• Култура β

Викторија Пенова: Митови и стереотипи за корисници на инвалидска количка

Колку и да напредува нашето секојдневие во последните 100, 50 или 20 години стереотипите се сеуште присутни околу нас, висат врз нашите глави како облачиња од стрип чекајќи некој да ги прочита. Кога станува збор за корисници на инвалидска количка, тогаш стереотипите се мошне разновидни. Во случајов би можела само да зборувам од своја перспектива, од свои искуства и можам само да се надевам дека со ова ќе едуцирам некој. Најпрво, стереотипите од типот дека сме неспособни да водиме нормален живот, да се едуцираме, да имаме успешна кариера, да основаме свое семејство се тотална бесмислица. Тоа е навредливо и само да го помислиш а не пак доколку го кажеш некому. Сите ние сме луѓе, а лицата во инвалидска количка не се ниту помалку, ниту повеќе од тоа- луѓе. Ние не сме вонземјани, суперхерои ниту пак заслужуваме сожалување. Тоа што не сме физички способни не значи дека сме и психички. Да, тоа што имаме физичка неспособност не значи дека не слушаме, разбираме и не зборуваме туку само дека сме неспособни да правиме некои движења. Во многу случаи, некои лица се имаат обратено на личноста која ме придружувала во моментот за да прашаат нешто во врска со мене и искрено, премногу е навредливо. Тие лица претпоставуваат дека јас не сум способна да ги разберам и одговорам на прашањата, ја гледаат само инвалидската количка а не личноста. Реченица која многу често ја добивам е „Па лесно ти е тебе, само си седиш во количка, се возиш и уживаш...“. Порано ми беше донекаде смешна но како што растам се повеќе мислам дека е токму спротивното, дека не треба да се користи. Јас не уживам во тоа, не ми е лесно и сигурно би преферирала да можам да одам и трчам. За жал тоа не е можно па користам количка да се социјализирам, да не сум затворена дома и цел живот да жалам дека не сум „нормална“ . Навредливо прашања е и „Што не е во ред со тебе?“ што прави да се чувствувам „ненормално“ и да морам секогаш да го преформулирам прашањето или само да игнорирам дека сум навредена. Некои луѓе сметаат дека сум 24/7 приврзана за својата инвалидска количка, дека јадам, седам па дури и спијам во неа. Инвалидската количка ја гледам на начин како останатите гледаат на автомобил, велосипед или друго превозно средство па еве ве прашувам: дали вие 24/7 поминувате во својот автомобил? Претпоставувам дека не, па затоа не сфаќам зошто е толку тешко да се сфати дека јас не сум врзана за својата количка. Огромен љубител сум на мали деца, но заради својата состојба секогаш имам тешкотии да бидам прифатена од нивна страна. Секако, не се децата виновни туку нивните родители кои не ги едуцираат доволно на таа тема. Тие деца растат мислејќи дека треба да ги игнорираат лицата во инвалидска количка, дека тие се болни и неспособни. Имало и исклучоци секако, каде родителите на културен начин си ги едуцираат децата дека јас имам физичка потешкотија, дека им е дозволено да ми поставуваат прашања со цел да сфатат дека и јас сум човек како нив. Треба да се користи љубопитноста на децата за тие да не создаваат негативни мислења и од мали нозе да научат да ги прифатат сите. Постојат митови дека ние сме секогаш среќни, дека сме некој вид на суперхерој заради тоа што сме научиле да живееме со тоа што ни било дадено. Реалноста е дека секој од нас е на моменти тажен и несреќен а и нема друг начин освен да прифатиме се и да се потрудиме да имаме некаков живот. Заслужуваме еднакви права, можности како и да ни се даде шанса да докажеме што знаеме и умееме. Општеството не е изградено за нас и за жал нема многу промена во тоа, сеуште тротоарите се превисоки, насекаде има скали и нема пристапни рампи. Инфраструктурата е направена само да му одговара на нормалниот човек, спротивно од нашите потреби. Училиштата, маркетите, кината, библиотеките и уште безброј институции немаат пристап па затоа повеќето корисници на инвалидска количка не се во можност да ги посетуваат и поминуваат време во нив. Почитувам кога ми е понудена помош но тоа во никој случај не значи дека сум секогаш беспомошна и неможам ништо да направам сама. Исто така, мразам кога добивам пофалби за нешто сосема обично и лесно што сум го направила, што автоматски значи дека сум сожалувана. Не треба да бидам дефинирана и осудувана според мојот изглед туку од моите способности, во никој случај да не бидам сожалувана поради работите што не сум во можност да ги правам и да бидам третирана на понижувачки начин. Многу луѓе се плашат и да направат контакт со мене, било тоа да е обично ракување или прегратка што прави да се чувствувам многу чудно и непријатно. Како и повеќето луѓе, сакам да се дружам, уживам во свое хоби и напредувам. За жал не постојат многу места каде луѓето можат да се едуцираат околу физичките неспособности, нема доволно лица кои би ги инспирирале младите генерации и можност да се отстранат стереотипите кои само ни го отежнуваат веќе тешкиот живот. Се надевам на многу промени во блиска иднина, на еднакви права, можности, пристапност и подобар начин на живот.




292 views