Ииии...конечно импресии! Први за оваа 2022 година и можеби мојот омилен текст бидејќи во продолжение ќе пишувам за роденденот на нашата неформална организација за креативно и културно изразување Култура β. Омилен бидејќи ќе ја раскажам приказната за настанувањето на нашава организација, како почнавме, како работиме и кои ни се плановите за во иднина. Но, најпрво ќе ви се заблагодарам на сите за убавите зборови, честитки и желби кои ни ги испративте вчера, но и за сета поддршка која константно ја добиваме низ сите овие 730 денови работа.
На 16-ти февруари 2020 година седевме со Хана Марија Трајкоска на кафе навечер. Веќе неколку месеци ја дискутиравме идејата која ја имавме, го осмислувавме концептот, започнав со подготовка на логото и дизајните на постовите, а таа со подготовка на социјалните мрежи. Првенствено и двајцата со идеја дека ќе ја направиме оваа неформална организација како основа под која ќе можеме да ја играме претстава „Какви мажи!?“ (инаку претстава која не ја виде светлината на денот поради корона-ограничувањата). Тој период ја подготвувавме таа претстава и речиси да бевме целосно готови и штотуку почнавме да договараме место за прикажување. Но само 2-3 недели после целово наше основање, сè се затвори и ништо не беше во можност да се организира, па останавме ние со нашите подготвени социјални мрежи. Во меѓувреме започнав разговори со Ана Илиева околу поетската рубрика, со неа ја започнавме идеја дека онлајн платформата на Култура β треба да биде исполнета со поезија од млади автори. А на тоа потоа се надоврзаа и рубриките за кратка проза, како и рубриката за уметник на неделата. И така, сите тие тогаш престроги пандемиски денови ги поминувавме работејќи на Култура β и нејзините први рубрики β-поезија, β-кратки раскази и β-уметник на неделата, а набрзо потоа и рубриката β-муабет.
За момент се почувствував како да пишувам мемоари, но интересен ми е да го дадам овој приказ на еволуцијата на нашата неформална организација и преминот од таква скромна платформа до Култура β која секојдневно се (и ќе се) развива. Па така од октомври 2020 кон Култура β се приклучија и Ана Илиева и Калина Качоровска, развивавјќи ја колумнистичката рубрика, а Калина започна и со неделните филмски предлози. Па така, мрежата на Култура β стана и поразновидна. Во меѓувреме Леонид Георгиевски и Хана Марија Трајкоска ја започнаа и рубриката β-фактопедија, а јас ги интензивирав интервјуата, па си направивме муабет со многу млади уметници, поети, музичари, бендови, сопственици на младински брендови... Па од тројца, тимот веќе ни броеше пет членови. Набрзо потоа тимот се збогати и со Софија Тодороска која ја отпочна неделната рубрика β-предлог книга, а потоа се приклучија и Георгина Петреска и Леонид Велкоски како колумнисти. Месеци подоцна Васил Ханџиски преку својот еко-активизам ги отпочна и еколошките рубрики – најпрво еко-колумните, а потоа и еко-фактопедија за која пишува до денес.
Во меѓувреме организиравме неколку онлајн настани – 3 поетски читања, една виртуелна изложба, мини-концерт на Дина Јашари и Лука Тошев, како и 4 онлајн филмски проекции на краткометражни филмови од млади режисери. Ги отпочнавме и сниманите интервјуа како видео-продолжение на β-муабетите, рубрика која понатаму имаме амбиции да биде многу позачестена и поголема. И секако двата физички настани: промоцијата на стихозбирката Беседење со неа на Андреј Медиќ Лазаревски и изложбата на Никола Јовановиќ.
Денес, тимот ни брои 9 членови: Калина, Ана, Софија, Леонид, Георгина, Васил, Лео, Хана и јас-Андреј. Развивме нови рубрики, а старите секако ги продолжуваме, па така може да си читнете и поезија и куса проза од млади автори, да се погледне младинската уметност во рубриката β-уметник на неделата, да се прочитаат младинските ставови во β-колумните, еко-фактопедијата, философските беседи. Рецензии на книги, на филмови, на настани во неделните предлози за книга и филм, како и во Импресии и Културоглед. Да се читне по некое интервју во β-муабет, како и философски коментари и беседи во β-философски муабет, а на неделно ниво се наоѓа и по еден архаизам во рубриката Бисери. Третата година ја отпочнуваме со обмислување на концептот по кој ќе работиме, се редизајнираме, го зголемуваме тимот со нови луѓе, започнуваме со по некоја нова рубрика и сериозно разговараме за конечно отпочнува со сериозни физички настани за кои веќе имаме идеи, како и конечно да станеме, од неформална, формална организација – но за сè ова ќе известиме наскоро!
До тогаш, си го честитаме роденденот и ве очекуваме со уште многу уметност, критики и предлози. Живели пријатели, се гледаме наскоро!
Во продолжение се потсетуваме на β-муабетот што го направиме меѓу нас по повод првиот роденден, а за вториот се договориме да зборуваме со вас – во живо:
Comments