top of page
Writer's pictureКултура β

„ЕУФОРИЈА“ ВО СВЕТОТ НА ГЕНЕРАЦИЈА Z: НИКОГАШ НЕ СТЕ САМИ!

Беше последен ден од летен распуст кога ја пуштив првата епизода од серијата „Еуфорија“. Изгледав само 5 минути од истата и си реков „Знаеш што, Ана, сега нема да ја гледаш серијава!“ Иако долго време слушав за „Еуфорија“ и конкретно за ZENDAYA, баш беше кул тренд во очите на повеќето мои другарки и особено се зборуваше за неа на еден скопски филмски фестивал на кој учествував. Но, во моментот кога ја пуштив, знаев дека не е вистинскиот момент за да се впуштам во нејзината убавина.

Неколку месеци подоцна, би можела со сигурност да кажам дека немам гледано серија која е естетски поубава и попривлечна. Кинематографијата е толку добра што не можеш да одвоиш ни една секунда за да погледнеш на страна затоа што, секако, ќе пропуштиш нешто битно. А, приказната?! Приказната (или еве, да речеме, повеќето испреплетени приказни низ серијата) – е речиси совршено отсликување на цела генерација тинејџери. Растреперување на душата, исцрпување на умот, преиспитување на себеси, потсетник да ги прашам блиските (па, и не толку блиски) пријатели „еј, како си?!“ и неизбежен дел од реалниот живот на повеќето тинејџери денес.

Да ја гледаше мајка ми серијата ќе ми речеше „не е реално ова“ или можеби ќе речеше „внимавај што гледаш на интернет!“. А јас баш ѝ ја предложував зашто знаев дека ќе се отворат многу дисксусии со сосема спротивни мислења и општествени убедувања и верувања. Ајде на кратко да заборавиме на родителите - би сакала преку текстчево пред сè да „поразговарам“ со мојата генерација Z.

Дефинитивно, серијата е симбол на „зависност“. Зависност од дрога, зависност од љубов, зависност од пријатели. Но, ќе навлезам подлабоко во секоја од трите споменати зависности и не, нема да ги оправдувам, ниту ќе ги обвинувам – туку ќе се обидам да ги разберам, поврзувајќи ги со себе и, секако, со луѓето на мојот живот или од моето опкружување.

Прво, еуфоријата „се врти“ околу еден круг средношколци кои се дел од едно навидум обично опкружување, живеејќи типичен средношколски живот. Но, во суштина, сите случки и ликови се многу повеќе од обични и заслужуваат внимание, исто колку и разбирање или барем емпатија.

Дали епизодите се премногу драматични и романтизирани? Не! Можеби сè изгледа претерано и гадно, болно и ненормално, опасно и страшно, но многу тинејџери низ целиот свет се соочуваат со истото тоа што е прикажано во серијата – почнувајќи од зависноста од дрога која не само што предизвикува болка кај главниот лик и не само што е причина за преголема грижа и лошо влијание врз семејството, туку е и многу нездрав начин кој во одреден момент од животот наликува на „лек“ за справување со болката, тагата, депресијата и помош при бегство од реалноста. Ајде да зборуваме за тоа!

Зарем читајќи го ова, не помисливте барем на една личност во вашиот живот (или барем познаник/познаничка) кој/а преку дрогата се обидувал/а да се спаси или оттргне од своите внатрешни битки?! Ако не ви текнува на таква личност - отворете ги очите и ѕирнете во реалноста. Од друга страна, пак, зарем девојченце кое гледа како татко ѝ пополека умира покрај неа, може да се запраша себеси зошто и како апчињата ќе ѝ го променат животот и ќе ја доближат до смртта?! Секако дека не. Некои донесени одлуки, особено кога сме деца, се случуваат спонтано, без размислување, како што постарите би рекле „под влијание на ѓаволот“.

Меѓутоа, наместо да ја романтизира дрогата, „Еуфорија“ предизвикува чувство на гадење. Сакам да верувам дека сите кои ќе ја погледнат одблизу состојбата на RUE, ќе имаат предзнање за штетниот ефект на апчињата, последиците и влијанието врз здравјето, семејството, односот со пријателите и ќе размислат пред да му дозволат на „ѓаволот“ да завладее во нивното тело. Тоа е можеби и главната порака, ако знаеме да читнеме меѓу редови.

