„Сакам да се изгубам во музиката, да и дадам на душава да твори, да си го заборавам името и да станам најубавото нешто кое може да се пронајде само во срцето“ - Ева Карамановска, творецот на краткометражниот филм „Безљубовен град“
Разлистувајќи вчера низ Инстаграм и подготвувајќи се за овонеделните β-активности налетавме на кратко, слатко, скопско филмче. Краткометражен филм кој ни визуелизира едно пребегнување од пандемичната реалност во еден свој свет, а сепак сеприсутен низ секоја наша околина.
Ја прашавме режисерката на филмот, Ева Карамановска, да се опише, па за себе ни раскажа:
„Јас сум Ева, млад креативец. Ако морам да се опишам со еден збор би се нарекла слободен (ум)етник. За мене уметноста претставува многу повеќе од нацртан цртеж, напишана песна или фотографија... за мене претставува огледало преку кое си ја гледаш душата, претставува нешто кое има толкава моќ што истовремено ти дава можност и да се пронајдеш и да се изгубиш себе си во исто време. Моето губење го пронаоѓам во латино танцот, сликањето, фотографирањето, графички дизајн и се она кое ми дозволува истовремено да бидам и творбата и творецот. Омилен мирис ми е мирисот на цимет и салеп, особено во врнежливо попладне гледајќи интересно филмче, од каде што и ми потекнува желбата за снимање на мој филм.“
Филмот може да го погледнете на нашиот инстаграм @kultura_beta или во продолжение:
За филмот Ева, пак, ни раскажа: „Филмот „Безљубовен град“ е проектче кое го изработив со мојата најдобра другарка Тамара. Инспирација ни беа моментите во минатото или пак сега, во кои сме се почувствувале сами и изгубени и можеби звучи парадоксно меѓутоа многу млади се борат со ментална нестабилност, особено за време на пандемијава која се манифестира со така наречена емоционална вкочанетост и чувство на душевна празнина.
Често ова е привремена состојба, меѓутоа, за наша несреќа на многу луѓе овој начин на живеење им станува единствен. Додека оваа “блокада“ ги поштедува од негативни чувства и сеќавања, исто така “ја гаси“ можноста да почувствуваш среќа и задоволство, што е најтажното нешто кое може да се случи на еден поединец. Целта на филмот беше јавно да се искаже дека ова не треба да биде табу тема за младите и дека чувството на празнина не е нешто кое ги прави луди или чудни. Сакавме да искажеме дека сепак сите ние сме една движечка приказна, а ниедна приказна не е константно позитивна, битно е да успееме крајот на нашата приказна да е среќен.“
Comments