top of page

ДАЛИ МАТУРАТА ЌЕ НÈ ПОДГОТВИ ЗА ИСПИТОТ НАРЕЧЕН „ЖИВОТ“?!

Writer's picture: Култура βКултура β

Го нарекуваат и испит на зрелоста – матурскиот испит, како завршен дел од големата приказна наречена „средно образование“. Да ми речеше некој дека толку бргу ќе дојде времето кога треба да се подготвувам за матура, немаше да му верувам само поради тоа што времето денес наликува на „машина“ која запрела да работи. Наликува, велам, зашто сепак времето лета и деновите нè носат сè поблиску до тестирањето на сето знаење од досегашниот ни живот.

Иако 10 февруари, денес ни е трет ден од второто полугодие поради бојкотот за намалување на бројот на предмети кои треба да се полагаат за матура. Не само што ние, матурантите, сме првата генерација која годинава ја слуша наставата од дома – туку сме и првата генерација која целосно ја „пропушта“ долгоочекуваната четврта година заедно со сите нејзини убавини и предизвици. Не можеме да се споредуваме со претходната генерација, која ги загуби последните три месеци бидејќи тогаш целата ситуација и сè друго беше непознато, но мислам дека ние сме генерацијата која губи многу повеќе од тие три месеци. Можеме само да се преправаме и да кажеме дека онлајн наставата е функционална и фер, а искрено и немаме ниту подобар избор, ниту подобро решение.

Покрај сите дискусии дали треба или не треба да се полага матура, дали материјалот да биде скратен или не и дали треба да се намали бројот на предмети, едно од главните прашања што би сакала да го поставам е: дали матурата ќе нè подготви за големиот испит наречен „живот“?!

Доаѓајќи од гимназија каде се учат многу предмети и речиси сè е подеднакво важно, може да се каже дека и јас и моите соученици имаме доволно добро знаење и поткрепени сме со многу информации и вештини за да го продолжиме животот и да бидеме успешни во сето тоа што сме го планирале. Прочитаните лектири, дискусиите за време на часовите, писмените работи, домашните задачи и проектните активности и презентации имаат моќ да ни ги отворат очите и да нè насочат во најразлични правци кои се дел од животот. Среќна сум што тоа е така, но исто така сум и свесна дека (за жал!) не секој ја има таа можност. Образованието на нашите простори не е еднакво за сите и само по себе, не е доволно.

Речиси неизбежен дел од средношколскиот период се и воннаставните активности. Многу деца ги користат вештините стекнати од вонучилишните обврски, многу повеќе отколку научените факти кои веднаш по тестот се забораваат. Курсевите по англиски, германски или француски јазик, невладините организации, клубовите за дебата или уметност и различните самоиницијативи се само дел од можностите кои ги имаме денес и помагаат да се освестиме, да се едуцираме за современи теми и проблеми, да разговараме со врсници од целата земја и да направиме барем мала промена.

Ако ги ставиме на страна и формалното и неформалното образование, работата на себеси би била победник. Познавам многу деца кои не се одлични ученици и никогаш немале супер оценки, но имаат огромно знаење од општа култура – од сите изгледани серии и квалитетни документарни филмови, до сите прочитани книги од познати и не толку познати писатели и мислители.

Па, така, матурата дефинитивно нема никаква моќ да нè подготви за иднината или да ја испита нашата зрелост и знаење. Има многу повеќе од тоа и треба да се подготвуваме за животот што само што започнува. Од истите тие причини, би им кажала на моите читатели да не се грижат дали ќе има два или четири предмети за матура бидејќи на крајот денот, матурскиот тест е само еден од многуте тестови со кои сме се соочиле изминативе години. Учете за себе и трагајте по сè поголемо знаење затоа што никој и ништо не им може на образованите и начитани луѓе. Матурата ќе дојде и пројде, знаењето и стекнатите вештини остануваат засекогаш со нас!

Commenti


bottom of page