Единственото битно нешто беше ти... Ми недостига дента кога го видов твоето име на големиот екран, а ти моето. Ми недостига дента кога за прв пат го чув твојот глас, а ти мојот. Дента кога за прв пат ги искажавме нашите ставови на зададената тема за тој час. Кога моите ставови се поклопуваа со твоите како делчиња од една сложувалка. Делчиња, толку различни, но во исто време толку исти, делчиња кои едно со друго се дополнуваа. Од таму почна нашето заедничко сложување на таа сложувалка. Ми недостига првиот пат кога го слушна моето смеење и го нарече слатко. Ми недостига првата порака која ми ја прати, пораката која толку многу ја чекав и посакував. Сè уште се сеќавам на таа возбуда и анксиозност која ја имав додека барав соодветен одговор на твоето прашање поврзано со делото „Госпоѓа Даловеј” од Вирџинија Вулф, која сè уште ја немав дочитано.
Уште го паметам денот кога моето омилено дело ,,Среќен Божиќ господине Лоренс” од Сакамото го нарече совршенство. Си помислив па не е можно да сме исти. Тој ден почнав со прашања да истражувам подлабоко за тебе и твоите интереси, и ти го направи истото. Насмевка ми се оформува на лицето кога ќе помислам колку и двајцата бевме истовремено изненадени и преплашени од нашите сличности. Го паметам нашиот прв тврдоглав разговор, кој двајцата нè задржа будни до еден часот по полноќ. Честопати ќе се фатев на дело, како ми се оформува насмевка на лицето кога ќе го прочитав твоето име на нотификациите на телефонот. Го паметам тој страв кој го осетив кога ме повика да излеземе еден викенд, и покрај тоа што пораката беше другарски настроена.
Се сеќавам на пораките кои ти ги испратив кога бев под дејство на четири чаши вино. Кога се смешкаше на пратените говорни пораки кои немаа никаков редослед ниту смисла. Никогаш нема да ја заборавам таа облачна сабота кога првпат те видов. Се сеќавам со колкава тешкотија пешачев, бидејќи осеќав како мојот страв и анксиозност ми ги влечат нозете во обратната насока. Но кога те видов целиот тој страв се стиши, и се беше толку природно. Од моментот кога првпат те прегрнав до моментот кога си кажавме довидување, ништо околу мене не ме засегаше. Во тие четири часа единственото битно нешто беше твоето присуство, единственото битно нешто беше ти...
Comments