Го пишувам ова на 12.10.2021. Пред точно еден месец стигнав во Варшава, градот каде сега живеам сама и ќе живеам во наредните 3 години. Во превод, веќе цели 30 дена сум во странство, на точно 1657 километри од дома. „Како ти е таму Калина?“ Е, вака како што ќе кажам сега.
Половина фамилија ми се наоѓа тука. И баба и дедо и тетки и чичковци и братучеди и семејни пријатели. Не сум сама. Имам помош. Знам јазик. Живеам во свој стан. Сѐ ми е наредено и според некоја логика на нештата, сѐ треба да оди како подмачкано зашто околностите се погодени. А, некако не оди баш така. Може и не треба да оди.
Научена и навикната сум во животов да ми биде лесно, сѐ да ми тргнува без проблем и сѐ да ми е „хаха“ и „хихи“. Свесна сум и благодарна за личните околности поради кои можам да ги имам тие привилегии. Па така, како вистинско разгалено дете на кое секогаш сѐ му се пружало, одеднаш постојат пречки на патот и мене ми се чини како да е крај на светот! Но, секоја планина – своја тежина, па можеби и иронизирање на тоа што го чувствувам како крај на светот не е правилна реакција (или е можеби само одбранбен механизам?). Не е страшно и нема ништо да ми се случи ако си признаам сама на себе (а преку колумнава и на светот) дека транзицијата која ја доживувам не ми е лесна.
Како да ми биде лесно кога си го напуштив домот кога сѐ беше така како што треба да биде? Како да ми биде лесно кога во Скопје имам најубав стан, родители, сестра, баба, вујко, другари, љубов, мои места и мои луѓе и моја репутација и живот и пријателства и односи и кариери и активности кои сум ги градела со години и години? Како да ми биде лесно кога сѐ што знам и сакам напуштам баш кога тоа сѐ што го знам и сакам е најубаво што некогаш било? А, што ако можеби е најубаво што некогаш било затоа што го напуштам? Не знам. Ама знам дека и со околности погодени како моите, и со државјанство како моето, и со баби и дедовци и со познавање на јазик и култура, пак не е лесно и не може да биде. И нема ништо погрешно во тоа!
Во Варшава сум била многу пати пред да се преселам, а пак и пак и пак не можам да се навикнам на нејзината големина. Сѐ ми е предалеку и сѐ ми е хаотично и сѐ ми е брзо, а постојано зборувам за тоа колку сакам динамичност. И сакам, но како да се навикнам на овие огромни улици и огромни згради и огромни метроа и трамваии и автбуси и оваа големина, а притоа да не се чувствувам толку мало и неважно? Како да стојам пред Pałac Kultury i Nauki (нештото по кое веројатно ја препознавате Варшава) и да не се чувствувам како само една мала точка без никаво значење во Универзумов? Како да се навикнам дека кога излезувам на улица веќе не гледам ниеден познат човек?
Ќе излажам ако кажам дека се навикнав или дека ќе се навикнам во скоро време. Нормално дека нема. Ама можеби во тоа е и проблемот. Не треба да се навикнам на новиот живот и на сите работи кои не се како дома. Треба да створам нов живот. И творам. Почнав со студии. Почнав со журки. Учам персиски. Имам предмети поубави и од она што сум сонувала дека можам да го имам. Го учам тоа што го сакам и тоа во што сум добра и свесна сум за мојот потенцијал и истиот е и препознаен и почитуван. Секојдневно сум со луѓе кои доаѓаат од земји и култури кои немаат никаква врска со она што го знам. Учам за нив, ама и тие учат за мене и за моето Скопје и мојата Македонија. Учам во која продавница треба да пазарувам за да биде и квалитетно и евтино. Научив да перам! Се обидувам да чистам секој ден, дури и работи кои не сум мислела дека се чистат секој ден. Од Икеа купувам работи чие постоење не сум го изрегистрирала никогаш претходно. Кој би рекол дека ќе морам да мислам на подметнувач за топло?! Конечно користам јавен превоз (кој е совршено организиран). Динамичен ноќен живот постои и во текот на неделата. Јадам веганска сириска храна. Ќе си купам грамофон. Научив да одам во банка и во институции и да разговарам со тетки и чичковци во администрација. Дури и белото небо и одвратното варшавско време не го почувствував, зашто додека последниве 10 дена во Скопје врне без престан, тука не престана да грее сонце.
До сите мои познати или непознати кои чарето си го бараат надвор во моменти кога образованието дома се сведува на забранување на книги и учебници како најголема опасност за децата: ќе нѐ биде. Нема да се навикнеме, туку ќе створиме нов свет.
Comments