top of page
Writer's pictureЛеонид Велковски

β-предлог филм : The Tree of Life

Режија: Terrence Malick

Улоги: Brad Pitt, Sean Penn, Jessica Chastain, Hunter McCracken, Fiona Shaw

Година: 2011

Земја на потекло: САД

Времетраење: 139’

Жанр: Драма, Експериментален

Теренс Малик е критикуван за неговиот начин на правење филмови, но сите ќе се согласат дека овој филм некако најдобро функционира во тој поетски стил на правење филмови, односно несекојдневниот начин на Малик. Јас овој филм и режисерски стил би го споредил со поетскиот стил на Тарковски, иако ова не е Тарковски (бидејќи Тарковски е Бог), сепак доста оргинален филм, кој вреди да се погледне. Овој режисер можеби и се надминува себе си во циклусот на правење на вакви експериментални филмови (овој сепак и му е прв од експерименталниот циклус).


Морам да кажам дека филмот и не е баш лесен за гледање и затоа разбирам зошто имал мала гледаноста во кино салите. Тешкото во филмот е нелинеарниот начин на одвивање на дејството, односно самата експерименталност, враќањето и одењето напред, назад со приказната и временскиот период на одвивање на настаните, како и сцени и кадри од настанувањето на вселената и сцени од природа и животни.


Филмот го прикажува животот на семејството О’Браен во текот на 1960-тите. На почетокот од филмот, таткото и мајката посебно дознаваат за смртта на нивниот 19-годишен син и тој настан предизвикува кошмар во нивниот живот. Потоа, дејствието се префрла во сегашноста, прикажувајќи го најстариот син Џек, кој е успешен архитект. Тој започнува да се сеќава на детството и на младоста. Притоа, младиот Џек расте во сенката на авторитативниот татко, кој упорно настојува да ги направи своите синови силни, сметајќи дека тоа е услов за успех во животот...


Низ течението на филмот, ликовите му се обраќаат на починатиот брат, син, а во меѓувреме ги гледаме тие природно-научни и вселенски сцени. Самиот филм е едно истражување на тагата, смртта, човековата природа, врската со Бога или вселената, губењето на еден млад живот. Односно, може да се каже, смислата на животот, како настанал (вселената, животните, растенијата), циклусот на настанување (раѓање) и исчезнување (умирање), милоста и немилоста на овој свет.


Сигурно ќе останете маѓепсани по крајот на филмот, сигурно ќе бидете со многу прашања, кои ќе си ги поставите на себе си, покрај што ќе го барате значењето на интернет. Мислам дека режисерот донекаде си ги преточува и своите трауми од детството, спојувајќи ги со философските промисли кои ги има како возрасен човек, во исто време осврнувајќи се на татковската строгост и врската со неговиот татко во детството. Секој има различен поглед на животот, но во овој филм ми се допаѓа што остава еден голем простор за толкување и разбирање на филмот по волја на гледачот и публиката. Таа слобода на толкување ми се допаѓа и ме интересира што ќе мислите за крајот на филмот и воопшто за филмот. Кои се философските теми кои ги обработува, а можеби ќе пронајдете нешто кое никој досега не го забележал.


Уживајте во поетичноста и философскиот пристап на филмот и кадрите, проследени со епска музика, која инспирира, во универзалните теми: смрт на ближниот, детство и Бог.


Јов 38: 4-7:

,,Каде беше ти кога ѝ ги поставив темелите на земјата?

Кажи ми, ако го разбираш тоа!

Знаеш ли кој ѝ ги одреди мерките

и кој го растегна над неа мерното јаже?

Во што се вглавени нејзините подножја

и кој ѝ го положи аголниот камен

додека утринските ѕвезди радосно извикуваа заедно

и сите Божји синови воскликнуваа од радост?”


Филмот ,,The Tree of Life” има освоено ,,Златна палма“ на 64-тото издание на Канскиот филмски фестивал и има добиено три номинации за наградата ,,Оскар”, меѓу кои и номинација во категоријата за најдобар филм.

Comentários


bottom of page