Освен зависноста од дрога, испреплетени се и зависноста од љубов и пријатели. Ако ми речат да го заменам зборот „зависност“ со некој посоодветен збор, во овој контекст би го употребила зборот „потреба“. Потреба од психичка, но и физичка љубов, вистински пријатели, чувство на заштита, разговор, тишина, прегратки, вистински емоции... Пријателството на RUE и JULES е далеку од совршено, ама тоа дефинитивно носи топлина и спокој во нивните животи. Тоа можеме да го забележиме уште првата ноќ, кога тие заспиваат заедно – во тој момент тие не знаат ништо една за друга, но и на двете им е потребна прегратка и рамо за плачење. Би поставила само едно прашање, дали и до кој степен треба да им веруваме на нашите другарки и другари?!

Ние, како генерација, сме дел од дигиталната ера и виртуелно имаме премногу пријатели кои навидум нè разбираат и ни даваат поддршка, но во животот сме минале многу непреспани и осамени ноќи во кои не сме можеле да им кажеме како и што чувствуваме. Ние сме навикнати на фактот дека емоциите „никако не смеат да се покажуваат“! Секој лик од серијата на свој начин се справува со потребата од љубов и внимание која се собирала од нивното детство, па сè до нивните 17-ти години.

А, токсичните љубовни врски, особено меѓу CASSIE и MCKAY или меѓу MADDY и NATЕ, се доказ дека многу средношколци не се ни свесни и не ни знаат како да го препознаат отровот на љубовта, дури и кога станува збор за насилство, психичко или физичко малтретирање. Тука се „натрупуваат“ неколку прашања: Дали вреди човек да се жртвува за љубовта? Кои се знаците на токсична љубовна врска? Како и каде се пријавува насилство во врската? Дали девојчето треба целосно да му се препушти на својот партнер и до кој степен треба да му верува? И дали и колку се (не)безбедни социјалните мрежи и апликациите за поврзување...?!

Освен љубовните врски и пријателството, битно е да се спомене и семејството како „траума“ во животот на ликовите. Не секој дом е безбедно место за живеење и не секое семејство дава неизмерна поддршка и љубов. На крајот од денот, никој и не може да си го избере своето семејство. А во „Еуфорија“ се претставени и родители – зависници, алкохоличари, распуштеници, како и најстрашното сценарио „татко-педофил“.

А дури и семејството да е навидум добро место за живеење, постојат и ликови како KAT HERNANDEZ, на кои средината во која живеат целосно ќе им го промени животот - срамежливата невина девојка која до крајот на серијата станува отворена за сексуални средби и заработува многу пари со нејзиниот женски шарм, „продавајќи“ го на Интернет.

И така, ако сте сè уште тука, би требало да знаете за каква серија со какви комплексни ликови станува збор. Ако вие, како тинејџери, не се пронајдовте во НИТУ ЕДЕН од напишаните зборови, тогаш треба да бидете повеќе од среќни и задоволни. А и ако се пронајдовте во текстот, пораката за вас е дека никогаш не сте сами во животот. Насекаде низ светот, можете да пронајдете души кои поминуваат низ истите проблеми за кои вие можеби мислите дека се ваши и само ваши. Не! Никогаш не сте сами!

Се сеќавате дека за серијата реков дека е речиси совршена? Е, да, единственото нешто што би го издвоила како неубаво и непристојно од „Еуфорија“ се непотребната голотија и порнографија – нешто што не го поддржувам и ценам и нешто што не сакам да се нормализира. Крај на приказната, нема ни да објаснувам зошто и како порнографијата е штетна за секој човек, особено за децата и тинејџерите.

Би завршила и со порака до родителите: разговарајте со вашите дечиња, кога се среќни или тажни, кога се смеат или плачат, кога се вљубени или осамени, кога молчат. Живееме во време во кое генерациските разлики се повеќе од големи и битни за секој од нас. Никогаш нема да знаете до кој степен сте пријатно влијание, меѓутоа понекогаш можеби сте и најголемата „траума“ во нивниот живот.

И, за крај, голем број луѓе го застапуваат ставот дека „Еуфорија“ го постигна тоа што „13 reasons Why“ се обидуваше да го прикаже. Се согласувам потполно! Меѓутоа, „13 reasons Why“ ја гледав во моето деветто одделение...знаете, па и не беше баш добар избор во тој момент. Затоа, ако нешто би сакала да им порачам на моите читатели, тоа е да внимаваат и да го изберат вистинското време од животот за гледање на одредени серии или филмови. Како и за сè друго во животот!

Comments


bottom of page