Долго време мислев дали јас треба да ја напишам колумнава или не, дали сум доволно едуцирана или сепак треба да читам и слушам многу повеќе мислења за да си оформам свое, дали ќе бидам точно или погрешно сфатена од читателите. На крајот од денот си реков на себеси дека сепак ќе го послушам срцето и ќе го напишам тоа што навистина го мислам и чувствувам. А, самата колумна е посветена на сите жени, девојки, девојчиња – жртви. Жртви на криминални групи, жртви на неправдата што им се случува бидејќи во еден период од животот ѝ верувале на некоја личност, жртви на фрустрациите од неостварената љубов, жртви на недостатокот од почит и емпатија, жртви на семејните вредности, ставови или тензии и жртви на општеството во кое живееме дури и во 21 век.
„Немате идеја што значи да се биде жена“ – вели Daphne од серијата „BRIDGERTON“. Серијата, сама по себе, е далеку од совршена, но барем се обидува да претстави неколку различни профили на жени кои се обидуваат да се пробијат низ општеството прифаќајќи или отфрлајќи ги улогите кои им се наметнати од општеството во кое живеат. Иако дејството се случува во 19 век, серијата го рефлектира светот во кој живееме и ден – денес.
На кратко ќе ви раскажам за неколкуте жени од BRIDGERTON, секоја жртва на свој начин. Daphne навидум подготвена го прифаќа традициолниот пат зацртан пред неа, но во суштина таа воопшто не е подготвена за предизвикот наречен „брак“ и нема дури ни основно знаење за животот во брачна заедница. Од друга страна, исклучително интересен лик е и нејзината сестра Eloise која ни малку не е заинтересирана да најде сопруг, напротив – таа сонува да оди на факултет и да патува низ целиот свет, ослободена од „бизарните ритуали“. Во нејзините очи и зборови во секој момент од серијата се забележува револт бидејќи знае дека остварувањето на нејзините желби е речиси и невозможно за неа. Нејзината најдобра другарка Penelope, пак, е свесна колку е паметна , но и ограничена од општеството. Од друга страна е вљубена и романтична. Би можело да се каже дека таа е жена пред своето време, носејќи ја улогата на анонимна писателка на весници која има моќ да го промени јавното мислење и од која дури и кралицата се плаши! Marina Thompson доживува бременост надвор од бракот – од околината во која престојува е критикувана, исмевана и понижувана, приморана да престане да верува во вистинската љубов и да се омажи лажејќи само за да го прикрие нејзиниот „срам“. Тие не се единствените жени во серијата, има и други кул ликови кои ми се допаѓаат многу повеќе од нив, но се добар почеток за да стигнам до посакуваната поента.
Покрај претходниве примери, и во серијата, и во реалниот свет, има многу други девојки кои се жртви на преголем број ситуации за кои не се виновни. Размислете, насекаде околу вас има примери за жени: навредувани, искористени, излажани, избегнувани, критикувани, неподготвени, обесправени, отфрлени, неприфатени, комплицирани, неслободни, ограничени, зависни...жени со наметнати ставови и задушени амбиции, жени кои немаат право да одлучат кого и како ќе сакаат или со каков човек смеат или не смеат да бидат, жени на кои секој се осмелува да им каже што треба или мора да прават... И сите жени, на каков и да е начин (за сите жени различен) се замолчувани. Издвојувам уште еден заклучок од Daphne: „Ако има нешто што ние како жени го споделуваме заеднички, тоа е молкот и тишината“ и истовремено во главата си поставувам безброј прашања кои започнуваат со „зошто“ и за кои никогаш нема „зашто“.
Ќе бидам искрена и ќе кажам дека во последно време бев навистина изолирана од реалниот свет, не следејќи ги трендовите и не читајќи вести. Луѓето со кои јас одбирам да бидам опкружена, и мажи и жени, знаат за еднаквост, љубов и почит и од истата таа причина, мислев дека повеќето луѓе во светот се сосема напредни во размслувањето. За жал, судирот со реалноста е потежок отколку што очекував! Замислувам на колку примитивно ниво се луѓето кои се осмелуваат да препраќаат туѓи фотографии и не само фотографии, туку и лични телефонски броеви, адреси на живеење и што ли уште не. И замислувам уште колку многу луѓе постојат кои ги бранат и поддржуваат тие чудни ликови со неразбирлива желба некому да му наштетат или да му го загрозат животот. Не само што премногу се згрозив дознавајќи за групата и за нејзиното постоење и една година по минатогодишниот „инцидент“, исто толку се згрозив од недоличните коментари кои ги прочитав и не можев да ги сфатам. Да не се разбереме погрешно, ќе бидам подеднакво згрозена ако слушнам дека и жени им го сториле истово ова на мажи бидејќи самиот чин на препраќање фотографии и лични информации е нечовечки.
А, што се однесува до фотографиите? Мислам дека во 21 век, секој е слободен да прави што му душа сака и никој не заслужува да биде критикуван и понижуван за тоа (секако, сè додека не повредува нечии чувства, достоинство или не уништува туѓи животи)! За жал, многу време ќе треба дури тоа да стане навистина така. А, до тогаш?! До тогаш би им кажала на сите жени на светот дека се неверојатни, прекрасни, паметни, вредни, сакани, инспиративни и храбри!
И за крај, драги жени, и покрај тоа што има огромен број на луѓе кои ве осудуваат, исто така има и голем број на луѓе кои ве поддржуваат и ве сакаат такви какви што сте, со сите убави и не толку убави карактеристики, спомени, одлуки или животни избори. Истите тие луѓе ќе бидат покрај вас и во молк, и низ револуција. А, револуцијата, тивка или гласна, верувам дека еден ден ќе ги казни сите кои ја злоупотребиле вашата доверба или слобода!
Драги жени, не сте сами и во никој случај не сте виновни!
До поубави времиња и посреќни колумни,
Ана.
Σχόλια