Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ на Марија Шаклева, според песна на Андреј Ал-Асади, во официјална селекција на интернационалниот „Поетски филмски фестивал ‒ Лос Анџелес“
Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ во режија на Марија Шаклева е избран во официјалната селекција на интернационалниот „Поетски филмски фестивал ‒ Лос Анџелес“ (International Poetry Film Festival ‒ Los Angeles) во САД.
Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ во режија на Марија Шаклева е снимен според истоимената песна на македонскиот поет Андреј Ал-Асади. Музиката е на Јован Јовановски, а снимател е Илија Жоговски. Уметничката слика што како мотив се појавува во филмот е дело на сликарот Владимир Илиевски. Продуцент на филмот е Јулијана Величковска а режисерката Сандра Ѓоргиева беше стручен консултант.
По повод ова, направивме краток муабет со режисерката на филмот, Марија Шаклева:
Андреј: Зошто поетски филм?
Марија: Едноставно бидејќи ми се укажа можност за тоа, благодарение на Јулијана Величковска и Скопски поетски фестивал.
Андреј: Како го чувствуваш поетскиот филм како филмски жанр?
Марија: Не знам дали би го одвоила како жанр, не сум доволно навлегла во таа тематика за да го гледам така. Можеби можам да кажам за филмот воопшто како медиум дека е нешто кое го чувствувам многу блиску во однос на тоа дека успева да ја доволи внатрешната состојба на човекот и да не' потсети на нашата минливост и убавина.
Андреј: Што (за тебе) значи пласманот во официјалната селекција на поетскиот фестивал во Лос Анџелес?
Марија: Искрено, само се надевам дека ова ќе допринесе малку повеќе во тоа да се сака, споделува и поддржува домашната културна сцена бидејќи има многу талентирани луѓе чија мисла, музика, уметност ќе биде убаво да е препознаена.
Андреј: Покрај поетските филмови на што имаш работено до сега и дали спремаш нешто ново?
Марија: Моите почетоци со режија и монтажа се уште кога бев второ или трето одделение. Моите родители работеа на емисија за деца "Креативци" која се прикажуваше во Штип во која јас и мојот брат често учествувавме. Имам работено и на музички спот за новиот албум на FIN Project Orchestra за песната At a distance. Инаку сакам да читам и пишувам поезија, а за нешто ново не сум размислувала, ако се појави можност зошто да не :))
Поетскиот филм е дел од „Стиховно мапирање на Скопје“, проект на „ПНВ Публикации“, со поддршка од Град Скопје, и за првпат беше прикажан во септември 2022 г. во рамки на „Скопскиот поетски фестивал“.
Според програмата, проекцијата во Лос Анџелес е закажана за 29 април годинава.
Comments