прибира синот од институцијата во која се наоѓа откако предизвикал пожар. Уникатниот однос помеѓу нив двајца станува уште понеобичен кога нивната сосетка, Кајла (Suzanne Clement) која е забележлива по нејзиниото пелтење, се приклучува на лудилото во нивниот дом.


Комплицираниот однос помеѓу мајка и син е фокус во Mommy, но не е првпат да се разработува како тема од страна на Долан. Ова е јасно во неговите филмови I Killed my Mother и Laurence Always, а она што ми е мене особено интересно е што при една прилика, на режисерот му беше поставено прашање за тоа зошто толку често зборува за мајки, а не за татковци: “It’s maybe the way you see fathers?”, на што тој одговара “I don’t see fathers”.


Големината на овој филм е во човечноста на ликовите која пред сѐ се добива со емотивноста на изведбите од страна на актерите. Станува збор за реалистични луѓе, реалистични предизвици, но и надежта која можеме да најдеме во моменти на криза. Филмот е снимен во 1:1 сооднос (квадрат), што му дозволува на Ксавиер Долан, но и нам како публика да се доближиме до ликовите, буквално и фигуративно. Овој сооднос се прекршува на два наврати и тоа токму во оние топли моменти во кои даваат надеж за иднината на ликовите. Особено фасцинантно е тоа што првиот пат кога тоа се случува, Стив буквално го растегнува кадарот со рацете.

Музиката во овој филм е важен дел, со тоа што дури три од песните кои означуваат клучни моменти во дејството се добро препознатливи: On ne change pas од Celine Dion, Wonderwall од Oasis и секако, Born to Die од Lana Del Rey.


Емоциите кои се чувствуваат при гледање на филмот се шарени, неусогласени и комплицирани. Затоа, препорачувам да одвоите два и пол часа од вашето време кои ќе бидат целосно посветени на овој филм, без телефон, без надворешни звуци, со цел да ги почувствавте овие ликови онака како што треба да бидат почувствувани.

Comments


bottom of page