Зошто младите се плашат да зборуваат за својата емоционална состојба со стручно лице?
Денес, низ зборовите на Алберт Ками: „Човекот е единственото суштество кое одбива да биде она што е.“ ве предизвикувам искрено да си одговорите како навистина се чувствувате.
Механичкото одговарање на прашањето „Како си?“ индиректно го претворивме во тренд кој верувам дека тешко би можеле брзо да го отстраниме. „Па...добро, ти?“, „Топ, ти?“, „Супер, ти?“ – се типичните одговори што јас и ти би ги дале; но, дали некогаш би ни дошло на памет да броиме колку пати на ден лажеме, базирано единствено на одговорот на ова секојдневно, недоволно суштински третирано прашање....?
Сè почесто и почесто успевам да се најдам во ситуација каде младите во моето опкружување зборуваат за нивната осаменост, демотивираност и страв; иако никогаш не се сами, иако концизно го имаат испланирано текот на следните две години од својот живот, и иако секогаш тие се оние кои ги охрабруваат и тешат другите околу нив. Па, зошто овие проблеми упорно ги идентификуваме како безначајни? Зошто упорно молчиме за виорот на непознати емоции во нашата душа и мисли во нашиот разум...? Недоволна едуцираност? Па, не би рекла.. согледувајќи по бројот на „story“-ња што ги споделуваме на социјалните медиуми за менталното здравје на познатите амерички ѕвезди, нели? Страв? Срам? Дефинитивно да. Реалноста е дека негативната стигма околу менталното здравје е сè уште мошне распространета во нашата држава. Чекорот до признавање на тоа дека на младите им е потребна стручна помош е голем предизвик. Зошто? Суштински, поради фактот дека во општеството и помеѓу останатите млади ќе бидат категоризирани како „луди“, неспособни да ги решат своите „мали“ проблеми самостојно. Оттука, силно верувам дека токму овој страв што прави некоја индивидуа да биде знаена како „понеспособна“ е клучната причина зошто македонската младина не бара стручна помош.
Неодамна, наидов на еден видео запис која на ироничен начин одговара на прашањето: „Што би било ако зборуваме за физичкото здравје на истиот апсурден начин на кој зборуваме за менталното здравје?“
Во видео записот се сретнува следниов од многуте кратки разговори:
А: Земаш уште една доза инсулин?!
Б: Ммм, да, па морам.
А: Дали некогаш си помислил да ги отфрлиш фармацевтските производи и да го третираш/лечиш ова на природен начин?
Б: Мојот дијабетес?
Лечење дијабетес на природен начин? Токму така...
Кога сме настинати, повеќето од нас не се двоумат да појдат да побараат стручно мислење. Вообичаена практика е да се третираат симптомите на настинка или грип, особено сега – во време на пандемија. Но, што е со симптомите кои алудираат на емоционална нестабилност? Несомнено, мошне мал дел од македонската популација, а особено младите, го третираат своето емоционално здравје на начин на кој го третираат своето физичко здравје. Задолжително е да се има свој личен тренер во теретана, но кога ќе кажеш дека имаш свој личен терапевт мноштво луѓе ќе почнат да те гледаат и третираат на сосем различен начин, кој за жал не е од перспектива на позитива. Па зошто јас или ти би сакале да имаме личен терапевт, кога тоа би било причината нашите „блиски“ пријатели да нè осудуваат, или уште полошо: одбегнуваат...?
Стигмата за менталното здравје што е присутна во македонското општество ги тера младите кои веќе се свесни за својата емоционална нестабилност да се чувствуваат уште полошо, почудно или да се срамат затоа што, како што вели францускиот егзистенцијалист, тие „се единственото суштество што одбива да биде она што е“. Да се дообјаснам: не велам дека треба да ја прифатиме својата емоционална нестабилност и да живееме со истата, напротив, сакам да посочам дека игнорирајќи ја нејзината присутност истата може да се насочи кон многу полоши патишта: прераснувајќи во сериозни ментални нарушувања. Голем дел од луѓето кои се свесни за вистинитоста на емоционалната нестабилност и менталните нарушувања верувам дека можат да укажат на апсурдноста за стигмата на менталното здравје во нашето општество.
Сметам дека друга стереотипична причина зошто младите се плашат да побараат стручна помош за нивното ментално здравје е заблудата во врска со нивната дијагноза. Дури и јас самата, пред доволно да се едуцирам, сметав дека откако некоја индивидуа ќе биде дијагностицирана со емоционално нарушување, истото тоа нарушување би се задржало засекогаш, бидејќи таа личност едноставно е родена со тоа специфично нарушување. Да, можно е да постојат случаеви кога емоционалното нарушување е вродено, но во повеќето останати случаеви ставот дека дијагнозата на дадена личност ќе се задржи засекогаш и дека никаков вид на терапија не би помогнал во лечење на истата, сакам да вервам дека е неточен. Не сум ни приближно експерт во областа за со сигурност да кажам што и да е за оваа тема. Па, затоа моите ставови се главно базирани на пишаниот збор прочитан од стручна литература и директна изложеност во моето општество на живеење. Националната Алијанса за Ментална Болест посочува дека помеѓу 70% и 90% од оние кои се дијагностицирани со емоционално или ментално нарушување успеваат да се опорават.
Свесна сум колку застрашувачки звучи: „Посети терапевт.“, особено ако си тинејџер или во своите дваесетти. Но, доколку успеа да стигнеш до самиот крај на оваа колумна, те сметам за љубопитна и свесна индивидуа за не толку зборуваните, а мошне значителни теми во нашето општество. Сакам да верувам дека после читањето на овој текст ќе успееш на некој начин да се разубедиш да почнеш да се грижиш за својата емоционална, психолошка и социјална благосостојба. А начинот на кој преферираш да го правиш тоа е тотално твоја самостојна, независна одлука.
Е па, за крај се надевам дека ќе успееш искрено да си одговориш: „Како си? “
Commentaires