Да се биде бесмртен или не – прашањето е сега! И не само што е сега, било отсекогаш, е и ќе биде вечно прашање кое нè окупирало сите во одреден момент во животот. Ако ги анализираме философските теории на мноштво философи ќе приметиме дека низ многу философии се провлекува прашањето за бесмртноста, а ако не е дефинирано како такво – тогаш зборуваат за селење на душата што е еквивалент на бесмртноста. Па така, со аманет од Гилгамеш и потрагата по тревката за бесмртноста, преку Питагорејската и Платоновата теорија за селење на душата, па сè до денешниот облик на бесмртност преку едноставно продолжување на животот стигнуваме до една нова верзија на нашите β-муабети, а тоа е една писмена философска расправа на тема БЕСМРТНОСТ.
Во ова издание јас, Андреј Медиќ Лазаревски, разговарам со Ирина Илиева, креативен лик кој веќе сме го запознале преку објавената виртуелна изложба кај нас на инстаграм, таа е студент по германски јазик и по философија на словенечкиот универзитет во Марибор. Па така, и јас и таа како философи-студенти решивме да се впуштиме во елаборација и согледба на различни мислења за едно вечно философско прашање преку анализа на неколку философски учења и текстови.
Но, за воопшто да се впуштиме во ваква дискусија, најпрво би го поставил прашањето, како ја согледуваме бесмртноста, како би ја дефинирале? Јас кога би си дозволил некое слободно толкување би рекол дека јавувањето на прашањето за бесмртноста потекнува од стравот од смртта. Па така, теориите за селењето на нашата душа од едно во друго тело или заминување на душата во некои други метафисички светови е утеха на „обичниот смртник“. Бесмртноста ја согледувам како нешто практично и физички невозможно, но теориско-метафисички, и те како, возможно. Но тука секогаш се наметнува прашањето „Но, дали е тоа навистина така?“. Ирина пак за ова прашање вели: „Јас би сакала да започнам од тоа дека се согласувам со Андреј, утеха за вечен живот бараме од самиот почеток на опстанокот на човечкиот род. Не само преку теориите за селењето на душите туку и со самото тоа дека клонирањето, како дел од природните науки, истражувањето за него и доменот на вештачка интелегенција, ни ја овозможува мислата за бесмртноста. Јас бесмртноста ја гледам како една полуотсечка во времето која има свој почеток со раѓањето, но никогаш не го достигнува својот крај односно смртта.“
Идејата за овој философски муабет ми излезе читајќи го делото Хомо деус од израелскиот професор и историчар Јувал Ноа Харари, налетав на еден пасус кој ми отвори простор за размислување, вели: „Не е лесно да се живее со сознанието дека еден ден ќе се умре, но уште потешко е да се верува во бесмртноста, а доказите да велат поинаку“ (Харари, Н.Ј. Хомо деус. Скопје: Три, 2019.). Овој пасус следеше после неколку страни зборувајќи за потрагата на човекот од 21от век по начини за продолжување на младоста, па тука би издвоил уште еден пасус: „Би ви пречело ли Путин да остане на позиција уште некои 90 години? Ако подобро размислиме, под претпоставка луѓето да живеат 150 години, во Москва на власт во 2016 година, сè уште би бил Сталин, со само 138 години, водачот на Политбирото. Мао Це Тунг, би бил средновечен човек со 123 години, принцезата Елизабета би чекала сè уште да го наследи престолот од Џорџ VI, кој би имал 121 година. Нејзиниот син Џарлс би дошол на ред дури во 2076 година“. Па, живот 150 години во просек, звучи ли приближно до бесмртноста?
„Според мене секој човек би сакал да ја добие можноста за уште само неколку години живот. Многу од луѓето ја возвишуваме приликата која ни се дала, односно самиот живот. На еден или друг начин колку и да е тежок животот сите си наоѓаме пат, цел и некаков вид на утеха кој ни овозможува да го живееме или изживееме животот, тука на оваа планета во овој безграничен универзум. Проблемот со добивање на плус неколку години живот е тоа дека едноставно ние не знаеме кога смртта би не обземала, па поради тоа би станале алчни за се повеќе и повеќе години, така настанува мислата за бесмртноста во нас, копнежот по неа е се поголем. Но нема да лажам, помислата за 150 години живот, е поприлично примамлива, бидејќи би имале дупло повеќе време за размисла и за љубење на мудроста.“ вели Ирина. А според мене, 150 години се практично двојно поголем живот од оној кој го имаме денес па тоа заличува како да ќе живееме два живота и со тоа правење некој исчекор кон бесмртност. Можеме само да замислиме дека кога би живееле таков живот би замислувале живот долг 300 години, а во тој живот од 600, а во тој живот од 1200 години, па така се до бесконечен живот = бесмртност.
