• Култура β

β-Уметник на неделата: Драгана Крстевска

Оваа недела (11.10.-17.10.) наш уметник на неделата е Драгана Крстевска. Таа доаѓа од Скопје и има завршено во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“. Сака да е опкружена со уметност и позитивни луѓе кои и се најчесто инспирација за нејзините дела. Обожува балет и балерини за кои вели дека моментално се нејзината најголема преокупација, ја инспирираат движењата, а работи и на претворање на старите дела на Едгар Дега во нови, живописни, слики во 21ви век.

„Иако уживам во графичкиот дизајн себе си најмногу се пронаоѓам во Анимацијата и цртаните филмови. Сакам да креирам карактери и оваа година имав можност да се обучувам на шест месечна обука во FX3X. Времето најчесто го поминувам креирајќи илустрации, карактери кои се најчесто одраз на луѓето кои ги знам.

Храброст да ги споделам моите дела до сега не сум имала иако цртам од мали нозе и константно работам на подобрување.


Делата кои ги гледате се вид на приказни кои ги доживувам и ги гледам. Моменталните состојби во светот, политички,социјални и општи теми од околината во која живеам.Се имам претставено на многу изложби и имам организирано мои настани. И покрај уметноста многу ги сакам јазиците кои се голем дел од мојот живот.“ додава Драгана за себе.


Во меѓувреме Драгана работи и на циклус фотографии кои ја обработуваат темата на фолклорот и неговото (не)присуство во современиот свет. Во прилог на фотографиите таа вели:


„Фолклорот е усна историја што ја чуваат луѓето од културата, составена од традиции кои припаѓаат на одредена култура. Овие традиции обично вклучуваат музика, приказни, историја, легенди и митови. Фолклорот се пренесува од генерација на генерација и се одржува активен од луѓето во културата. Фолклорот им овозможува на луѓето да им дадат значење на нивните животи и околината. Бидејќи секоја култура има различно историско потекло и традиција, фолклорот има различна дефиниција за секоја култура.


Во ова модерно време, кога технологијата преовладува скоро во секој момент од нашите будни животи, фолклорот изгледа како нешто повеќе од остаток од минатиот свет, одамна заборавено, тоа е дел од нас и ден денес. За жал многу често го забораваме народниот вез, старите носии и убавите песни кои одекнувале од домовите на нашите семејства низ државава.

Преку овие фотогафии се потрудив да го оживеам духот на фолклорот и да ја разбудам публиката која ги гледа.“








68 views