top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

β-предлог филм: Shiva Baby

Режија: Emma Seligman

Улоги: Rachel Sennott, Molly Gordon, Polly Draper, Fred Melamed, Dianna Agron

Година: 2020

Времетраење: 77’

Земја на потекло: САД

Жанр: Драма, комедија

Леле, филмов! Кај нас свежо излезен оваа година, по светските фестивали уште претходната година, Shiva Baby (2020) е дебитантски филм на режисерката Emma Seligman, но и првиот филм во кој неверојатно ексцентричната и интригантна Rachel Sennott навистина си ја добива слободата да сјае. И сјае! Ја игра улогата на младата Даниел, студентка која не е целосно сигурна за својата иднина, бисексуалка, арогантна, но истовремено константно под стрес, Еврејка, и во текот на кратките, но многу слатки 77 минути, се раскажува нејзиното патешествие на типичен еврејски погреб. Таму е цела нејзина љубопитна фамилија, нејзината надмена бивша девојка и како црешичка на шлагот, нејзиниот sugar daddy со сопруга и дете кои таа воопшто не знаела дека постојат. Поидеално не може!

Иако според жанрот, овој филм е комедија (и тоа една особено смешна комедија), на моменти го чувствував како хорор, од причина што не можеше да биде понепријатно од причина што е тооооолку реалистично! Замислете си ги сите коментари од тетките, бабите и вујковците на сите можни семејни средби, де за колку сте ослабнале, де за колку сте се поправиле, па прашања за факултет, иднина, образование, коментари како „ако де, ќе си го најдеш и ти патот“ или „добро, млада си, уште не знаеш“. Е, како додаток на тие секогаш незгодни коментари, замислете си и да си го оставите отворен телефонот, а вие пред малку сте пратиле гола слика на маж 20 години постар од вас, кој не само што е другар на татко ви, туку е и присутен со своето семејство. Час и 17 минути исполнети со стрес и анкциозност, но позабавно и не можеше да биде!

Ѝ благодарам на режисерката што успеа да ја објасни нелагодноста на бидувањето девојка на семејна средба. Едвај чекам да видам што таа и новите глумици дури допрва ќе прават.

Comments


bottom of page