top of page
Writer's pictureКултура β

Границата на реалноста и виртуелниот свет, споредена со екранизираната нереалност во „Black Mirror"

2020 како година на пандемија е време во кое речиси секој еден од нас се соочува со прашања за животот, вистината и стварноста. Пред да се случи пандемијата која нè затвори во нашите домови, никој од нас воопшто и не размислуваше за животот. Се сеќавам на конкретни моменти кога одејќи на школо сум размислувала колку брз живот живееме – трчаме по автобуси, доцниме на часови и на работа, на одмори скроламе по Инстаграм чекајќи човек со кој виртуелно ќе разговараме, ретко се гушкаме едни со други и поголемиот дел од времето го поминуваме не преземајќи ризик, ниту некаков предизвик. Меѓутоа, што би можела јас да направам за да го променам таквиот брз живот? Зарем можев нешто да преземам? И ако да, што?!

Меѓутоа, изминативе неколку месеци, сите сме сведоци на најбрзата промена која неочекувано се појави во нашите животи и не само што го успори нашето секојдневие, туку за момент целосно го „запре“ - и времето и животот и реалноста. „Нова реалност“ - така ја нарекуваат ситуацијата во која моментално живееме, затворајќи се себеси во четири ѕида.

Кога ѝ се пожалив на баба ми дека ми недостигаат сите луѓе кои сум можела слободно да ги гушкам пред неколку месеци, таа ми рече „Барем имаш Интернет, можеш во секое време да зборуваш со нив!“. И да, во право е – на Интернетот сум му благодарна што ми овозможи да видам фотографии од моите пријатели во секое време и да им пишам порака или да ги чујам кога ми недостигаат и се прашувам што прават сите мои сакани. Факт е дека годинава Интернетот игра голема улога во нашите животи и нè обединува и покрај сета далечина, па дури и ни овозможува да следиме настава од дома – нешто што не ни мислевме дека е возможно до пред само неколку месеци. Да бидеме искрени, и немаме некој подобар избор. Социјалните мрежи се најсоодветната замена за да го продолжиме животот онаму каде што ни застанал, но... Сè почесто си го поставувам прашањето колку е тесна, битна или застрашувачка границата помеѓу реалноста која сè повеќе наликува на нереалност и виртуелниот свет, во кој во ова (не)време пронаоѓаме барем малку спокојство и конекција?!

Така, додека го „губев“ слободното време на ТикТок, пред неколку дена, еден другар ми прати видео кое навистина премногу ме замисли. Накратко, во видеото е направена споредба помеѓу една епизода од познатата серија „Black Mirror“ и сегашниот момент во кој живееме (поточно, преживуваме). Станува збор за епизодата „15 Million Merits“ – епизода која го предвидува животот во иднината, во кој луѓето ѝ се робови на технологијата и речиси ништо околу нив не е живо. Главниот лик во епизодата ги поминува своите денови возејќи механички велосипед и создавајќи измислена моќ преку вложениот напор. Тој заработува „заслуги“ за својата „работа“ кои може да ги потроши на храна, паста за заби или додатоци за неговиот аватар... Луѓето во серијата изгледаат како странци едни со други, не зборуваат меѓусебе и го поминуваат слободното време сами со себе во своите соби чии ѕидови се екрани, од сите страни, и нивниот прв и единствен другар е тишината.

А која е целта на технологијата кога луѓето си се странци еден на друг? Која е целта на социјалните мрежи кога луѓето и покрај тоа што си пишуваат едни со други, никогаш не знаат како навистина се чувствуваат? Дали, од денешна гледна точка, некој би можел да ја разграничи реалноста од нереалноста? И во право ли се оние кои велат дека треба да се навикнеме и што побргу да го прифатиме новото време со нови закони на живеење? Седејќи во моите четири ѕида, чекајќи барем некој да ми пише и да ме праша „како си?“ и гледајќи само слики од сите мои пријатели, невозможно е да се чувствувам убаво, смирено или утешено и невозможно е да не се споредам со главниот лик на „15 Million Merits“.

Осамен и исфрустриран од бесмислениот живот кој го живее, тој се охрабрува да ѝ пријде на девојката која, за чудо, го привлече кога случајно ја слушна како пее во тоалет. Ѝ ги предложува своите 15 милиони заслуги за да се пријави на музичкото талент-шоу и кога таа се двоуми дали треба или не треба да го прифати неговото наследство, тој го опишува нејзиниот глас како „единствената реална инвенстиција“. Но, како и сè друго во нивните животи, и шоуто е измислица која во реалноста е многу поинаква од она што ни е прикажано на малите екрани. Гледајќи како неговата симпатија паѓа во рацете на лажната ТВ-реалност, тој не може да си прости себеси за влијанието и за одлуката кои ѝ ги наметна. Беснеејќи во својата соба, тој сфаќа дека за да успее во музичката кариера, девојката ќе биде приморана да прифаќа недолични и неморални предизвици кои никогаш нема да ѝ бидат прикажани на публиката. Зарем не е тажно? Зарем не е разочарувачки фактот што дури и нашите идоли, живеат живот со поинаква позадина, која ние никогаш нема да ја видиме на екраните во нашите соби? И, зарем можеме и смееме да се споредиме со виртуелниот свет во кој навидум секој е среќен и задоволен?!

Не знаејќи што да прави, тој повторно се труди да заработи 15 милиони заслуги. Зошто? За да купи втор билет за истото талент-шоу кое целосно го промени животот на неговата пријателка. Се пробива, како на филм, и стоејќи пред лажната публика и безобразните судии (кои, исто така, кријат своја приказна која им се чита од очите), тој „врескајќи“ и плачејќи им ги кажува сите мисли кои го мачат и за кои размислува. И додека тој ги осудува за изместените вредности и за неубавиот живот во кој живее, тие во него гледаат посебен талент и автентичност. И погодете што се случува понатаму?! Веќе во следниот дел од епизодата и тој станува играчка на технологијата и дел од системот кој претходно го мразеше. Тоа само покажува дека луѓето, иако 100 % свесни за лошото влијание на технологијата, се дел од неа и исто како што таа им влијание, носејќи им пари, слава и внимание, и тие ѝ влијаат на неа и на нејзиниот сè поголем развој.

Можеби, длабоко во себе, сите сме свесни дека ништо од екранизираната реалност не е вистинско и не е човечко, колку и да ни претставува помош во тешки времиња како денешното. Меѓутоа, епизодата ни дава една моќна порака дека општеството навистина не е далеку од моментот кога технологијата целосно ќе нè заслепи. Најискрено се надевам дека нема уште долго да бидам сведок на време во кое човечкиот допир е луксуз, одлуките се носат под голем притисок, а животот е само привидение. Се надевам дека кога навистина ќе помине кризата со коронавирусот, сите ќе ѝ се вратиме на вистинската природа и нашите екранизирани соби ќе служат само за спиење. А животот!? Животот ќе биде резервиран само за уживање!

Comments


bottom of page