Но од каде воопшто оваа идеја за бесмртност? Јас би рекол од теоријата за метемпсихоза на Питагора, а Ирина сигурно би додала и онаа теорија на Платон која според мене е практично преточена од учењето на питагорејците во Платоновата теорија. Па сега би ги објасниле и двете!
Неизбежен е фактот дека размислите за бесмртноста датираат од многу, многу одамна, од пред преку 2500-3000 години пред нашата ера, веќе го споменав Гилгамеш и потрагата по тревката за бесмртноста, потоа и Хомер за кој се претпоставува дека смета дека душата останува жива по смртта како некое безживотно сениште кое опстојува благодарение на крвта кај живите. Секако, тука се и почитувачите на мистериите за Деметра кои сметаат ќе бидат прифатени боговите и не само што ќе ја избегнат смртта, туку дека и ќе живеат посреќен живот на оној свет. Орфистичките учења, исто така, според кои се верува дека човековата душа е составена од земски, но и од божествени елементи кои ја даваат нејзината несмртност. Сите овие примери ги дава академик Витомир Митевски во своето дело Претсократовци со цел да дојде до главната поента за Питагора за кои вели: „Тој (Питагора) верува дека човечката душа е од иста природа со онаа на божествената, дека човековата душа е дел од светската, космичка душа, една одломка која постојано тежнее да се обедини со целината. Таа е суштествен дел од човекот и затоа е бесмртна, иако е во состојба на постојано преминување од едно во друго поединечно обличје. Токму суштествената врска со божествената душа му дава цел и смисла на човековиот живот.“.
А што е со Платон? Па Ирина објаснува: „Доколку би читале некој од Платоновите дијалози, би дошле до заклучок дека Платон секогаш има најразлични аргументи кога станува збор за бесмртноста. Тоа што е најинтересно е тоа дека тој никогаш не кажува дека ние како луѓе имаме можност да сме бесмртни, „За телото што е преселено однадвор е бездушно; но она што е поместено одвнатре има душа, бидејќи таква е природата на душата. Но, ако ова е вистина, зарем душата не смее да биде самодвижна, а со тоа и од неопходност неродена и бесмртна?“ (Платон. Федар), тој и ја препишува бесмртноста само на душата, која ја смета за причина зошто нешто е живо. По смртта, душата се сели во светот на идеите, се прочистува и повторно се сели. Платон вели дека душата не постои само со нашата смрт, туку таа постоела и претходно. Душата ја восприема целата вистина од светот на идеите, а потоа со присеќавање добива одговори на сите свои прашања.“
Од ваквите определби на бесмртноста на душата или од теориите за селењето на душата или од обидите за константо зголемување на животот нужно е човекот да е запоседнат со прашањето за бесмртноста. Нужно е да мисли постојано на тоа дали може да не умре. Па клучното прашање: дали е оправдано да се очекува бесмртност? Според мене не, повеќе од 5000 години обиди да не се усмртиме, но залудно. Секој нареден обид наоѓаме нови утехи за човековата смрт, и можеби растат трендовите на зголемување на животниот век, но дали ќе дојдеме до бесмртност оставам на некои умови да се надеваат.
„Бесмртноста ни е прикажана уште од самото детство како нешто кое што мора да се пронајде, преку сите филмови, серии, книги, медиуми општо, насекаде е прикажана како нешто најважно, нешто кое што треба да ни биде цел на целото човештво. Не само тоа, додека сме обземени со мислата за бесмртноста, од нас се очекува и живеење на животот. Па дали би оделе на нашето патешествие за животот или потрагата по бесмртноста? Многу философски теории ни даваат до знаење дека барем некој дел од нас би постоел засекогаш, па дури и би ја знаел целата вистина. Но, дали тоа би ни била доволна утеха за да го живееме животот, без страшната помисла за смртта?“ додава Ирина за крај.
За крајот, што е прашањето? Да го следиме Пиндаровото „Не барај да станеш Бог...на смртници смртно им се пишува“ или да заминеме на работа во некоја лабораторија и да ја произведеме тревката за бесмртност, е тоа е прашањето – прашањето е сега!
Comments